Пет најдобри политички графички новели

30.05.2011 10:59
Пет најдобри политички графички новели

Формата на стрипот долго време е поврзувана со НФ тематиката во која мускулестите суперхерои (или суперхеројки) со натприродни моќи и вештини се соочуваат со лошите момци, секогаш повторно спасувајќи ги невините луѓе, градот или планетата. Сепак, последниве неколку децении сè поголем број уметници ја користат графичката новела за да се позанимаваат со реалните настани, од ужасите во нацистичкиот логор Аушвиц до искуствата од Исламската револуција во Иран, и на тој начин да го одведат читателот на места каде што ТВ камерите не ги забележале.

Историчарот на стрипот Пол Гравет, по објавувањето на книгата „1001 стрип кој морате да го прочитате пред да умрете“, за CNN.com направи потесен избор од петте најдобри графички новели.

Маус

„Maus“ е потресна приказна на Арт Шпигелман која го следи животот на неговите еврејски родители во окупирана Полска за време на Втората светска војна, од првите средби со антисемитизмот до суровите искуства од злогласниот концентрационен логор Аушвиц. Шокантно е тоа што толку чувствителната тема за Холокаустот е прикажана низ графичката новела со помош на аналогијата од животинскиот свет. Имено, Евреите се прикажани како глувци, а нацистите како мачки. Сепак, Гравет во тоа гледа подлабока симболика, бидејќи гасните комори првобитно биле користени за уништување на глодачите, а прикажувањето на Евреите како штетници или зараза било карактеристично за нацистичката пропаганда. „Maus“ е единствениот стрип кој добил Пулицерова награда.

 

 

Палестина

Оваа графичка новела на поранешниот новинар Џо Сако ги прикажува неговите искуства од 1990 г. во појасот Газа и Западниот брег, и се смета за првенец на т.н. графичко новинарство. Според Гравет, „Палестина“ ја покажува сета моќ на графичката новела уверливо да го пренесе она што останатите медиуми не успеваат, прикажувајќи го секој детаљ на ужасните ситуации низ кои минуваат обичните луѓе, на начин кој дури и најпребирливиот читател го остава без здив.

Персеполис

„Persepolis“ ја опишува Исламската револуција во Иран и Ирачко-иранската војна низ очите на едно дете кое, фатено во вителот на несаканите настани, не успева да го најде своето место во општеството. Марџан Сатрапи низ цртежите и текстот го документира своето прерано израснување низ соочувањето со бруталноста на новиот режим и бомбардирањето на нејзините соседи. Откако исплашените родители ја праќаат во Европа, таа повеќе не знае каде припаѓа, а токму таа изгубеност ја претставува сржта на оваа графичка новела. „Персеполис“ стана најпродаван стрип во САД, а анимираната адаптација беше номинирана за Оскар и наградена со Златна палма на Канскиот филсмки фестивал.

 

 

The Photographer: Into War-torn Afghanistan with Doctors Without Borders

Во екот на советската инвазија на Авганистан, фоторепортерот Диди Левефр добива задача да ја следи мисијата на „Лекари без граници“. Фрустриран што неговиот уредник објавил само неколку фотографии, францускиот известувач во договор со цртачот Емануел Гиберт решава да направи графичка новела, создавајќи интересен спој од фотографија и цртеж. Книгата, освен што ги прикажува натчовечките напори на лекарите да ги спасат и негуваат жртвите од обете страни, исто така ја прикажува и сета противречност и бесмисленост на советската воена операција.

 

 

Bhimayana: Experiences of Untouchability

„Bhimayana“ ги опишува незгодите на припадниците на најниската индиска каста Делита (во превод: недопирливите), кои и покрај укинувањето на древниот систем на касти продолжуваат да се соочуваат со секојдневна дискриминација, заснована на верувањето дека се „нечисти“. Гравет смета дека оваа книга е многу важна, бидејќи во прв план го става бруталното кршење на човековите права кое непречено се одвива пред очите на сите припадници на индиското општество. Книгата е посебна и по своите иновации. Стилот на цртање наликува на традиционалните техники преполни со детали и со користење на природни бои, а за преломот е користена украсна хартија.

Извор: b92

Слични содржини

Стрип
Стрип
Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип / Теорија
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Стрип

ОкоБоли главаВицФото