Политиката на партизаните

06.10.2011 12:06
Политиката на партизаните

Традицијата е заборавање на потеклото.

Maurice Merleau-Ponty

Како да се сфати „дваесеттиот век“? Можеби би требало да почнеме со едноставното прашање: кога тој почнува и кога завршува? Поточно, дали 20-от век го прават сто години постоење?

Прашањето за почетокот и крајот на векот го отвора метонимискиот ланец кој несопирливо произведува цела низа почетоци и краеви на 20-от век? Значи: дали почетокот на дваесеттиот век коинцидира со пионерската работа на Фројд на книгата „Толкување на соништата“, или со избивањето на Првата светска војна, со „Црн квадрат на црна основа“ на Казимир Маљевич или Октомвриската револуција? Односно, дали неговиот крај коинцидира со падот на Берлинскиот ѕид, етничките војни во Југославија или завршувањето на Културната револуција во Кина?

И понатаму, дали 20-от век може да се именува како век на револуции, светски војни, екстремно насилство, граѓански војни? Како век на жртви, односно, на радикално зло? Како век на дефинитивна победа на еден тип модерност – либерално-капиталистичкиот? Зарем досега, низ овие реторички прашања или гласови кои кружат и го именуваат 20-от век, веќе не откривме три различни века, три мали века во рамки на еден век и три негови различни почетоци и краја: од кои ниеден не се совпаѓа со „стоте години на дваесеттиот век“. Векот на револуции започна со Октомвриската револуција во 1917 г. и заврши со спектакуларниот пад на Берлинскиот ѕид, т.е. со распадот на СССР; векот на жртви и радикално зло започна со националсоцијалистичкиот и сталинистичкиот терор во 1930-те и заврши со крајот на Втората светска војна. Векот на победа на либерализмот, како хегемон тип на модерноста, започна по Втората светска војна за да триумфира на крајот од векот.

Меѓутоа, 20-от век е и век на Југославија: едно од имињата за 20-от век би можело да биде и „Југославија“, бидејќи Југославија е второто име за неможноста дваесеттиот век да го видиме поинаку освен како, поделен во себе, антагонизиран и неконзистентен век. Југославија е име кое истовремено означува: оптимистички почеток на дваесеттиот век, идеја дека е можно името на една држава во Европа да не коинцидира со името на ниедна постоечка нација, и самрачен крај одбележан со екстремно насилство и разорување. Името „Југославија“ повеќе не го носи ниедна држава.

Последната држава која го носеше тоа име, Сојузна Република Југославија, беше убиствена, мрачна чума која, на крајот – заплеткана во парадоксите на теророт во име на една нација – дефинитивно го закопа тоа име кое отсекогаш претендираше да биде збирно име за Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, и која беше дел од санитарниот кордон на Европа, реакционерна творба која служеше за одбрана од болшевичката опасност. Ако првата и последната Југославија се чеда на своите времиња, производи на две различни ери на контрареволуции, што е со втората Југославија, онаа која настана по Втората светска војна – Социјалистичка Федеративна Република Југославија? Денес таа на сите нејзини современици им се чини како сосем непотребна, како неартикулиран вишок кој се заканува, како историска грешка по себе и за себе. Од ерата на контрареволуциите и реставрациите, секоја револуционерна творба се гледа како насилна, непотребна, излишна, утопистичка, како историска грешка која треба да се заборави и потисне што е можно побрзо, која не треба повеќе да се повтори. Меѓутоа, како да ја именуваме таа грешка, односно како контрареволуцијата ја именува таа грешка? Мислам дека многу лесно ќе дојдеме до заедничкото име на таа грешка, а тоа е – Народноослободителната војна (НОБ). Грешката на НОБ е во тоа што влезе во борба кога борбата не беше можна, односно, што ја „изуми“ војната која ѝ се спротивстави на војната, војна која ѝ се спротивстави на националсоцијалистичката идеологија на војната.

Но, што се случи случи со војната во 20-от век? Дали војната во дваесеттиот век добива сосем нов облик? Концептот на војна од 19-от век, оној кој Хегел го сфаќаше и артикулираше како конститутивен момент на самосвеста на народот, наполеоновската војна – војна како креатор на националната свест во дваесеттиот век, повеќе не важи, посебно по Првата светска војна. Првата светска војна е чудовишна војна без исход, мрачна касапница на народите, нешто што не може да се сфати поинаку освен како дефинитивен повик за мир, мир по секоја цена. Со други зборови, Првата светска војна за нејзините современици е завршена со повикот за вечен мир. Првата Југославија настанала како производ на пацифистичката идеологија и таа е непосреден производ на идеологијата „мир по секоја цена“. Од друга страна, постои и онаа линија која извлече сосем различен заклучок од касапницата на народите во Првата светска војна. Тоа е идеолошкиот конструкт на националсоцијализмот кој Првата светска војна ја сфаќа како лоша војна, војна без исход, војна која треба да биде заменета од една добра, империјална, национална и расна војна, решителна, последна војна која треба да биде основа за илјадагодишното царство.

Ако доминантната свест на Европа меѓу двете светски војни била „никогаш повеќе војна“ и „мир по секоја цена“, што станува универзална форма на исказ на пацифизмот на 20-от век, тогаш европскиот пацифизам меѓу двете војни станува политички облик на соработка и капитулација пред националсоцијалистичката тотална војна. „Мир по секоја цена“ не е ништо друго освен мир по секоја цена со тоталната, апсолутна војна на националсоцијализмот.

Меѓутоа, постои и трет одговор на оваа ситуација, а тоа е одговорот кој воведува еден сосем нов однос меѓу војната и политиката во Европа, а тоа е – револуционерната војна која ја создаде НОБ на Титовите партизани. Значи, фигурата на партизаните која толку го исплаши Карл Шмит, и која за него е најголемата чума на 20-от век, не претставува ништо друго освен нова фигура на војната – револуционерна војна. Според најголемиот теоретичар и практичар на револуционерната војна, Мао Цетунг, револуционерната војна треба да донесе траен мир кој, според својата структура, е контрареволуционерна војна. Револуционерната војна е војна која е политички праведна и како таква се спротивставува на политички неправедната војна, и таа за цел има со војна да ја победи војната. Значи, според својата структура, војната која треба да ја победи војната и да произведе траен мир е војна која не се случува како операција на државата туку е творба на своите борци, пролетери и селани. Нејзините услови повеќе не се победа на една држава над друга туку победа над војната како војна, што е субјективен услов, независен од секој објективитет, значи, тотална војна, апсолутен конфликт, конфликт како таков, тотален конфликт и конфликт за секој дел од тоталитетот.

Извор: Prelom

Илустрации: (горе) Максим Седеј „Мапа на предградието“

(во текстот) Ѓорѓе Андреевиќ-Кун „Соба за преноќување“

ОкоБоли главаВицФото