Куќа со четири очи

09.05.2012 13:14
Куќа со четири очи

Поимот „викендица во пустина“ можеби не ви звучи најпривлечно, но кога ќе се погледнат фотографиите на Four Eyes House можеби ќе се премислите.

Оваа семејна куќа, за која е заслужен архитектот Едвард Огоста, се наоѓа во пустината Коачела, калифорниска долина позната по истоимениот фестивал, еден од најпосетуваните музички настани денес.

Проектантскиот став и завршената реализација на архитектот беа своевидна вежба, односно експеримент за најдоброто искористување на квалитативните сегменти кои се поврзани со местоположбата на куќата. Наместо проектирање „обична“ семејна куќа, која би следела некоја типизирана функционална организација, архитектот се реши да создаде станбен простор кој ќе ги интензивира предностите и вредностите на локалитетот.

Куќата е организациски така поставена што покрај централната застаклена зона никнуваат четири трокатни спални „кули“, каде што собите се позиционирани на најгорниот кат, издигнати од околниот терен. Во секоја кула, под скалилата, т.е. во катовите под собите се наоѓаат соодветните бањи.

Секоја од кулите е позиционирана и прозорски насочена на некоја од околните сензации во видокруг; утринското изгрејсонце е на исток, ланецот планини на југ, вечерните светла на блискиот град на запад, а четвртата кула е отворена кон ѕвезденото небо. Сите соби имаат еднакви димензии и кориснички се недефинирани за да се постигне слобода при изборот за нивна намена, но и можност за постојано нивно кружно менување, во зависност од преференциите на домаќините.

Извор: edwardogosta.com

ОкоБоли главаВицФото