Окно анкета за СК014 (2)

19.09.2012 12:41
Окно анкета за СК014 (2)

Трите прашања
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект? (На неколку луѓе, заради актуелноста, наместо првото прашање им го поставивме прашањето: „Што мислите за споменикот „Паднатите херои“?)
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект?

Денес ги објавуваме одговорите на Марија Христовска-Стевковска и на Игор Тошевски.

 

 

Марија Христовска-Стевковска, архитектка

1
Секогаш е убаво и помага да го разбереш уметничкото дело, кога ќе добиеш објаснување од авторот: "Според Томе Аџиевски, во функција на постмодерниот израз, зборот бил напишан на латински дијалект на шпански и на каталонски јазик. Тој додава дека споменикот е изработен во постмодерен стил, во кој има неколку ’загатки’."

Значи, споменикот на паднатите херои е дело преку кое нашата влада нèвнесе во светот на енигмата и непознатото. Засега успеав да решам само една мистерија, мистеријата на избраните материјали. Имено, со изборот на златото ни покажуваат дека можат да нèкупат со нашите сопствени пари, но сепак побрзо би нèпродале за уште злато.


2
Понекогаш ми е навистина тешко да се одлучам за еден од мноштвото современи или постари објекти. Но тоа е ако зборуваме за добра архитектура. Ако зборуваме за Скопје 2014, сèзаедно ставам во еден кош. Можам само да поставам 10 прашања до авторите на кое било дело од дегенерираниот проект.

1. Каква ли е оваа празна лушпа?

2. Знаете ли дека уметноста треба да има содржина?

3. Знаете ли дека архитектурата треба да им служи на луѓето, а не обратно?

4. Знаете ли дека уметноста треба да има автор, а авторот свој израз?

5. Во кое време живеете? Можете ли според изгледот да го одредите времето во кое постанало ова дело?

6. Знаете ли дека една архитектура или скулптура во простор треба да се доведе во врска со околината - околните објекти, пејзажот и слично?

7. Знаете ли дека едно уметничко дело треба да му отвори нови видици на оној кој го гледа, а не да го закржлави и затвори во некои мрачни времиња?

8. Знаете ли дека за архитектурата најкомпетентни личности се архитектите?

9. Знаете ли дека македонската архитектура беше горда на својата хумана архитектура (архитектура по мерка на човекот), а дека дехуманизираната архитектура се појавува и е одраз на нехумани општествени услови?

10. Имате ли проект за оживување на масакрираниот град?


3
Министерството за вистина... остро се разликуваше од сè останато на видикот. Тоа беше огромна пирамидална градба која се издигаше, тераса по тераса, триста метри во височина. Од местото на кое стоеше Винстон можеа да се распознаат, испишани со елегантни букви на белиот ѕид трите пароли на Партијата:

ВОЈНАТА Е МИР

СЛОБОДАТА Е РОПСТВО

НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ.

(Џорџ Орвел, „1984“)

Следејќи ги настаните во последниве 5 години, се чувствувам како секој ден да ја препрочитувам Орвеловата 1984. Само што владата во Македонија неискрено ни порачува: ЗНАЕЊЕТО Е МОЌ, а анализирајќи ги нејзините методи, сведоци сме дека го мисли токму
спротивното.

Архитектурата на секоја земја носи свој темперамент и свои обележја. Она што ние сме го наследиле како архитектура се простори по мерка на човекот. Хуманата димензија е запишана во генетскиот код на македонската архитектура.

Проектот Скопје 2014 е материјализација на една насилна и нехумана идеологија и комплетно е во спротивност со генот на македонската градителска традиција. И со овој дегенериран проект, слично како во „1984“ на Орвел, се создава дегенерирана архитектура која секојдневно нèвнесува во нови дехуманизирани простори. Затоа што просторот во кој човекот се движи треба да е мегаломански и нехуман, за човекот да се чувствува ситен и беден.

Современите архитектонски / уметнички форми стимулираат позитивно размислување и отвараат нови видици кај оној што ги набљудува; тие го развиваат духот. Токму заради тоа овде тие се избегнати, а наметнат е најдекадентниот стил од историјата на архитектурата и уметноста - барокот. Овој стил воопшто не одговара на современиот начин на живот или современиот ум. Целта е народот да престане да размислува со своја глава, да престане да биде свесен, да се умртват сетилата, за потоа да нема ниту реакција. Тогаш се појавува вперениот показалец од плакатите што нèинформира: ТИ СИ МАКЕДОНИЈА, бидејќи ние самите не сме свесни за тоа. Ова повторно соодветствува на плакатите од „1984“, на кои е испишано: ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ НАБЉУДУВА. И така ние продолжуваме, свесно, помалку свесно, или несвесно, да ја живееме „1984“ во „Скопје 2014“.

 

Игор Тошевски, уметник

1
Одбивам воопшто да кажувам мислење за нешто што начелно сметам дека ми е наметнато на еден груб начин. Да говориме за ’естетиката’ или ’стилскиот израз’ тука е целосен апсурд. Секој монумент, обележје, фасада или зграда од „Скопје 2014“ е само потсетник на мојата граѓанска обесправеност...

2
Дел од инфраструктурата е поправена поради неминовности врзани за спроведувањето на овој проект. Тоа е позитивно, секако.

3
Ја разбирам и поддржувам желбата за просторно уредување и облагодорување на градот и животната средина. Исто така, ја разбирам потребата за верификација на сопственото минато преку архитектурата, уметноста и јавните споменици. Но, начинот на кој сето тоа е изведено убедливо ги надминува сите граници. Проектот, кој очигледно е однапред темелно осмислен, јавноста немаше време кога да го апсорбира кога заораа првите булдожери. И тоа го разбирам бидејќи доколку граѓаните и експертите беа навистина прашани, како што е редот во секое достоинствено демократско општество кон кое наводно се стремиме, барем половина од изграденото немаше ни да се оствари. Најапсурдниот момент е френетичниот обид за пребришување на сите траги од модернизмот (како убиецот кој нон-стоп си ги трие рацете оти му се присторила дамка крв) небаре и самиот стил е виновен за идеолошкото ни минато. Но, како што имаше забележано Андреас Ернст во текст пренесен токму во Окно, колку и да е навидум успешна оваа стратегија, очигледно се работи за еднострано видување кое сепак се однесува само на една конкретна (етничка) заедница. Затоа не е чудо што „Скопје 2014“ успева само да ги раздлабочи ионака чувствителните шевови во земјава и тоа по сите линиии - расцеп кој тешко ќе зацелува со годините без додатни трауми. И сето тоа за време на една од најголемите светски кризи, во општество со една од најмизерните економии и со хронична невработеност... Бизарно.

Колажи: Свирачиња

Слични содржини

Јавни Простори
Општество / Јавни Простори
Јавни Простори / Теорија / Историја
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото