Четири децении од бунтот на хомосексуалците од њујоршкиот бар Stonewall inn

08.07.2009 11:29
photo.jpg

Пред 40 години Њујоршкиот бар Stonewall inn се најде во центарот на светското внимание откако геј посетителите го искажаа својот револт поради полициската репресија кон тоа место. Овој настан претставуваше искра за придвижување на американските организации за правата на хомосексуалците. Побуната во Stonewall беше низа насилни демонстрации на ЛГБТ заедницата против полициските рација која се случи ноќта помеѓу 27 и 28 јуни 1969 г. во клубот Stonewall inn во Гринич вилиџ, Њујорк.

„Stonewall беше изненадување, сите ние кои учествувавме во побуната бевме изненадени, но затечен беше и градот кој не очекуваше таков тип на бунт“, вели Мартин Бојс кој за време на насилните случувања ви Гринич вилиџ имал 16 години.

Рациите во геј баровите биле чести тие години, но кога полицијата упаднала во раните часови во барот Stonewall inn на 28 јуни 1969, припадниците на ЛГБТ заедницата решиле да возвратат.

„Во мигот кога полицијата се обиде да нè разбрка ние се нафрливме на нив“, вели Бојс.

Како што продолжувала рацијата во барот, голем број хомосексуалци се собрале пред него и тензиите меѓу нив и полицијата го достигнале својот врв.

„Тоа беше наш крај, дел од градот каде се чувствувавме безбедни. Насилството што беше предизвикано не беше насочено против стрејт луѓето, тоа беше протест против полицијата која и’ предизвика толкаво страдање на геј заедницата. Тоа беа причините кои доведоа до сега веќе историскиот момент“, објаснува Бојс.

Учесниците и сведоците на настаните наведуваат дека нередите во кои учествуваа околу 200 млади хомосексуалци, транвестити и лезбејки придонесоа за битни антиавторитетни промени кои се одразија врз епохата што доаѓаше. Тие години револуционарните размислувања земаа замав преку студентските протести од 1968, движењето Црни пантери и демонстрациите против војната во Виетнам.

„Владееше голема нетрпеливост кон полицијата, дури и меѓу стрејт типовите. Хипиците и Црните пантери ја мразеа, така што ние на некој начин му се придруживме на тоа расположение. Тоа беше револуционерно расположение насочено против естаблишментот и полицијата. Тие го претставуваа системот кој сакаше да ни ги укине слободите“, вели Роберт Брајан (63), исто така учесник во настаните.

Тој додава дека рацијата набрзо се претворила во судир меѓу луѓето кои се наоѓале на улица и полицијата во барот.

„Беше петок навечер, па така сите беа излезени, една работа повлече друга и нештата едноставно се извлекоа од контрола. Стигнав кратко пред судирот. Луѓето прво почнаа да ја исмеваат полицијата, да им се смеат во лице, а потоа се гледаше дека атмосферата се заканува дека ќе премине во поголем судир“, вели Брајан.

Тој понатаму го прераскажува редоследот на настаните со зборовите дека во моментот кога судирот започнал, некој сакал да го запали барот во кој се наоѓале многу полицајци. После ова полицијата излегла на улица каде се случил судир од поголеми размери во кој, според печатот, биле уапсени 13 луѓе, додека 4 полицајци биле повредени. Во наредните четири дена полицијата ги претепувала демонстрантите со истата суровост, но наишла на сè поголем отпор.

Бунтот кај барот Stonewall inn стана симбол за отпорот на ЛГБТ заедницата во светот, чиј датум се прославува секоја година со голема парада низ Петтата авенија, која подоцна стана позната под името Геј ден на гордоста.

Оваа година парадата по повод четири децении од избивањето на насилните протести беше само еден од најавените настани со кои се одбележаа тие случувања. Меѓу другото, во Њујоршката јавна библиотека се одржа изложба на фотографии од демонстрациите од 1969 г., а документарниот филм за истите случувања ќе се прикажува следнава година на националните телевизии.

Дејвид Картер, авторот на книгата „Stonewall: The Riots that Sparkled the Gay Revolution“, вели дека американското геј движење дури по спонтаните насилни демонстрации кај Stonewall нашло сили за поодлучно да тргне во борба за своите права.

„Stonewall неверојатно го направи помасовно малото движење и засекогаш го стави на мапата на американската политичка сцена“, вели тој.

Роберт Брајан вели дека оттогаш многу нешта се промениле и дека атмосферата меѓи геј популацијата е поинаква.

„Сега насекаде низ светот имате геј барови и луѓето можат да прават што сакаат, ама веќе не е толку лудо и возбудливо како некогаш. Таму долу, низ улицата Кристофер имаше куп паркирани камиони и стотици луѓе одеа на тоа место барајќи отворени камиони во кои би одржувале диви оргии. Такво нешто денес не постои“, вели тој.

Слични содржини

Квир / Историја
Фотографија / Свет / Историја
Квир / Историја
Квир / Историја

ОкоБоли главаВицФото