Интервју со економистот Мајкл Робертс: „Во капитализмот нè чекаат уште полоши нешта“

25.12.2015 11:57
Интервју со економистот Мајкл Робертс: „Во капитализмот нè чекаат уште полоши нешта“

Како ќе ја опишете содржината на договорот помеѓу Грција и кредиторите?

Договорот се темели на неолибералната економија, според која воведувањето тешки мерки за штедење – како што е повторното кратење на трошоците за јавните сервиси, повторното намалување на пензиите, зголемувањето на данокот од продажба и паралелното намалување на работничките права и регулациите за крупниот бизнис – ќе доведат до економски раст за Грција, која потоа ќе го сервисира својот долг и ќе напредува економски. Меѓутоа, тоа е залудна надеж.

Зошто?

Извештајот на ММФ покажа дека новите мерки за штедење дополнително ќе ја влошат ситуацијата. Сè зависи од зголемувањето на растот во еврозоната во текот на следните неколку години, што би требало да ѝ помогне на Грција, паралелно со странските инвестиции во оваа земја. Меѓутоа, тоа не е реално сценарио. Многу е веројатно дека Грција ќе биде соочена со нова должничка криза, со дополнително намалување на животниот стандард на поголемиот дел од грчкиот народ. Вистинската цел е предавање на грчкиот национален имот во рацете на Тројката, која ќе го распродаде за отплата на долговите и сопствените заеми, и рефинансирање на приватните грчки банки. Единственото прашање е што ќе се „лицитира“? Морските пристаништа, аеродромите, банките или Партенонот? Заради тоа, овој договор е целосно понижување за Грците и создава период од три до пет години депресија и човечки трагедии. Единствено полошо од тоа е фактот дека се спроведуваат економски политики кои нема да функционираат.

Тогаш зошто европските институции инстистираат на методи кои не функционираат?

Стравуваат дека со „намалувањето на долгот“, што ММФ сега го означи како нужност, нивните избирачи на кои со години им зборуваа дека Грците се „мрзливци“ ќе гласаат против нив. Исто така, конзервативните влади во Шпанија, Португалија и Ирска, кои ги спроведоа барањата на Тројката на сметка на своите граѓани, не сакаат Грција да добие „посебен третман“. Мерките за штедење ќе се покажат како измама.

Тогаш каква е целта на договорот?

Смислата на овој договор е двострана. Прво, целта е обнова на грчкиот капитализам со поместување на вредностите од трудот кон капиталот со подигнување на профитабилноста на капиталот на штета на грчкиот народ. Од друга страна, втората цел е лекција за која било влада од еврозоната која се противи на мерките за штедење и ги доведува во прашање француско-германските монетарни правила и економските политики. Првенствено, тоа е поука за сите во Шпанија, Португалија и Италија.

Дали мислите дека стравуваат од раст на популарноста на левите партии во Европа, кои се противат на мерките за штедење и постоечката економска парадигма?

Европските политичари стравуваат дека повторно на власт ќе дојдат такви влади во поголеми земји од Грција и дека ќе ги доведат во прашање неолибералните политики и владеењето на капиталот. Во тој контекст борбата на грчкиот народ, кој се соочува со медиумски лаги, уцени и „тероризам“, да го парафразирам Јанис Варуфакис, е еден вид светилник за работниците од остатокот од Европа.

А тука е и владата на Сириза, која, да не заборавиме, се согласи на таков договор со кредиторите, иако и самиот Ципрас вели дека „не верува“ во него.

Сириза ги доби изборите залагајќи се за радикални промени, почнувајќи од запирање на доминацијата на олигарсите и мерките за штедење и „омразеност кон долгот“. Ги победија партиите кои ентузијастички ги усвојуваа мерките на Тројката. Меѓутоа, грчкиот народ сакаше и останување во еврозоната и ЕУ бидејќи инстинктивно знаеја дека грчкиот капитализам е преслаб за самиот да овозможи подобар животен стандард. Заради останување во еврозоната Ципрас и Сириза се обидоа да ги уверат европските лидери да го намалат долгот и да овозможат фискален простор за дишење во замена за прифаќање на тешките услови. Заради тоа, Сириза ги ослаби изборните ветувања, преминувајќи ја „црвената линија“ за прашањето на даноците, пензиите и работничките права. И покрај тоа што Тројката одби да даде отстапки, и што граѓаните на референдум рекоа дека е доста од мерките за штедење, Ципрас ги прифати условите кои ги одби претходно, покажувајќи го вистинското лице на оваа влада.

Како ги коментирате тезите дека европскиот финансиски и политички естаблишмент ѝ даде кредити на Грција и дека сега Грција, која ги прифати, едноставно мора да ги враќа тие долгови?

Да, тие „дадоа“ милијарди, но не за да му помогнат на грчкиот народ во финансирањето на јавните услуги и одржувањето на животните стандарди за време на глобалната финансиска криза, што требаше да го направат ако навистина се „партнери во европскиот проект“. Не, тие милијарди едноставно се искористени за отплата на грчките и француските банки и американските инвестициски фондови кои шпекулираа на грчкиот пазар за да заработат, но го изгубија облогот. Грчкиот народ нема никакви врски со тие загуби, но Тројката и грчките влади го натераа да ги плати преку загубата на реалните приходи во износ од 40 проценти, невработеноста на младите од 60 проценти и намалување на пензиите од 40 проценти.

Како, според вашето мислење, Грција се најде во оваа ситуација?

Има три причини. Првата, воедно и најважна, е глобалниот финансиски крах и најголемата капиталистичка криза од големата рецесија. Капитализмот покажа дека е неуспешен, што е најважно да се запамети, иако тоа често се заборава. Втората причина е фактот дека грчкиот капитализам беше еден од најслабите и најкорумпираните во земјите од ОБСЕ. Единствено „растеше“ благодарение на странските финансии и употребата на државата за субвенции и ниски даноци. Кога дојде до кризата, странските финансии исчезнаа, па државата веќе не можеше да ги субвенционира олигарсите. Загубите на грчкиот капитализам и странските вложувачи се анулирани колку што е можно повеќе со парите од грчките и европските даночни обврзници, благодарение на новиот бран позајмувања и потоа задолжувањата во еврозоната. Даночните обврзници во Германија и Грција ги исплатија германските банки, по што грчкиот народ беше принуден засекогаш да ги исплатува долговите заради новите задолжувања.

Дали Грција стана лабораторија за радикалниот неолиберализам во Европа, како што неодамна забележа еден теоретичар?

Целиот свет е „лабораторија“ за неолиберализмот уште од осумдесеттите години од минатиот век. Глобалниот финансиски крах само ги покажа последиците од таквите политики. Неолиберализмот е создаден со цел обнова на профитабилноста на глобалниот капитал по крахот од седумдесеттите години од минатиот век. Државата на благосостојбата и зголемувањето на платите и работните места постоеше во многу краток период од современиот капитализам: од педесеттите до шеесеттите години. Неолиберализмот веќе е модерна верзија на капитализмот, која од трудот истиснуваше дел од добивката и го зголемуваше кредитниот и финансискиот профит. Тоа доведе до експлозија на кредитниот раст и финансискиот имот, а не на производството. Од 2008 година, за време на кризата, неолибералниот капитализам работеше на враќање на профитабилноста на капиталот.

Кејнзијанските економисти се покажаа како најгласни критичари на мерките за штедење во мејнстримот, наместо тие методи нудејќи зголемување на јавната потрошувачка и последнична побарувачка, простување на дел од долговите и воведување нова валута, која би се девалвирала колку што е потребно грчката индустрија да стане конкурентна.

Тие мерки не би создале „конкурентна“ грчка економија, бидејќи има премногу мала продуктивност проткаена со корумпирани олигарси, додека образованата грчка работна сила се експлоатира преку ниските плати, наместо да претставуваат движечка сила на продуктивноста и иновациите. Воведувашњето нова валута, девалвирана дури за 50 проценти во однос на еврото, би помогнало во зголемувањето на извозот, но само за сметка на поскапата стока за широка потрошувачка, и висока инфлација на цената која уште повеќе би ги „изела“ реалните приходи на грчкиот народ. Овде не е важна дилемата дали да се воведе еврото или не, или дали треба или не треба да се девалвира новата валута. Овде е важна контролата на капиталистичката економија и можноста за зголемување на вложувањата во човечкиот капитал во рамки на системот за демократско планирање кој не се темели на чистата акумулација на профитот.

Познати сте по заложбите за демократски социјализам. Како би изгледало тоа во случајот на денешна Грција?

