Само уфрли го новото во старото!

15.06.2012 14:50
Само уфрли го новото во старото!

Во современата архитектура различните практики на процесите на обнова, интерполација, вклопување или надградба во постојни структури користат различни авторски методи. Таквите сценарија понекогаш резултираат со неадекватни обнови и со агресивни архитектонски реакции на објекти од нешто постарата историја, а тоа често предизвикува бурни реакции во јавноста.

Една таква задача, архитектонски одговор на градење над трошна зграда, доби лондонската фирма Haworth Tomkins. Наспроти честите неспретности и невклопувања при слични задачи, проектот на архитектите во овој случај особено успешно одговара на зададената локација.

Нивниот проект за Devocate studio се наоѓа на Devocate campus – светски признат музички кампус во Снејп Малтингс, на истокот на Велика Британија.

Во зададеното опкружување нивниот проект реагира едноставно, можеби наизглед агресивно, но во завршницата особено суптилно, храбро и современо, визуелно целосно се прилагодува на околината и истовремено создава нова архитектонска икона.

Со вметнување структури од современи форми и материјали во урнатините на викторијанската зграда од тули архитектите успеаја да воспостават дијалог помеѓу два навидум неспоиви објекта.

Урнатините на постојната куќа станаа база за вметнатата структура, троетажно здание на архетипска форма на куќа со препознатлива надворешност – фасада облечена во кортен.

Трошните и уништени ѕидови над кои настанува новиот објект, некогаш биле дел од двоетажна куќа, а самата урнатина сега стана своевидна икона – препознатлив елемент на влезот во самиот кампус. Бојата на кортен фасадата на новиот објект идеално се вклопува во тоновите на урнатините од тула, умерено доминирајќи над речиси распадната зграда.

Како што објаснуваат самите архитекти, резултат на нивниот проект е зграда која од далеку се гледа како дух издигнат над оригиналната структура, додека одблизу станува збор за сосема нова и целосно читлива целина.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото