Тераса

22.09.2011 14:26
Тераса

Кошаркарите се вратија. Луѓето излегоа на тераси да ги видат припадниците на гоцевите раси (што и да значи тоа), оние што немаат тераси излегоа во своите дворови. Оние што немаат дворови излегоа на прозорци.

Оние што сакаа да го видат Солунско поле, принудно слетаа во Романија. Или можеби помислија дека наведеното поле се наоѓа таму. А оние што сакаа да ги видат кошаркарите излегоа на улиците и на плоштадот "Македонија". Во случајов на новата неофицијална химна на кошаркарската репрезентација, таа со легализираните тераси, нелегализираните раси и недефинраните полиња, ми велат дека тоа не е ништо страшно, зашто кој пее зло не мисли. Апсолутно се согласувам. Навивачите што ја пееа песната, не само што не мислеа зло, туку ништо не мислеа.

Тоа ме потсетува на еден фудбалски натпревар пред многу години, поточно на едно финале на овдешниот куп. Играа "Вардар" и "Слога Југомагнат". Навивачите се наоружаа со сериозен арсенал националистички, шовинистички и етнички навредливи пароли и пцости. Победи "Вардар" со еден нула, со голот што го даде Артим Шакири. Комитите го носеа јунакот на мечот на рамена и скандираа "Сапун од Шиптари"!

Значи, новиот Александар Македонски е Бо Мекелеб. Сосема заслужено, зашто подобар предводник на овие наследници на фалангата на Александар Велики, како што дегутантно и без нималку такт, спортските новинари ги нарекоа репрезентативните кошаркари, едноставно не можевме да замислиме. Иако не освоивме медал, Александар Бо Македонски го изнесе македонското знаме на победничкиот пиедестал. И јас тогаш излегов на тераса и гласно извикнав "Ај ем блек енд ај ем прауд припадник на Гоцевата раса". Зашто, како што ме убедуваат убедените полјани од Солун, спомнувањето на раса нема нужно расистичка конотација. А Гоцевата раса нема, се разбира, никаква конотација. Речиси да создадовме нов логички силогизам. Нешто од типот на она: "Вчера на скалите го сретнав оној што не беше таму. И денес го немаше. Се надевам дека ќе остане таму".

Во меѓувреме, во татковината се менуваат работите. Додека сите очи беа вперени во Литванија, сите медиуми објавија дека некогашниот несуден македонски херој и наследник на Александровите фаланги, денес сериозен кандидат за предавник и станар на затворот во Шутка, Љубе Бошковски, потпишал извинување за сите навреди што му ги нанел на Сашо Мијалков. Мијалков, за волја на вистината, нема обичај медиумски да се експонира ниту дава изјави за медиумите, но тоа не значи дека тој не е следниот претендент на титулата наследник на Александар Велики. Очекувам дека деновиве ќе се појави уште некој од оние натурализирани историчари, кој ќе прочита на текстот на Каменот од Розета, дека Александар Македонски нагалено го викале Саше. Во моментов ни Љубе Бошковски не е достапен за давање изјави. Тој само ги потпишува.

Веднаш по дадената изјава на Бошковски, полицијата објави дека е разрешен случајот на провалата во неговиот дом. Претпоставувам дека Гордана Јанкуловска, или самата владее со вештините на гледање во тарот карти или грав, или користи услуги од некој советник вработен со такви работни задачи. Зашто, кога се случи кражбата, од полицијата изјавија дека не можат да направат увид во домот на Бошковски без присуство на некој од семејството, но дека автомобилот на Бошковски бил отворен со оригинален клуч, кој провалникот го зел од неговиот дом. Ако веќе не извршија увид, ако не го најдоа автомобилот, како можеа да знаат како е обиен? Така што ја консултирале Клеопатра, се разбира.

Кој не извадил лична карта и патна исправа нека го прави тоа под итно, зашто доаѓа нов бран на полнење на буџетот преку матичните служби. Имено, на Владата од некои причини ѝ попречија улиците без број. Знаете, "Перо Наков" бб, "Илинденска" бб, "Бихаќка" бб... Сега сите мораат да имаат броеви. И во градовите и во селата. Знаете што значи тоа? Тоа значи дека ако "Илинденска" бб, на пример, го добие бројот 1, тогаш автоматски она што било на број 1, сега е на број 3 итн. Тоа, пак, значи дека сите што живеат на овие улици ќе мора да ги менуваат своите лични документи и патни исправи. Морам да признам дека на економските експерти од владиниот тим не им недостасуваат оригинални идеи за полнење на буџетот.

Првиот шок што го доживеав кога се вратив од одмор беше - телевизија Сител. Поточно, помислив дека А1 почна повторно да емитува програма. Имено, прво што видов е дека ја емитуваат "Кога лисјата паѓаат", токму онака како што тоа го правеше А1, со синхронизација. Дури и вестите се преселени во терминот што го имаше А1. Немаше да се изненадам ако го видов Латас како води вести од пред зградата на Владата.

Паѓаат и лисјата, паѓаат и листовите... се затворија уште неколку магазини. Не го издржаа пазарот на рекламите, што би рекол еден мој колега, кој на своите слабечки плеќи сега мора да го издржи целиот пазар на државни реклами. Но, тоа не е важно... Македонија и онака го живее својот вековен сон... Речиси цел месец се слави... А таму каде што се слави, нема место за слаби. Тие треба да се тргнат, да не ни бидат пред очи, за да не ја расипуваат Гоцевата раса. Ете, ги тргнаа просјаците од скопските улици. Сега навистина живееме во благосостојба. Леб и игри.

Извор: globusmagazin.com.mk

Текст на место. Што ќе рече:

Текст на место. Што ќе рече: лајк!

Добар, малце пре натрупан.

Добар, малце пре натрупан. Фала, пријатно!

Доволно прецизно и искрено!

Доволно прецизно и искрено!

dosta slab dekst. kako da e

dosta slab dekst. kako da e pishuvan, pa brishen so guma i edvaj se chita. tolku e kvaliteten ovoj tekst. cinizam-lights, tenok humor, pogreshni konotacii, banalno politiziranje, promashena bitka. ova odi direktno vo korist na bandata na Gruevski. Totalna utka.

L'art pour l'art. Плукање

L'art pour l'art. Плукање само за да се плукало.

L'art pour l'art. Плукање

L'art pour l'art. Плукање само за да се плукало.

И од мене лајк! Што си е

И од мене лајк! Што си е точно - точно си е :)

Соочете се луѓе, текстот е

Соочете се луѓе, текстот е лош. Нема што. Авторот се зафаќа со 5-6 теми, прави површни вицови и на крај ништо од никаде. Без врска.

ОкоБоли главаВицФото