Анализа: Кипар помеѓу два табори - Тројката или Русија

16.11.2012 17:38
Анализа: Кипар помеѓу два табори - Тројката или Русија

Треба да се надеваме дека логиката не ја напушти Европската унија одамна. Првото прашање е како Грција воопшто можеше да влезе во Еврозоната кога тие се толку „мрзеливи“ и кога се знаеше дека државата е во големи долгови? Второто прашање е како Ирска преку ноќ можеше да стане најпопуларна (или една од најпопуларните) земја за барање работа, на почетокот од овој век, во земја на ЕУ од која емигрираат сите кои можат? Најапсурдното прашање е како воопшто еден дел од Кипар влезе во ЕУ кога се знае дека таа земја е поделена, дури и ОН се таму помеѓу „грчкиот“ и „турскиот“ дел? Според таа логика и Босна и Херцеговина може веднаш во ЕУ,како и Србија и Косово. Или да речеме во ЕУ да влезат Република Српска и Косово, а Федерацијата Бих и Србија не. Сите комбинации со Кипар се отворени.

Земјата е поделена, ОН се наоѓаат помеѓу два дела, а едниот дел кој е „грчки“ е во ЕУ. Во Босна и Херцеговина се одржуваат предавања затоа што таа е поделена на два ентитети, како и Србија и Косово. Но, никој не се занимава со прашањето кој воопшто ги направи ентитетите во Бих и кој инсистира на решение на косовското прашање? Зошто споменатите држави од Балканот не можат да се интегрираат во ЕУ, затоа што тие не ги „спровеле“ реформите? А што да се каже за Македонија и апсурдноста околу ситуацијата со името на државата? И тука ја имаме Грција како еден од главните актери. Па и на Кипар. Понатаму не треба да се набројува, ова е доволно. Како и Грција, која влезе во Еврозоната, а не ги исполнуваше условите (тоа сега, и тоа како се забележува), така и Кипар стана членка на ЕУ. Всушност, станува збор за дел од Кипар.

Сега тоа им се „одбива од глава“ и на ЕУ и на овие држави. Излишно е да се трошат зборови за Грција, се знае сè. Но, не се знае дека Кипар е во иста ситуација како и Грција. Уште повеќе, тој дел се нарекува „грчки“ дел од Кипар. Апсурдот продолжува. Турција преговара со ЕУ една деценија и економската ситуација во „турскиот“ дел од Кипар е многу подобра отколку на „грчкиот“ дел. Економската ситуација во Турција (особено пред создавањето на напнатоста со Иран и Сирија) беше толку унапредена што многу Турци од Германија почнаа да доаѓаат дома. Сега изгледа дека поголемиот дел од Турците се против ЕУ и објективно е да се очекува дека Турција никогаш нема да стане членка на ЕУ. Се чини дека објаснувањето е едноставно. Ако државата е во ЕУ или е пред банкрот или мора да им плаќа на оние кои се пред банкрот.

Ако државите се вон ЕУ (Швајцарија, која се подготвува за можен бран бегалци заради евро-кризата, барем тие така велат, Турција, Норвешка, дури и некои Швеѓани бараат работа во неа...), толку економската ситуација е подобра. Вирусот наречен банкрот, во ЕУ никако не може да се отстрани и се шири со голема брзина.

Што се случи со Кипар, за кого малку се знае?

Кипар е поделен на следниот начин: 59,74% ѝ припаѓа на службено признатата република, 34,85% е „турскиот“ север, 2,67% ја сочинуваат бафер зоната на ОН. За сето тоа да биде уште подобро зачинето, тоа се двата дела кои ѝ припаѓаат на Велика Британија, Акротира и Декела, кои вкупно сочинуваат 2,74% од островот. На север се наоѓаат преку 5 илјади војници кои се грижат за сигурноста на северот и тука се да спречат напад од југот. Овие факти кај човекот создаваат впечаток дека се работи за воена зона, а не за членка на ЕУ. Ако во кој било случај Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ (шансите се минимални иако антиевропското расположение е големо), дали тогаш и овие два дела на „британскиот“ Кипар ќе престанат да бидат дел од ЕУ?

Одеднаш, балканските прашања и не изгледаат толку страшно, кога ќе се земе во предвид што се случува на Кипар. Како и во Шпанија и САД, а веројатно и наскоро во Кина, која има „градови-духови“, таканаречениот граѓански балон ќе пукне по рабовите. Кипар влезе во Еврозоната во 2008 година и веќе е со големи проблеми. Странците поседуваат околу 100 илјади куќи и станови на Кипар. А Кипар има само 803 илјади жители. Со оглед на тоа што беше англиска колонија, на Кипар има повеќе од 60 илјади куќи и станови во рацете на Британците. На Кипар се градеше на сите страни и сега и државата и банките и градежниците и граѓаните се со проблеми за кои некои велат дека се поголеми од оние во Грција. Неодамна, Русија му даде заем на Кипар од 2,5 милијарди евра. За тоа сè уште не се зборува многу како што во Грција се зборува за поостри мерки за штедење и финансика помош од ЕУ.

