Животот е вечен!

19.01.2012 17:26
Животот е вечен

Завршувањето на една година и почетокот на нова природно нè предизвикуваат да размислуваме за претходно стореното, да резимираме и да донесуваме заклучоци.

Во таа насока, денес ви го претставуваме проектот на New York Times, кој и тоа како има врска со краевите и почетоците, а нас нè изненади, нè разнежни и насмеa.

На самиот крај на минатата година екипата на New York Times, на чело со продуцентката Саманта Хениг, ги повика своите читатели да учествуваат во проектот „Животите што ги сакаа“ (The Lives They Loved). Идејата била читателите да придонесат во проектот со една своја фотографија од блиска личност која починала во 2011 година.
Самиот факт што проектот се вика „Животите што ги сакаа“, а не „Животите што ги живееја“ укажува на главната цел на проектот: величење на (нивните) животи, на позитивната оставнина на оние кои веќе ги нема и на убавите спомени кои никогаш не треба да исчезнат.

Смртта е тема за која секогаш се говори неволно и прераното заминување на блиските луѓе засекогаш ни ги менува животите, но сеќавањата на драгите личности треба да бидат исти како и целта на проектот на New York Times.

Искрените приказни, животната енергија, незаборавните насмевки, боите, веселбите и купиштата шарени фотографии кои раскажуваат дури и нераскажливи приказни за оние кои веќе ги нема, сведочат за убавината на моментот и на животот, која често ја забораваме.

Генерациски, родови, расни или други начини на поделба не постојат во фантастичната серија фотографии, во нив доминира апсолутната разноликост, која сведочи за реалноста на животот која не избира кога, каде и на кој начин некој ќе го доживее својот крај. Секоја од фотографиите е проследена со неколку реченици кои ги резимираат животите на прикажаните луѓе. Изборот на читателите е сосема шаренолик, одбрани се фотографии од најмладите, највеселите или последните години кои ги проживеале покојните.

Од богатата и импресивна серија фотографии непотребно е да бараме лице и судбина кои би ги издвоиле посебно, па затоа во продолжение погледнете неколку случајно одбрани фотографии.

Кон овие деликатни теми за судбината, сеќавањата и спомените тешко е да не се пристапи емоционално. Бидејќи на време не дознав за проектот на New York Times и немам дадено свој придонес преку испратена фотографија, во горниот колаж ставена е и фотографија на мојата драга колешка и пријателка Вида, која почина минатата година.

Вида играше преубаво, преубаво се смееше и неизмерно многу го сакаше животот.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото