1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Во секојдневниот дискурс, ние не можеме да се ослободиме од претераното користење на зборот алтернатива. Ни се чини дека алтернативата треба да ја голтаме како апчињата, три пати на ден. Кај нас се мисли дека ако кажеш алтернатива, тогаш си се определил за нешто супериорно и за прогресивно. Сите се лепат на нејзе. Власта веќе шест години нè убедува дека таа е алтернативата за сите транзициски промашувања и талкања, а опозицијата, пак, тврди дека зад превезот на алтернативноста, ни се инсталира режим кој претендира на безалтернативност.
Оттука, оние што сакаат денес да зборуваат за алтернативноста, мораат да водат сметка за двата фактори на негативната утопија – прво, за гранитноста на сите центри на моќ од една страна, а од друга страна, за загубената надеж дека умните начела ќе ни го покажат вистинскиот пат. Кога ова ќе се има предвид, речиси е извесно и е кристално јасно, потребата да се повикуваме на алтернатива има само еден рациоанален повод – дека сегашноста е ужасна и е неиздржлива, а не дека ние посакуваме или дека заслужуваме некоја подобра иднина.
Прашањата околу алтернативноста не се нималку поедноставни ако работите се посматраат на микро план. Или, поконкретно – во новинарството. Новинарите на „Глобус“ кои го формираа Здружението „Јавност“ – Центар за нови политики и слобода на медиумите, минатата недела ја промовираа својата идеја за формирање на новинарска задруга. Наједноставно кажано, новинарската задруга, која допрва треба да се обмисли до најситните детали и потоа да се формира, треба да биде некој вид алтернатива за неколкуте стотини новинари кои се без работа или во сегашните констелации не добиваат шанса да се изразат каде било.
Задругата која асоцира на многу нешта и е погодна за духовити, па дури и за цинични коментари, барем засега, нема никого да утеши или да го импресионира. Првата поука што ја стекнавме откако за оваа идеја дебатиравме со неколку еминетни новинари и со луѓе од невладиниот сектор е дека мајката на алтернативноста е маката. Таткото, пак, е скромноста и рудиментарноста на формите за таа алернативност да се изрази. Кога ќе се спојат тегобата и беспарицата, се раѓа неухрането дете кое ќе преживее ако има среќа или ако има силна волја за живот.
Во моментов, грубо кажано, новинарството во Македонија е поделено на два блока: во првиот се оние кои работат според начелото на партијноста; во другиот блок се оние кои се потпираат само на надежта или се во зоната на утопиското. Меѓу овие два блока постои и тенка бафер зона од медуими кои се раководат од некоја корпоративна логика дека овој бизнис не треба да се напушта. Тие глумат нормалност во ненормални времиња, но прашање е на време е до кога ќе можат и тоа да го прават.
Ако еден ден се формира новинарската задруга, таа ќе биде важен индикатор колку состојбите се апсурдни и се тешки во Македонија. Првата работа што ќе ја покаже задругата е неправдата. Неправедно е според сите критериуми – и од општествен, и од морален, и од професионален, и од човечки аспект – толку многу и толку квалитетни новинари да ги нема во јавниот дикурс. А, зошто ги нема? Па, само затоа што работеле во медиуми кои не биле по волја на власта.
Задругата не може да ја компензира неправдата што многу новинари немаат редовни или немаат никакви приходи. Задругата не може да биде супституент на тоа дека на новинарот му треба редакција, му треба медиум на кој му припаѓа, дека тоа е рамката во која се функционира и во која се изразува новинарскиот труд. Оттука, не е работата да бидеме оригинални, туку да станеме нормални, да се се вратиме во зоната на нормалноста.
Задругата треба да му даде поттик на критичкиот дискурс и да ја реафирмира професионалноста во новинарството. Оттука, задругата ја зафаќа и најважната зона – потребата од алтернативен, критички дискурс. Но, тука треба да се биде внимателен за да не се мистифицираат работите или да се падне во некоја патетика. Во право е Ристо Поповски, доајен на македонското новинарство, кога вели дека не треба да измислуваме топла вода. Не постои школо каде стриктно се учи професионално новинарство. Професионалноста се подразбира, таа е импрегнирана во оваа професија. Или ја имаш, или ја немаш.
