Силувањето како воено оружје

16.06.2009 13:40
_44_____.jpg

Сексуалното насилство е сурова реалност во Демократска Република Конго, земја опустошена од војна: десетици илјади жени и деца биле силувани во регионот само минатата година.

Панзи болницата во градот Букаву во источниот дел на ДР Конго е специјализирана за грижа на жртвите од силувања. Иако Панзи има 350 легла, мора предвреме да ги праќа жените дома, пред да бидат целосно закрепнати, бидејќи непрестајно доаѓаат нови.

Стапката на сексуално насилство врз населението на источно Конго се зголеми во катастрофални размери за време на минатата деценија. Невладината организација Medecins Sans Frontières (Лекари без граници) известува дека 75% од сите силувања во светот се случуваат во источно Конго. Според податоци од УНИЦЕФ и од медицински центри поврзани со оваа меѓународна организација, за првите 10 месеци од 2008 г. биле пријавени 18 505 сексуално злоставени луѓе, од кои 30% биле деца. Оваа година ситуацијата се влошува повеќе, бидејќи Канцеларијата на ОН за Координација на Хуманитарни Проекти соопштува за голем раст на сексуалното насилство и силување во источно Конго.

Меѓутоа, пријавените случаи претставуваат само мал дел од целокупната бројка силувани - бидејќи огромен број случаи остануваат непријавени. Жените се плашат дека ќе ги изгубат сите изгледи за мажење или дека сопрузите ќе ги напуштат доколку дознаат дека биле силувани. Во други случаи, заканите од повторување на делото - поддржани од можноста сторителите никогаш да не бидат казнети - ги обесхрабрува жените да проговорат гласно.

Повеќето од завојуваните страни во судирите во источно Конго, вклучувајќи ја и армијата на Конго, Хуту бунтовниците од Руанда, како и Тутси бунтовниците од Конго, го користат силувањето како оружје во војната. Дури силувањето стана составен дел од конголското граѓанско општество и широко се употребува за да се одредат односите на моќта. Мажите и тинејџерите не силуваат само жени и девојки од сите години, туку силуваат и други мажи или момчиња. Се проценува дека 90% од малолетните затвореници во источно Конго се осудени за силивање, според невладината организација North Kivu Provincial Subcommission on Sexual Violence.

Сексуалното насилство може да биде подеднакво разорно како и вооруженото. не ги уништува само телата на жртвите туку и основните социјални ткива на локалните заедници, и ги потхрануваат вооружените судири кои го уништуваат источно Конго. За спроведување на мирот е потребно систематско затворање на воените и цивилните силувачи со цел да се спречи културата на неказнување која го промовира сексуалното насилство.

Но воените и цивилните власти на Конго покажуваат слаба волја во гонењето на сексуалните злосторници. Плус, на армијата на Конго, како и на цивилните судови им недостасува капацитет, кредибилитет и политичка неутралност за ефективно и праведно да ги судат ваквите злосторства. За успешно справување со казнувањето на сексуалните престапници потребен е консолидиран пристап кој ќе вклучува и меѓународни и домашни правни механизми.

Меѓународниот криминален суд (ICC) мора веднаш да започне со издавање налози за апсење за постарите команданти кои го користеле сексуалното насилство како воено оружје, бидејќи тој е задолжен за воените злосторства, злосторствата против човештвото и дела кои тежнеат кон геноцид. Меѓутоа, ICC не може сам да се справи со сите случаи. Потребно е широко засилување на реформираниот правен систем на Конго на кој населението може да му верува и да му се обраќа, опремен со соодветен и обучен персонал кој ќе сака да ја спроведе правдата. Исто така, мора да се зголемат казните за сексуални злосторства, да се зачестат апсењата, притворот и судењата на сторителите.

Властите од Конго исто така треба да преземат чекори за спречување на сексуалните злосторства пред да се случат. Овие чекори вклучуваат спроведување соодветни војнички дисциплински мерки, задржување на принципот на ланец на командна одговорност, истренирани трупи кои категорично ќе се борат за спречување на сексуалното насилство против цивили, разбивање на митовите кои ги потхрануваат обидите за силување и евакуирање на жените и децата кои се под закана на сексуалното насилство.

На 1 април годинава ОН лансираа стратегија за борба против сексуалното насилство во Конго. Но оваа стратегија, како и останатите препораки за судски реформи и спречување на силувањата можат да останат само празни зборови во отсуството на целосен ангажман на сите нивоа на цивилната и воена хиерархија на Конго.

Доколку сакаме да ја завршиме непрестајната лента на жени кои пристигнуваат во Панзи болницата, не смееме да ја свртиме главата на друга страна. Западните донаторски земји мораат да го извршат неопходниот притисок врз армијата на Конго и цивилните власти, и да побараат правни но и политички казни за продолжувањето на насилствата во источни Конго, притискајќи ги силно сè додека не се преземат соодветните активности за да се ослободи оваа земја од епидемијата на сексуално насилство.

Извор: Spiegel online