Нови тонови во пост-советскиот протест

21.07.2011 09:44
Нови тонови во пост-советскиот протест

Во времето кога беше закажан уште еден антивладин протест во престолнината на Белорусија голем број крупни полицајци во цивилка чекаа на плоштадот Јакуб Колас. Нивната задача е да го спречат собирањето на критичната маса.

Меѓутоа, многу е тешко да се препознае кој од насобраните групи скејтери и друга урбана младина и постарите граѓани навистина учествува во протестот. Клупите во парковите се полни со луѓе, како и рабниците од тротоарите, но активистите, следејќи ги упатствата поставени на интернет, всушност не правеа ништо за да бидат идентификувани. Во еден миг почнаа масовно да ѕвонат мобилните телефони, и тоа беше целиот протест.

Полицајците во цивилка со мали камери внимателно го снимаа лицето на секоја личност во паркот, а потоа приведоа неколку демонстранти во автобуси. За време на шестата недела од „протестите со ракоплескање“ демонстрантите го елиминираа ракоплескањето како симбол на бунт против режимот, што изнесе нови прашања и за демонстрантите и за полицијата.

Можат ли луѓето да се затвораат само поради звукот на нивниот телефон; и кога не може да се каже кој протестира, дали тоа и понатаму претставува протест?

Уличната политика изгуби на релевантност во многу поранешни советски држави со повлекувањето и исчезнувањето на политичката опозиција. Меѓутоа, се појавуваат иновативни облици на протест. Но, ниеден од нив не успеа да мобилизира голем број луѓе или да претставува реална закана за владејачките елити. Сепак, тие ги привлекуваат младите луѓе, често преку социјалните мрежи, претставувајќи алтернатива за класичниот вид искажување на незадоволството со скандирање и прошетка.

Во тие околности е многу тешко да се казнат учесниците. Русија има „сини кофи“, активисти кои ставаат пластични играчки за песок на своите автомобили (или глави) во знак на протест против сообраќајните повластици на државните службеници, чии автомобили се опремени со трепкави сини светла. Во Азербејџан, каде што демонстрантите ги апсат со таква брзина што секое собирање е речиси невозможно, мала група луѓе се појавува од никаде за да изведе точка со борба со мечеви или народни танци.

Зовриената политичка атмосфера во Украина дополнително ја потпалува Фемен, група млади жени која ги нагласува толку несекси темите како што се пензиските реформи преку изложување на своите гради во јавноста. Една од нив беше уапсена во април поради тоа што гола шеташе покрај споменикот на жртвите од Втората светска војна во Киев и испржи јајце и колбаси над вечниот оган.

Социолозите ваквиот вид протести го гледаат како „дилема на дејствување“, бидејќи авторитетот е приморан да бира меѓу две подеднакво непопуларни алтернативи: да не презема ништо и да дозволи да продолжат таквите активности, преземајќи ризик тие да се изродат во нешто значајно, или да им наметнат остри казни на луѓето кои учествуваат во навидум бенигни активности.

Второто решение може да доведе до силни јавни реакции, како во случајот кога Азербејџан ги осуди на две години затвор т.н. „магарешки“ блогери, или кога руските власти го изведоа пред суд радикалниот уметнички колектив „Војна“, познат по цртањето на џиновскиот пенис на еден мост на кревање во Санкт Петербург.

Белорусија реши да заземе тврд став. „Над 1830 луѓе се затворени од полицијата од јуни, кога мала група активисти која живее во егзил иницираше протест со ракоплескање“, вели Татјана Ревјако, која работи за организација за заштита на човековите права „Вјасна“ (Вясна). Над 500 од нив добија казна од пет до 15 дена затвор. Пресметката на власта со мирните демонстранти предизвика огромни апсурди: како што се приближуваше Денот на независноста на 3 јули, шефот на полицијата во Минск, Игор Јевсеев, свика конференција за новинарите и објави дека граѓаните нема да бидат казнети поради ракоплескање на војниците или ветераните.

