Залудни сништа за морето

27.05.2011 10:53
Залудни сништа за морето

Кратко по светската премиера на Канскиот фестивал, четвртото продолжение на „Пиратите од Карибите“ дојде и во нашите кино-сали. Ако се затекнете во град со високи температури, ќе сфатите дека има нешто во гледањето на сета таа вода. Филмот е снимен на Хаваите. Но покрај овие нашминкани пирати од летната холивудска забава, поимот пирати и нивната дејност се живо присутни и во современиот говор. Всушност, самите холивудски пирати кои се повод за овој текст најмногу отстапуваат од поимот пиратство. Или да го илустрирам овој парадокс со конфузија: иако Пиратите од Карибите, доколку се работи за пирати, треба да ги гледате на пиратски дискови, сепак би било подобро да издвоите одреден износ и да ги гледате во климатизираната кино-сала бидејќи таму ќе ги видите. А е забавно и за децата.

Историски, овој вид самостојна дејност е присутен откако пловат бродовите од кои може да се ограби нешто. За првиот документиран случај на пиратство се зема 13-от век п.н.е. кога „народите од морето“ го тероризирале Средоземјето, уништувајќи го хетитското царство. Оттогаш па сè до денес пиратеријата постои во некој облик. Низ своите културни одеци најпознато ни е карипското пиратство кое траело од средината на 16 до раниот 18 век, во контекст на натпревар меѓу В. Британија, Шпанија, Холандија, Португалија и Франција за превласт над поморските патишта кон Новиот свет. Всушност, тогаш постоеле два вида морски разбојници, различни според статусот – гусарите, кои се разбојници кои ограбувале бродови во име на некоја голема сила и кои претставувале еден вид паравоени формации, и пиратите – отпадници, ограбувачи за себе, под сопствено знаме. Најпознатиот пират пред Џони Деп потекнува токму од златниот период на карипското пиратство – живописниот Едвард Тич со прекар Црнобрадиот (1680-1718), кој подоцна станал легендарен лик на литерарниот поджанр на колонијалните романчиња. Тој е и главниот јунак на романот на Тим Пауерс „На чудни плими“ (1987) кој послужи како инспирација за четвртото продолжение на „Пиратите од Карибите“ и е новиот соперник на Џек Спероу во филмот. Впрочем, сето она што денес асоцира на пиратите, како што се пиратскиот акцент, однесувањето, облекувањето, одењето по штица, куките наместо раце, дрвените нозе и превезите за слепото око се дојдени од пиратската фикција одговорна за романтизирање на овие морски разбојници. Врв на пиратската книжевност претставуваат романите „Островот на скриеното богатство“ на Роберт Луис Стивенсон и „Петар Пан“ на Џемс Бари, и нивните холивудски интерпретации кои извршија и најголемо влијание на обликувањето на популарната пиратска иконографија.

Филмовите од франшизата „Пирати од Карибите“ по својот надворешен облик немаат ништо со пиратството. Тие се еден мултимилионски проект кој потекнува од срцето на културниот капитализам со намера да се заработи. Ама ете, децата го сакаат. Во содржината на филмот, поточно, во ликот на Џек Спероу, се прикажува токму сето она што нè привлекува кај пиратите и пиратството. Тој е одметник, слободен од граѓанските закони, пристојноста, па дури и од основната хигиена. Дури и фамозниот „пиратски код“ кој често се споменува во филмовите пружа, како што велат, само насоки за однесувањето. Се чини дека капетанот Џек е ослободен и од повеќето човечки страсти и судбини. Иако во филмовите се реферира на неговите љубовни подвизи, во неговото однесување нема никаков еротски патос. Не чувствува ни глад ни жед. Неговата потреба за рум е со наркофилско, а не физиолошко потекло. Исто така, се чини дека ниту се плаши од смртта ниту може да умре. На крајот од второто продолжение Џек изедува некакво морско суштество. На почетокот на третото тој се наоѓа во некаков апстрактен лимб кој има психолошка природа. Честа мотивација на Џек е како, со помош на некоја клетва, да се измами смртта. Темата на новиот филм е во тој дух; се работи за потрага по фонтаната на младоста, митскиот извор на вода која дарува вечна младост. Значи, капетанот Џек е како лик од цртан или нем филм: непрестајно оди, се тетерави, паѓа, станува, никогаш не умира, никогаш не се заморува, не е депресивен, исплашен, нерасположен. Тој е несексуален, се однесува и како маж и како жена. Неговата мотивација често има ја обвивката на моралноста: тој настојува дека е капетан дури и во мигови кога не управува со пловилото, непрестајно се споменуваат пиратската чест и правилата на однесување, но во пресудните мигови неговата себичност ги преовладува сите други обзири и без размислување Џек ги продава сите свои сојузници. Значи, привлечноста на Џек Спероу е ослободеноста од сите стеги кои ги притискаат неговите гледачи, иако таа слобода претежно е – слобода на едно дете.

