Прочистување

10.04.2012 09:38
Прочистување

Не знам кого уште го изненади божјото чудо во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје? А уште помалку што сакаше Бог да ни порача со тоа. Фреските се самоисчистиле! Чудно ми чудо! Па, нашиот претседател тврдеше дека неговата клетва фаќа до седмо колено, ја откри дупката во Паљурци од која лично и персонално пиел вода Свети Павле, Барак Обама лично му намигна, го откри и оној Охриѓанец кому му намигна директно Колумбо... И никој во тоа не виде посебно чудо. Премиерот, пак, е потврден чудотворец. Сè повеќе луѓе остануваат без работа, а бројот на невработените се намалува. Веќе шеста година сме во инвестициски бум, а вкупниот инвестициона сума не ја надминува онаа на чинењето на неколку споменици во Скопје. За министерот за здравство би било чудо и да се трошат зборови. Кога малку подобро ќе се размисли, цела Македонија е едно вистинско чудо. Мислам на нејзиното постоење, се разбира.

Ние, за волја на вистината, сме библиски народ. И луѓе кои верно и доследно го следат делото на Исус. Кога Исус, своевремено, ги извел оние легендарни магионичарски трикови, на пример кога од водата направил вино или кога со три риби нахранил не знам колку луѓе, да не го спомнуваме она најпознатото худиниевско воскреснување, бил свесен дека некаде постојат луѓе кои верно ќе го следат и надоградуваат неговото учење. Денес овие трикови во Македонија се во масовно, да не кажеме индустриско, производство. Одамна пиеме вода место вино и мастило место вода. Одамна се прехрануваме со една риба месечно и со едно јагне, кумулативно, годишно. Како и да е, тогаш во тие дамнешни времиња кога Македонците му ја подарувале писменоста на светот, очигледна била идејата на Богочовекот зошто сакал да да ги напие верниците и неверниците и да ги убеди дека парче леб е доволно за причесна и за духовна храна, да ги натера да постат половина година и да веруваат дека на недостојните им е место под божјето крило. Треба само да се чека, да се биде покорен, а смртта сама ќе дојде. А тоа е полесно кога си пијан, па макар и од „крстено“ вино.

Но, што сака Бог да ни каже со самочистењето на светците среде Скопје? Дека сме нечисти? Дека и светците перат раце од нас? Не знам, ниту сум Бог, ниту сум негов син, уште помалку дух, а најмалку толкувач на магиите и магионичарските трикови. Можеби сето тоа има некаква врска со законот со кој се забранува гордиот потомок на Гоцевата раса да си ги суши гаќите на тераса? Терасата не е предвидена за такви блудни дејанија. Таа е само за од неа да се гледа Солунското поле (Топаанското поле, што би рекол Сашо Коцев, веќе го освоивме, па сега не мора ни да го гледаме). И каде ќе ги сушиме, да ми простите, нашите ѕиври? Одговорот е едноставен: во машини за сушење. Тоа ќе донесе низа позитивни ефекти. ЕВН ќе може да го прошири дијапазонот на своите рекламни пораки, па така наместо машина за сушење ќе ви се појави некое чудно маскирано лице, кое ќе блее во екранот во стилот на просечен македонски политичар (натпросчните натпросечно блеат) и ќе ве моли да го исклучите. „Не арчете струја бадијала. Носете ги вашите гаќи мокри“ – уште отсега ми одѕвонува во ушите како некаква порака извикана од божјите небеса. А ние, како што сме итри, не мораме ни да ги переме нашите гаќи. Доволно е само да ги скриеме нашите валкани алишта. Како и сè друго.

Има ли божјото самочистење врска со акцијата „Детонатор“, на пример? Порака од типот: „Исчистете се меѓу себе“. Тоа божјата ќерка Гордана Јанкуловска изгледа добро го разбрала, па решила да спроведе чистки во сопствените редови, зашто, како што тоа обично излегува кај нас, на крајот од акцијата ќе има повеќе сменети и деградирани полицајци, отколку што ќе има правосилно осудени. А тоа може да значи само едно – дека по глава на криминалец доаѓаат по двајца полицајци. Или дека некое крило во полицијата сака да го преземе делот на организираниот криминал од другото крило? Или дека доаѓа до прераспределба на моќта? Сешто е пронајдено во акцијата „Детонатор“ во Источна Македонија, при што ништо не е пронајдено во ниту една акција од Струга до Тетово, па таму не е сменет ниту еден полициски старешина. Или таму е веќе направена вистинската распределба на моќта.

Една од телевизиите која ја пренесе веста за „прочистувањето на светците“ пренесе и дека станарите на една зграда во Скопје со гајда славеле дека се регистрирале како заедница на станари. И имаат право. Тоа е вистинско чудо. Само што сега им се заканува поништување на регистрацијата, бидејќи го реметат јавниот ред и мир и со тоа ги кршат правилата на Куќниот совет, кои така педантно ги обесиле во ходникот во влезот во зградата.

Во сите овие чуда, едно е испуштено. На денешен ден е стогодишнината откога „Титаник“ тргна на своето прво и последно патување. А тука не е прогласен државен празник, ниту комеморација. Иако, гарант, Ѓорге Иванов има некој предок што бил таму и го преживеал бродоломот. Се разбира дека е чудо тоа што го преживеал бродоломот, како што е чудо што и неговиот потомок станал претседател на држава, па макар таа се викала и Македонија.

Сепак, во очекување сме на најголемото чудо: некој да си ги исуши гаќите без воздух, сонце, струја, парно греење... Дури тогаш очекувам илјадници аџии кои ќе се пуштат да го видат чудото и да ги допрат сувите гаќи, зашто кои ги допре може да очекува дека ќе биде во милоста и на власта и на Бога. И ќе може гордо да застане на својата тераса. Исто како и царот со неговиот нов костум.

Извор: globusmagazin.com.mk

Цртеж: Маријан Каменски

ОкоБоли главаВицФото