Според мене, сега е бесмислено да се расправаме за тоа дали вистинските професионалци ги има или ги нема повеќе во медиумите. Аналогно на тоа, никаде не води расправата и за тоа кој е поголем професионалец или кој е подобар новинар – оние кои се без работа или, пак, оние кои ги задржаа своите позиции. Но, факт е и тоа дека во постојната конфигурација, повеќето медиуми се нагризени или се контаминирани од неколку негативни појави. Она што треба да ги загрижи сите новинари, без оглед на нивниот моментален статус, е тоа што на медиумите им се заканува целосна деградација и дегенерација, нешто што веќе го доживеа сите институции во државава.
Кога станува збор за проблемите, на прво место, секогаш се посочува дисбалансот помеѓу т.н. провладини, независни и опозициски медиуми. Во принцип, нели, сите медиуми се декларираат како независни, но, во пракса, тие се препознаваат и како медиуми кои се блиски или на власта, или на опозицијата. Да се биде лев или десен, само по себе, не значи ништо, бидејќи бојата или идеологијата не е знак за супериорност или за инфериорност. Но, оваа поделба или ваквата медиумска диференцијација важи само во нормалните, здрави демократии. Ние, се разбира, не сме тоа. Во Македонија не е проблемот што има многу провладини медиуми, туку што ги нема од спротивната страна, а оние, во многу мал број, кои го имаат тој жиг дека се антивладини, а сепак излегуваат, едвај живуркаат.
Вториот, многу поголем проблем, е што медиумите станаа нерезистентни на режимизацијата на целокупниот систем. Дегенерацијата на системот се рефлектираше и врз медиумите и тоа веќе не може да се сокрие. Медиумите кои гравитираат околу власта, или се целосно под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, имаат два избори – прво, да замижуваат пред антиполитиките, да шират конфузии, да се занимаваат со бесмислени релативизации, да ја хранат јавноста со тривијалности и второ, отворено и без задршка, да бидат пропагандистички гласила на владејачката партија, да станат инструмент за перење на мозоците на луѓето. Како што ќе минува време, оваа пропагандистичка натура на медиумите ќе се шири до апсурдни димензии.
Задругата, можеби, набргу ќе биде формирана. Ќе почне со благордни побуди и со уште поблагородни цели. Задругата ќе ја изора својата прва бразда, па со време ќе се сфати колку е тешко задругарството. Гледано отстрана, некому сето ова ќе му изгледа прилично наивно, неефициентно, речиси – утопистички.
Но, една работа заслужува внимание и целосен респект: во вакви времиња е најважно да се биде активен и да се биде пркосен.
За тоа – нема алтернатива.
Извор: globusmagazin.com.mk
Колажи: Свирачиња
Секогаш ми е интересно кога
Испратено на 03 јуни 2012 од ИнтересноСекогаш ми е интересно кога новинар кој работи за партија (во случајов - за СДСМ) пишува за слобода на изразување.
Што знаеш ти, партиски новинару, за слобода на изразување кога ти е одземена од СДСМ со секое валкано евро кое го добиваш за нарачаните текстови?
А оние медиуми што
Испратено на 04 јуни 2012 од Пандиљ ВулканизерскиА оние медиуми што гравитираат кон опозицијата се професионални, што да ти раскажувам...
Најдолни теми недостојни ни за жолт печат, искривоколчувања на вистината, наслови што не одговараат со содржината, гласини (па кога ќе бидат демантирани стојат во демек „најчитани“), давање збор и на шуто и рогато, што нема што да каже, само да пролае нешто против влада (а тука влегуваат и отворени непријатели на Македонија), катастрофични сценарија со години наназад што никако да се остварат, преувеличување на негативностите, а занемарување на позитивните работи во Македонија (макар и да не се последица на дејствија на владата), лични напади и дефамација, па се` до директни лаги.
Можеби, само можеби, да не е работава што никој сериозен не ги сака таквите новинари?