Се чини дека ако само го гледаме ликот на капетанот Џек нема сосем да го разбереме успехот на овој карактер и на „Пиратите од Карибите“. За големата гледаност заслужен е и самиот глумец, Џони Деп. Кај добрите глумци публиката со леснотија заборава дека гледа актер и благодарение на неговата вештина стапува во контакт со ликот. Кај најголемите глумци, пак, тоа се пресвртува уште еднаш и уживаме во ликот бидејќи го глуми токму тој актер. Самиот глумец станува носител на значењата во нашата култура на гледање филмови. Пример за овој феномен е Хемфри Богарт или Џек Николсон. Џони Деп е најсвежиот пример за таков глумец, а неговиот Џек Спероу е еден од ултимативните јунаци на нашето време. Се чини, на изненадување на самите творци на филмот, дека Џони Деп го презел шоуто од своите помлади колеги Орландо Блум и Кира Најтли. На постерите на првите два дела се наоѓаат лицата на сите ликови, додека на последниве два само ликот на Џони Деп. Дури сега капетанот Џек Спероу го гледаме и како имагинарен пират, но и како Џони Деп тој лик и неговата привлечност ни се многу поразбирливи. Низ Џони пиратството добива врска со искуството на рокенролот и соодветниот животен стил. Претерано елаборираното глам облекување, сексуалната амбиваленција, наркофилијата, автодеструктивноста – сето тоа низ Џони Деп кај Џек Спероу додава значења кои би ги немал само како фиктивен пират. Од инфантилната слобода на еден пират во филм за деца, низ Џони Деп, капетанот Џек добива слобода на возрасна личност, која ја имаат ѕвездите од современата култура, со сета своја блескавост и трагичност. Во еден разговор Џони Деп изјави дека за ликот на капетанот Џек се угледал на Кит Ричардс, легендарниот гитарист на Ролинг Стоунс. Истиот се појавува во последниот дел од „Пиратите од Карибите“ во улога на татко на капетанот Џек, како посвета на овој жив споменик на автодеструктивната генијалност.

Со сложеноста на своите значења „Пиратите од Карибите“, верувам независно од намерите на нивните автори, го надминуваат контекстот на холивудски спектакл. Со тоа, парадоксално, допрва стануваат холивудски спектакл. Во желбата за ликот како што е Џек Спероу, односно, Џони Деп, современата публика покажува дека е гладна за силни карактери, она што Томас Ман го нарекува „личност од формат“. Исто така, потребата за грдотија, и физичка и карактерна, покажува дека дизниевската верзија на морално инфантилна и карактерно безлична бајка повеќе не успева да пренесе никаква емотивна ниту етичка содржина, и дека во „Пиратите од Карибите“ ја губи симболичната битка со искуството на рокенролот, во кој принцезата и ѕверот повеќе не се два различни лика. Поради тоа, четвртото продолжение на „Пиратите од Карибите“ е одличен примерок на современата популарна култура. Дали тоа е нешто во кое треба да учествувате – проценете сами. Има овде многу мечување и мечување и мечување. Ама слушнав дека децата го сакале тоа.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото