Ништо без француските врски

20.09.2012 09:43
Ништо без франуцските врски

Во дебатите за иднината на Европската унија и еврозоната, Германија секогаш зазема централно место. Тоа е земја со голема економија, чијшто удел во БДП на еврозоната е 28 проценти, додека по број на жители уделот на Германија изнесува 25 проценти. Иако можеби може да биде надгласана по некои други прашања, сите се сложуваат дека малку може да се направи во еврозоната без согласност на Германија.

Фокусот врз Германија, иако оправдан, не би требало да ја доведе до потценување критичката улога на Франција. Најпрвин, Франција е клучна врска помеѓу југот и северот на Европа во време на растечките економски и финансиски поделби помеѓу кредиторите и должниците (поделби кои започнаа да добиваат културни димензии).Франција може да одигра улога на премостување со зацврстување на своите силни односи со Германија (пријателство кое е столб на ЕУ), а тука се и нејзината близина и културни афинитети спрема Медитеранот.

Франција е „јужна“ според дефицитот, но „северна“ по давањето заеми (незначително над Германија), делумно благодарејќи на приливот на капитал од југ, но и на умерениот но позитивен раст. Дури, нема ризик од „реденоминацијата“ која би влијаела на француската сопственост, што влева доверба во пазарот дека Франција ќе го задржи еврото. Иако оваа земја се соочува со огромни економски предизвици, нејзините јужни и северни карактеристики и’ овозможуваат да игра проактивна улога во опстанокот на европскиот проект.

Францускиот претседател Франсоа Оланд веќе го изложи мошне успешниот приказ на својата улога – состанок со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин на првиот ден од својот мандат и еден месец подоцна учество на висок состанок со шпанскиот и италијанскиот премиер. Дури го презеде приматот кога станува збор за „договорот за раст“ и „договорот за стабилност“ за кој се преговара под раководство на Меркел.

Второ, Франција со својата влада на лев центар мора да покаже дека „европскиот модел“ на пазарна економија е во спрега со силна социјална солидарност, дека тој може да биде реформиран и зајакнат, наместо напуштен – не само во европскиот прагматичен север, туку и во идеолошкиот југ. Француските социјалисти нема и не би требало да се откажат од своите традиционални обврски. Тие сега имаат шанса да го обноват европскиот модел.

Француските социјалисти, под мандатот на Оланд, го фаворизираат постигнувањето обнова преку процесот на социјален дијалог, кој уверува наместо да наметнува, насочен е на мерки во областа на природата и зајакнување на ефикасноста на владата, а би можеле да бидат усвоени и некои успешни северно-европски „флексибилни“ политики, кои ја комбинираат поголемата флексибилност на пазарот на труд со силната социјална заштита. Реформите би требало да вклучат многу поголем избор за поединецот, допуштајќи решенија за пензионирање, образование, здравство и животни прашања кои би можеле да бидат полесно прилагодени на специфичните околности и на потребите на граѓаните.

Владата на Оланд и премиерот Жан Марк Еро имаат силно мнозинство на сите извршни и законодавни нивоа, што им дава ретка можност да делуваат. Ако можат да го обноват економскиот модел дома, ќе бидат во состојба да го проектираат таквиот успех и многу пошироко, особено на југот од Европа, во замена за зајакнување на довербата во ЕУ, особено помеѓу младите генерации. Француските левичари мора да водат во конципирањето на визија за Европа во која солидарноста и еднаквоста ќе ја зајакнуваат економската сила.

Конечно, заедно со Британија меѓу европските земји, Франција има многу поголема глобална улога од Германија. Иако Советот за безбедност на ОН застаре по својата структура, и понатаму игра доста важна и легитимна улога, а Франција, а не Германија е негова членка. Во многу други меѓународни организации, Франција е посилна.

Слично на тоа, иако Франција извезува многу помалку од Германија надвор од ЕУ, многу големи француски компании се ривали на германските во глобален домет. Францускиот јазик е глобален јазик. Со други зборови, Франција не е само врска помеѓу европскиот југ и север, туку и значајно придонесува за поврзување на Европа со остатокот од светот.

На Европа и’ е потребна обновена визија и ефикасна политика за да ја реализира таквата визија. Француската социјалистичко-зелена влада може да игра важна улога во обединувањето додека Европјаните се соочуваат со големи предизвици. Нивниот успех ќе биде важен и за политичката дебата која ќе ги реши изборите во Германија во 2013 година.

Авторот е поранешен министер за економија на Турција, администратор на Програмата за развој на ОН и потпретседател на Светската банка; моментално е потпретседател на Bruking институтот.

извор: danas.rs