Но, тоа сега е само прашање на месеци, според мислењето на некои економисти. Истото се тврди и за Словенија. Во првите осум месеци од оваа година, издадени се 40% помалку градежни дозволи а 49% се издадени само во август. Цените на недвижностите непрекинато паѓаат. Околу 45 илјади станбени единици сè уште немаат купци, многу од нив се недовршени, а некои во целост се напуштени од страна на градежниците. Нешто слично се случува и во Шпанија и САД (особено во Лас Вегас). Во јавноста протекоа работи за кои граѓаните на Кипар одамна знаат. Голема корупција, вмешаност на разни институции, од банки до државни институции, пари нема. Парите исчезнаа. Владата одобри нацрт закони за да се докапитализираат банките и да се создаде фонд за стабилизација на банкарскиот систем. Но, нема пари за во фондот.

Воведени се одредени мерки за штедење. Многумина тврдат дека сега е предоцна за штедење. Штетата е направена. Постојат и големи проблеми и малверзации со градежните дозволи, законите не се најјасни или често не се спроведуваат како што треба. Изгледа дека ситуацијата е полоша отолку што претходно беше наведено, дека руските пари пресушија во јули. За спасување на двете најголеми банки се потребни 2,3 милијарди евра. Потоа се појавија информации дека „трошоците“ скокнале на 6 милијарди евра плус 4 милијарди за Владата. А потоа дојдоа уште понови информации. Владата 4 милијарди, а банките дури 9 милијарди. И кој би можел да се снајде во сето тоа. Според тоа, не може да се каже дека се работи вкупно за 13 милијарди.

Но, не. Ново изненадување. Во почетокот на август протече информација дека гувернерот на Централната банка им рекол на законодавците дека на банките им се потребни 12 милијарди, што е 70% од кипарската економија, која вреди 17 милијарди и која е во сè поголема криза. Според тоа, вкупната потребна сума изнесува 16 милијарди евра. Тоа се 94% од бруто домашниот производ. Воведени се и буџетски скратувања, а економијата се забавува со голема брзина. Преговорите со „Тројката“ (ММФ, Европската комисија, Европската централна банка) се во тек. Се зборуваше дека до октомври би требало да се постигне договор за веќе познатите зборови - bailout - финансиско спасување. Парите ќе бидат за оној кој ќе воведе големи мерки за штедење.

Во октомври 2010 година, рускиот претседател Дмитри Медведев го посети Кипар. Излезе дека во првата половина од годината, „малиот“ Кипар бил најголем странски инвеститор во Русија, пред Холандија, Луксембург и Германија. Се разбира дека тоа не се кипарски пари. Тоа беа руски пари кои се враќаа во Русија. Некои руски компании одамна отворија свои седишта на Кипар за да го искористат статусот на даночните засолништа. Тој тренд се забрза кога Кипар влезе во ЕУ и во Еврозоната. Според податоците на руската амбасада на Кипар, во последните пет години Кипар инвестирал во Русија преку 52 милијарди долари. 41,7 милијарди долари се инвестирани во периодот од 2007-2010 година или 2,7 пати повеќе отколку што инвестирала Германија во истиот период. Во исто време, Русите инвестираат на Кипар.

Меѓу нив е Дмитри Риболовлев кој купи 10% од Bank of Cyprus, која добива финансиска помош. А ресурсите на природниот гас во крајбрежјето на Кипар им привлекоа внимание на руските компании. Тројката процени дека 50 000 куќи и апартмани ќе бидат на пазарот. Но, само 4 876 единици се продадени во првите девет месеци. Невработеноста достигнува рекордни стапки, градежниците се речиси целосно уништени. Загубите ги уништија банките. И што сега? На Кипраните им требаат пари. Имаат два извори: Тројката или Русија. Ако едните не понудат добри услови, постои другата опција. Кипраните можат да играат на таа карта иако се во тешка ситуација. ЕУ нема избор.

Ако сака Кипар да остане во Еврозоната и во ЕУ, мора да му помогне или да ја координира помошта со Русија. Ако тоа не го направат, Русите ќе бидат број еден на Кипар, ако веќе не се. Со оглед на тоа дека вредноста на имотите на Кипар драстично опаѓа, дека поединци од Русија купуваат акции во банките (за кои се претпоставува дека се многу поефтини отколку што беа во претходните економски услови), дали Русите ќе дојдат до позиција да ѝ ја препуштат помошта за Кипар на Тројката, всушност најмногу на ЕУ, а потоа тие со акциите во банките ќе ги добијат тие пари? Дали Германија, Франција и другите земји од ЕУ ќе му помагаат на Кипар, а тие пари ќе завршат во руските џебови? Дали воопшто може да се знае што точно се случува на Кипар?

Тешко е да се каже. Нема многу информации и тие не можат лесно да се проверат. За разлика од грчкиот случај каде ги знаеме дури и деталите, Кипар сè уште е мистерија. Во следните месеци ќе видиме како ќе се отплеткува клопчето.

Извор: http://advance.hr   

 

ОкоБоли главаВицФото