Кога би дошло излегување од монетарната унија, тогаш во Грција итно треба да се воспостави демократска контрола над банките и големите компании, бидејќи без тие потези грчкиот излез (Grexit) би бил подеднакво лош како останувањето во еврозоната со корумпиран и слаб грчки капитал кој ја контролира економијата. Така би се прекинала моќта на домашниот финансиски капитал и грчките олигарси. Тоа подразбира запирање на враќањето на долговите на Тројката и преземање целосна контрола над кредитот од страна на демократската влада, кој требаше да послужи за отплата на идните должнички транши. Ресурсите на олигарсите и странските компании, кои треба да се согледаат како данок кој одбиле да го платат, би послужиле за помош на малите претпријатија, исплата на пензии и јавни услуги. Тоа би бил само почеток. На грчката економија ѝ е потребен раст кој би ги обновил јавните сервиси и работи и би ги зголемил приходите и пензиите. Растот е можен со воспоставување план за национално производство и вложувања, како и преку мобилизација на грчкиот народ на нивните работни места и во рамки на секторот на малото претприемништво.

Таквите потези меѓународно би ја изолирале Грција. Дали за воспоставување ваков политичко-економски систем би требало да постои поширока меѓународна појава на леви социјалистички влади?

Да. Грција не може да успее сама. Станува збор за мала земја со мала економија: потребна ѝ е поткрепа и интеграција на ниво на Европа, токму како и на Хрватска. Капиталистичките сили засега ги контролираат европските институции и од нив нема да дојде никаква помош. Нужно е воспоставување кампања на ниво на целиот континент, која би се темелела на раст и инвестиции кои ќе го обезбедат тој раст на европско ниво. Затоа е потребно спречување на про-капиталистичките влади во многу земји. Постојат работнички движења и организации во Шпанија, Португалија, Италија и другите земји, кои е потребно да се координираат.

Економистите како Јанис Варуфакис сметаат дека во ваков, економски растурен глобален капиталистички систем, не може да се воспостави функционален систем на демократски социјализам, туку дека за транзиција е потребен постабилен капитализам.

Никогаш не ја сфаќав таа теза. Спротивно на тоа, ова е логично: ако капитализмот овозможи подобри приходи и подобри животи за мнозинството, тогаш нема да има потреба од социјализам. Ако, пак, не го овозможи тоа, тогаш доаѓа до итна потреба од социјализам. Наместо тоа, Варуфакис и другите економисти тврдат дека грчките и европските работници мораат да му помогнат на капитализмот да „се спаси“ така што ќе им објаснуваат на нивните политичари дека мерките за штедење не функционираат и дека капитализмот би бил подобар кога би се вовеле кејнзијанските методи за јавна потрошувачка. Кога капитализмот ќе се подобри, размислуваат овие економисти, тогаш ќе пропагираме социјализам. Како што гледаме, капиталистите очигледно не го слушаат Варуфакис.

Вие сте еден од економистите кои предупредуваа за финансиската криза пред пазарот да се сруши во 2008 година. Каква е моменталната состојба со глобалниот капитализам и дали можеме да очекуваме нови кризни циклуси?

Глобалниот капитализам и понатаму е во фаза која ја нарекувам „долга депресија“, слично како и во текот на триесеттите и осумдесеттите години. Тоа значи висока и трајна стапка невработеност, бавен раст, без закрепнување на реалните приходи на граѓаните, јавните услуги и социјалната држава. Во САД е забележан раст, но многу послаб од историскиот просек. Поголемиот дел од Европа останува во длабока депресија, бидејќи само Германија и неколку северни држави се во подобра состојба. Ситуацијата е слична во Азија. Дури и моќната Кина падна на најниско темпо во последните две децении. Глобалниот финансиски крах и големата рецесија од 2008 година не беа доволни за враќање на доволната профитабилност на капиталот или анулирањето енормни количини долг, како и непродуктивен капитал, и покрај штетата која ја предизвика во животите на милиони луѓе. Многу е веројатно дека глобалниот капитализам мора „да се исчисти самиот себеси“ со уште еден крах до крајот на оваа декада. Таквите крахови и онака се случуваат на секои осум до десет години, а последниот беше пред седум. Нè чекаат уште полоши работи во капитализмот.

Извор: http://www.lupiga.com

Слични содржини

Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото