Како еден безобразно евтин хорор стана блокбастер

04.11.2011 14:12
Како еден безобразно евтин хорор стана блокбастер

Филмот „Паранормално 3“ – кој минатиот викенд се најде на првото место од американската топ листа со импресивна заработувачка од 52,5 милиони долари – по нешто се разликува од повеќето холивудски хитови.

Додека денешните одјавни шпици содржат стотици имиња кои учествувале во создавањето на филмот, „Паранормално 3“ се простува со нас по триесетина секунди од набројувањето на соработниците.

Камерите како јунаци

Ништо чудно: имено, главните јунаци на овој филм се надзорните камери, а пред нив за време на целото дејствие ќе продефилираат точно девет глумци и неколку статисти. Цената на снимање на филмот изнесува 5 милиони долари, што главно се потрошени на постпродукцијата и специјалните ефекти.

Серијалот „Паранормално“ најмногу профитираше на грешките на филмот на кој најмногу се угледува – „Проект: Вештерките од Блер“. Овој филм предизвика сензација при крајот на минатиот милениум, симулирајќи документарец направен од најдени видео снимки, но неговото продолжение веќе беше високобуџетна професионална продукција со вистински глумци, што ги одврати обожавателите на првиот дел.

Продуцентите на „Паранормално“ не се фатија во таа замка: продолжението ја содржеше истата фактура како и претходниот филм, дејствието се премести на друга локација и се насочи на нови протагонисти, но постапката – камера која со часови забележува што се случува во куќата опседната со духови – остана иста.

Од гледна точка на духовите, „Паранормално“ дефинитивно е најапстрактниот и најбезобразен хорор серијал во историјата на кинематографијата: имено, во повеќето филмови кои се занимаваат со паранормалните појави, кога-тогаш злото добива некаков облик, меѓутоа овде – не.

Во третиот дел постојат две сцени во кои нешто вакво би можело да се насети, но трикот секогаш останува ист – непријатни шумови, поместување предмети, палење и гаснење на светлото, ама нема сеништа и други чудовишта.

И додека современите хорор серијали ги создаваат филмаџии кои не ѝ припаѓаат на холивудската елита, за судбината на првиот филм во серијалот „Паранормално“ решаваше и Стивен Спилберг, а еден од продуцентите на „тројката“ е сценаристот-оскаровец Акива Голдсман.

Цврсти правила

Орен Пели, режисерот на оригиналот, во меѓувреме изгради респектабилна продуцентска кариера; вториот дел го потпиша независниот филмаџија Тод Вилијамс, додека за „тројката“ беа ангажирани Хенри Џуст и Ариел Шулман, кои лани на Санденс фестивалот предизвикаа сензација со документарниот филм „Сом“ за познанството создадено преку Фејсбук. Во серијалот сите се придржуваат до цврстите правила, но се претпочитаат нови соработници кои нудат несекојдневни идеи. На пример, во третиот дел, приказната се враќа две децении наназад, во времето додека сестрите Кејт и Кристи, главните ликови од првиот дел, се девојчиња.

Меѓутоа, побитно е тоа што тогаш е периодот на VHS касетите и што нивниот татко непрестајно мора да ја полни камерата со нови касети за да ги сними чудните работи што се случуваат во куќата во која се доселиле.

Your browser is not able to display this multimedia content.

На работ на нервите

Посебно ефектен изум е направен на долниот кат, каде што се влезната врата и трпезаријата. Камерата е поставена на постамент на вентилатор и на тој начин рамномерно се врти налево и надесно и обратно, што повремено ве доведува на работ на нервите: од десната страна слушате загадочен шум, а камерата се наоѓа на левата страна и треба да поминат неколку секунди за да се открие изворот на непријатноста. Напнатост создава и мерачот на времето на камерата. Додека се врти брзо, знаете дека ништо не се случува, но кога ќе забави и ќе започне реалното броење на минутите и секундите, знаете дека се подготвува нешто морничаво.

По овие нешта „Паранормално“ е и интересен серијал. Приказната и ликовите се само споредни, а важни се концептуалните досетки со кои филмаџиите си поигруваат со вашето чувство на страв. Има ли тоа ефект? И тоа како!

Извор: juratnji list

ОкоБоли главаВицФото