Како да се читаат огласите за работа

21.08.2012 10:14
Како да се читаат огласите за работа

Овој водич ќе ви овозможи да ги препознаете лошите компании, читајќи го текстот од нивните огласи за работа. Една компанија неодамна бараше кандидат со импресивни барања.

Бараме:
-Графички дизајн: познавање на Photoshop, Ilustrator или Corel (обработка на фотографии, изработка на плакати, флаери, промо материјали, изработка на анимации...)
-Управување со содржини преку веб: познавање на CMS состав (Joomla)
-Веб и програмирање: познавање на html и php кодови, искуство во одржување на веб страници и webshop
-Веб маркетинг: познавање на социјалните мрежи, снаодливост во изборот на технологии за унапредување на работата (интернет маркетинг)
-Јазици: одлично познавање на англискиот јазик во говорот и писмото, како и германски јазик (ќе се смета за предност)
-Разно: пожелно е познавање на работата во туризмот.

Искуство во работа со луѓе, комуникациски и организациони способности. Пораката е јасна: почетната точка е да бидете врвен експерт во неколку потполно различни полиња. Кога ќе го видите тоа во оглас очекувајте лоша плата и потценување. За работите да бидат уште полоши, кога шефот ќе одлучи дека одгледувањето зелка е попрофитабилно од веб маркетингот и туризмот, ќе ви ја намали платата и ќе ви ја подаде мотиката.

„Самоиницијативноста и флексибилноста“ се знак дека сопственикот на компанијата ќе биде кафански менаџер, тип што го поминува времето по кафани со некои главучи, а фирмата му служи за шмника. Никој нема да ви каже што треба да работите, но ако не го остварите тоа, ќе ви се истурат на вас. Тоа вклучува сè, преземање повици од излажани купувачи, изработка на маркетиншки план, финансиска анализа на работењето во минатата деценија или програмирање на базата на податоци.

„Задоволство во работата со клиентите“. Во огласите за работа ова е сигурен знак дека клиентите ќе бидат избрани социопати. Од вас секогаш ќе се бараат повеќе услуги за помалку пари, а ако не бидете доволно сервилни, клиентите ќе му се обратат на вашиот претпоставен. Тој ќе ви се истури вам затоа што не разбирате во каква рецесија живееме, ќе ви се заканува со отказ и на крајот, со садистичка насмевка ќе ви рече: „А сега врати се на работа. Каде е насмевката?“

Ако веќе сте смениле неколку работодавачи, фразата „тим составен од млади луѓе“ веднаш ќе ви ги вклучи сите аларми. Таа укажува на тоа дека фирмата работи на многу специфичен начин. Вработуваат млади луѓе без искуство затоа што тие ќе ѝ дадат откачен, прогресивен имиџ на фирмата. Оваа работна сила е подготвена да работи за бедна плата со неплатени прекувремени часови (менаџерот вели дека недостатокот на искуство мора да се надополни со труд), а со квалитетот никој не се занимава, главните луѓе се мајстори на спинот и со леснотија ги уверуваат клиентите дека го добиле најдобриот производ. Кога младите работници ќе стекнат малку искуство, тие ќе бараат зголемување на платата. Откако шефот ќе ги одбие неколку пати и ќе им ја намали платата, тие ја сфаќаат пораката и си даваат отказ. Фирмата повторно ќе вработи „младо месо“ и со тоа ќе си го осигура трајниот статус на „тим од млади луѓе“.

„Изразени презентациски вештини“. За разлика од другите фрази, овие не се особено страшна работа. Тоа само значи дека знаете да ги сложувате основните Powerpoint презентации (жолти букви, сина позадина) и имате доволно остар вид за читање преку проектор. Од друга страна пак, ако знаете да остварите контакт со публиката и зборувате јасно, не ви требаат слајдови и теоријата можете да ја поткрепите со практика, тогаш не се јавувајте на вакви огласи. Потенцијалниот шеф ќе ве смета за имбецил.

Дали некогаш сте забележале оглас во кој се споменува „висока“ плата? Вообичаено, примањата се опишуваат на килав начин: „стимулативна“, „прогресивна“ или „можност за напредување“. Ако дојдете на разговор за работа во ваква фирма, вашиот соговорник гордо ќе ви ја покаже скалата за плаќање, од подпросечна (тоа е вашата почетна плата) до сосема пристојна. Притоа, нема да ви каже дека сите освен него не мрднале од почетната плата, а сосема пристојно можат да заработуваат само оние што побргу ќе си заминат.

„Подготвеност за учење и усвојување на нови знаења“. На прв поглед ова делува дека работодавецот дополнително ќе плаќа за вашето образование. Нема шанси! Ќе ви даде некакви книги што ќе ги читате по работниот ден. Ако ве испратат на некаква платена едукација од вас ќе очекуваат да потпишете анекс на договорот со кој ќе се обврзете на уште десет години робија или ќе им го платите трошокот за едукацијата... со камати.

Фразата „тимски работник“ се наоѓа во речиси сите огласи и значи дека ќе работите како пес, а лидерот на тимот ќе ги добива сите заслуги. Спротивното не важи: во случај на грешка, лидерот на тимот ќе ви ја префрли целата одговорност на вас.

„Желба за нови предизвици“ значи дека ќе дојдете во пеколот, а шефот ќе ви биде Луцифер лично.

Извор: http://zlihologija.com

ОкоБоли главаВицФото