Како е да се биде педофил?

28.01.2012 14:14
Како е да се биде педофил?

Социолози, психолози, криминолози, сите се обидуваа да ги објаснат тие случаи – но сите одговори ниту тие не можеа да ги дадат. Како би можеле? Како да го објаснат фактот дека некоја девојка или дури и повеќе личности долги години живееле и биле сексуално злоставувани во подрумските простории, а соседите, познаниците и ниту една служба не забележале ништо? По излегувањето во јавност на случаите Кампуш и Фрицл, се појавија слични случаи и од САД, Полска, Италија и Аргентина.

Австриецот Маркус Шлеинзер е всушност експерт за кастинг, тој ги избра актерските екипи за филмовите „Кривотворство“ и „Бела Врвца“, наградени со Оскар. Но, приказните за Кампуш и Фрицл до толку го погодиле што одлучил да го сними својот прв филм. Така настанал „Мајкл“, филмот кој минатата година беше номиниран за Европската филмска награда, а неодамна ја доби и главната награда на филмскиот фестивал во Сарбрикен. Мајкл Фуит, филмскиот „Мајкл“ таму е награден и како најдобар актер. Филмот е на редовниот репертоар и во германските киносали.

Од поинаква перспектива

Иако случајот Кампуш бил емоционалната рамка за филмот на Шлеинзер, австрискиот режисер во никој случај не го екранизирал – ниту него ниту било кој друг  реален киднапер. Тоа што е специфично за неговиот филм е што се обидува да ја раскаже приказната од перспективата на киднапер – педофил. „Си реков“ – вели „дека нема да барам нешто што би можело да биде интересно или напнато за мојата ’уметничка работа’, и што конечно би го злоупотребил затоа. И затоа што реалната болка им припаѓа на реалните жртви. Јас барав главен лик кој конечно, и тоа е можеби најстрашното, не сака ништо друго и ништо повеќе од останатите: врска, среќа, љубов.“

Шлеинзер во создавањето на својот филм се водел од прашањето: како е да се биде педофил? Кога почнуваш да го забележуваш тоа во себе? „Најверојатно во доцниот пубертет кога сфаќаш дека луѓето што те привлекуваат се секогаш на иста возраст, а ти старееш. Тогаш доаѓа моментот кога тетките и бабите почнуваат да те прашуваат: кога конечно ќе ни донесеш некоја девојка? Сето тоа мора да е страшно.“ – вели режисерот. Тој нагласува дека не секој педофил е и криминалец. „Педофилијата е склоност и има луѓе коишто никогаш не ја реализирале туку бараат помош или гласно проговоруваат за неа.Педофилите стануваат криминалци во оној момент кога ќе ѝ попуштат на таа своја склоност, а тогаш најважно за нив е да го организираат својот живот така што би изгледал како „нормален“. Нема ништо подобро за да се сокрие криминалец од нормално секојдневие.“

Во темнината на сопствените чувства

Мајкл е невпечатлив, точен, ажурен службеник во осигурителна компанија. Неговата сестра верува дека има девојка во Германија, а луѓето околу него знаат само дека секогаш љубезно ги поздравува. Тој е човек што малку зборува, повлечен е и уреден – човек што живее во темнината на сопствените чувства. Режисерот Шлеинзер својата приказна ја раскажува со мирни слики и долги кадри, а сексуалното злоставување не е визуелизирано, туку само асоцијативно сугерирано. „Јас не покажувам слики бидејќи не ја гледам смислата во тоа. Сите ние знаеме за што се работи. А, да бидеме искрени: нема ништо пострашно од нашата имагинација, од сопствените мисловни проекции“, објаснува тој. Обично за вакви карактерни улоги актерите се размислуваат. Но, со улогата на Мајкл работата била посложена. Не е лесно да се живее со имиџот на „филмски-педофил-киднапер“...

„Во прво време секако дека не сакав да ја играм таа улога. Но, откако го прочитав целото сценарио сфатив дека тоа е за мене единствениот вистински, интелигентен пристап кон оваа тема. Молкот на виновникот, на жртвата и членовите на семејството –  токму тој молк создава заштитен обрач за сторителите“ – раскажува наградениот актер Мајкл Фуит. На крај, тој заклучил дека е важно за тоа да се говори надвор од уличниот притисок, па стиснал заби и рекол „Во ред, се согласувам“.

Критичарите го пофалија Фуит за неговата актерска креација, но и Шлеизер бидејќи направи ладно изрежиран филм, а сепак изразито потресен – без воајаеризам и уличен сензационализам.

Извор: dw-world.de