Протестот во партократските режими

18.05.2012 11:55
 Протестот во партократските режими

Протестот е еден од најзначајните текови на демократското општество, без разлика дали се јавува низ формата на јавна демонстрација, граѓанската непослушност или, пак, во облик на штрајк како форма на борба за заштита на правата по основ на работа. Причините за јавен протест во услови на демократско општество се, пред сè, во незадоволството од степенот на развиеноста на демократијата, степенот на социјалната и политичка раслоеност во општеството, незаконското однесување, кршење или узурпација на правата на работниците по основ на работниот однос или, пак, незадоволство од законитоста на постапувањето на државните органи во примена на законите. Посебен облик претставуваат протестите кои имаат за цел да истакнат одредени политички промени и барања за промени во политичкиот систем со кои треба да се обезбедат одредени права, вклучително и права на националните малцинства, како и да се поттикнат демократските процеси најчесто во недемократските општества и диктатури.

Меѓутоа, протестите во услови на партократски општества покрај наведените имаат и своја специфика која бара поблиска идентификација, дотолку повеќе што партократските режими формално не само што не го спорат правото на протест туку, неретко, протестот е продукт на самиот режим. Станува збор за она што Ноам Чомски го нарекува „создавање на проблеми и нудење на решенија“ односно метод со кој се создава проблем кој предизвикува реакција кај народот, без разлика дали се работи за насилства или, пак, за економска криза (како што е случајот со Грција или со кризата на виртуелниот капитал која ја произведе меѓународната финансиска олигархија), и народот се доведува во позиција да верува единствено во тоа што режимот го нуди како решение. Значи, режимот неретко и во значајна мера го провоцира избивањето на протестот како и неговата форма и последиците кои може да ги предизвика.

Причините за избивањето на протестите, во принцип, а посебно во општества со недоволен демократски капацитет и партократско владеење, треба да се бараат во:

• Структурната стратификација на општеството или поточно во „поделеното општество“ во кое владее и се продлабочува социјалната диференцијација до ниво на загрозување на елементарниот опстанок; на поделеноста под влијание на етноцентризмот како метод на владеење; на клерикализацијата, посебно во мултиконфесионални општества и ригидноста на партократското владеење кое слободата на човекот ја претвора во послушност. Станува збор за состојби на духовна анестезија, на немоќ да се влијае врз општествените процеси кои ги има запоседнато партократијата, за индиферентност која, како што вели А. Грамши, се претвора во „мртва вода“ во која најчесто ќе бидат удавени бунтот, трагањето по вистината, критичкиот ум. Но, и за состојби кои можат во секој момент да експлодираат и да излезат од контрола на самодоволната партократија.

• Судирите помеѓу и внатре во елитите, особено кога моделот на нивното владеење или настојувањето да се преземе власта од другите, се базира на автократско владеење или, пак, на владеење кое базира на етноцентризам, кој во симбиоза со клерикализмот претставува моќно оружје на, како што ја нарекува Н. Чомски, „Стратегија на манипулација“.

• Во влијанието на надворешните фактори кои се заинтересирани да го дестабилизираат одреден режим заради реализација на мултинационалните корпоративни профити или за остварување на одредени етноцентрични, или меѓу конфесионални интереси и претензии. Неретко тие одат заедно, иако навидум интересите им се различни. Жртви се државите со слаб демократски капацитет, со партократско и автократско владеење и ранлива кохезија по социјална, национална или конфесионална основа. Историјата но и сегашноста покажуваат дека револуционерните движења, како најрадикален облик на протест, се јавуваат во исклучиво репресивните и недемократски режими, во државите кои ја изгубиле својата улога на социјален баланс, во кои не владее правната држава туку спогодбите помеѓу оттуѓените еднопартиски или повеќепартиски елити, и во државите со недоволен безбедносен капацитет да ги контролираат надворешните влијанија и сопствениот територијален интегритет. Станува збор за држави во кои поголемиот дел од населението е исклучено од политичкиот живот

Во секој случај, протестите ги откриваат ранливите позиции на власта, но и неподготвеноста на политичките партии со своите политички програми да ги артикулираат заедничките и посебните интереси на социјалната стратификација на едно општество. Тие, заради сопствените интереси и интересите на шпекулативниот капитал, во општествата во „транзиција“ повеќе се насочени кон разбивањето на критичната маса која има капацитет и организациона способност преку протестот да го дестабилизира нивното владеење, односно кон маргинализирање, па дури и конфронтирање по социјален или по друг основ загрозени слоеви. Еднаш започнатите протести на мала група, неретко со недоволно артикулирана програма, создаваат простор за проширување со сродни групи, но неретко и со групи мотивирани по друга основа.

Наспроти сето тоа, сепак, се поставува прашањето дали обичните луѓе без подршка на политичките партии, без доволно информации, без пристап до средствата за масовно информирање, во услови кога тие се под контрола на партократијата, без средства и во услови на разбиен организационен потенцијал (синдикат, индиферентна интелигенција, неолиберални политички структури и сл.) можат да го загрозат опстојувањето на одреден режим. Во такви услови неретко, судејќи и според искуството од „Арапската пролет“, влијанието на надворешниот фактор се јавува како одлучувачки фактор. Но, тогаш останува отворено прашањето, поставено многу поодамна од филозофот Ф. Мухиќ, „кој кого ослободува и кој го има ’правото’ да го ослободува народот“.

Суштината на партократските режими е да предизвикуваат страв, што е сериозен проблем кој влијае на силината на протестот. Но, уште поголем проблем е кога ќе престанете да се плашите, кога ќе морате да го побарате решението и кога ќе се соочите со дилемата дали решението е улицата или демократијата. Изборот е ваш, но и одговорноста.

Слики: Ден Воинеа

ОкоБоли главаВицФото