Едно од лицата кои се осудени дека учествувале во протестот со ракоплескање е Константин Каплин (36), кој на суд тврдеше, спротивно на сведочењето на полицајците, дека не можел да ракоплеска бидејќи има една рака. Друго е Галина А. Гончарик, старица на 68-годишна возраст, која е затворена поради аплаудирање на Денот на независноста. Во нејзината пресуда се вели дека таа „гласно извикувала груби и нецензурирани пцовки, мавтала со рацете, се однесувала провокативно, не реагирала на јасните инструкции знаејќи дека го прекршува јавниот ред и мир, и изразувајќи непочитување кон општеството“.

Гонењето на Галина, вели таа, ги шокирало дури и нејзините роднини и соседи кои се цврсти поддржувачи на режимот.

„Сите се смеевме кога ги слушнавме обвиненијата“, вели госпоѓата Гончарик, која во десетминутниот процес е осудена на околу 175 долари парична казна. „И тие велат дека овие горе целосно збудалеле“, додава таа.

Гласноговорникот на белоруското министерство за одбрана Константин Шалкевич не сакаше да каже колку лица досега се уапсени под овие бизарни обвиненија, наведувајќи дека белорускиот закон ѝ дозволува на полицијата да ги приведе граѓаните на три часа без да ја наведе причината. Од полициска гледна точка, вели тој, тактиката на демонстрантите е небитна.

„Дали се работи за ракоплескање, ѕвонење на телефонот или некоја друга активност за нас тоа е исто“, вели тој. „Секоја акција која се организира во Минск е акција на масовен неред. Луѓето кои ги организираат овие акции се далеку вон границите на Белорусија. Ние имаме сила и средства да го гарантираме редот во Минск и ние ќе го гарантираме. Тоа е мојот коментар.“

Апсењата имаа силно негативен ефект. Од таа причина, организаторите на протестот неодамна ја променија тактиката, налагајќи им на учесниците да не плескаат со рацете туку да го наместат алармот на својот мобилен телефон да ѕвони во осум часот навечер. Со таа акција се обидуваат да ги намалат апсењата, и во таа смисла организаторите постигнаа успех. Но, во осум часот вечерта алармите едвај можеа да слушнат од вревата на сообраќајот, и беше тешко да се дознае дали воопшто се случува некаков протест.

Младата новинарка Олга Татаринова (23) е разочарана. Дошла на плоштадот подготвена да биде уапсена. Вели дека тропала со нозете по земја, ама никој не ја слушнал.

„Сите се плашат“, додава едно момче со шал преку лицето кое вели дека се вика Максим Пулсов. „Потребен ни е еден тренинг за храбост.“

На краевите од плоштадот, луѓе доаѓаат и заминуваат, а некои пешачат од работа до дома. Белорусија е на работ на финансиска криза, делумно поради економската политика од советски тип на претседателот Александар Лукашенко.

Лукашенко, кој на власт се наоѓа од 1994 г., се обиде да ја зголеми својата популарност со раст на платите и овозможување кредити со ниски камати. Тоа доведе до стрмоглава девалвација на белоруската монета, а луѓето почнаа да трупаат залихи храна и масовно да го претвораат својот имот во странска валута.

Меѓутоа, летото е мртов период, кога поголемиот дел од населението заминува во своите летниковци. Протестот со ракоплескање не привлече многу поддршка меѓу обичната јавност или работниците во фабриките кои го претставуваат клучното гласачко тело. Тоа е така делумно поради тоа што младите организатори не нудат решенија за натрупаните социјални проблеми, вели Анатолиј Лебедко, кој поминал четири месеци в затвор поради учество во демонстрациите по претседателските избори во декември 2010 г.

„Овие млади луѓе сакаат поголеми слободи, но тоа нема да ги убеди луѓето во фабриките“, смета тој. „Мораме да излеземе со некои одговори на прашањето: Што да се прави?“

Извор: New York Times

ОкоБоли главаВицФото