Како завршуваат сонот, книгата, филмот или вицот?

17.11.2012 09:27
Како завршуваат сонот, книгата, филмот или вицот?

Едно од најинтересните размислувања, но воедно и неодговорени прашања е околу дилемата: како завршуваат нештата? Кој е можниот епилог на настаните, процесите и феномените на кои сме актуелни сведоци? Каков е крајот на филмот, книгата, сонот или на вицот кој некогаш ни личи дека е токму тоа, нашата приказна?

Сите овие прашања се вонвременски и, велат, најголем поттикнувач да се следат настаните или да се дочита дотичната книга или филм. Но, воедно, тие лесно би можеле да бидат преведени за нашата актуелност. Така некои овонеделни верзии на овие прашања би биле: каде е корпата за глупости во која завршуваат сите тие реченици што ги изговараше Али Ахмети на средби со гастарбајтери по европските земји? Колку ќе трае шверцувањето на рестриктивни закони за нашата слобода под плаштот на европската значка, како законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и тој за полиција? Каков ќе биде епилогот на врската: собрание, пратеник, запалка и народ? Што ќе се случи кога ќе почнат да се имплементираат идеите на генијалците ангажирани од министерот за здравство? И, конечно, дали и нашиот премиер го чека судбината на Санадер?

Шверцот на закони со европска значка нема да заврши, освен што има шанси да се распространи на цело општество. Нешто како лажниот мистицизам, аскетизам и скромност. Така сите ќе влезат во тој лажен круг на неискреност. Прво европска посветеност глумеа владејачките партии, а сега и опозицијата. Следи граѓанскиот сектор и невладините и на крајот самите граѓани. И тие ќе си набават европски беџови, па ќе се паркираат каде ќе им текне?! Па, пајаците на Коце не креваат автомобили со европски ѕвездички на шофершајбна, тие креваат само наши коли, кои некогаш чинат дури и до пола од таа глоба за погрешно паркирање!

Ова со Европа ќе потрае малку. Сѐ дури не влеземе во ЕУ, веројатно и безимени и без ниеден вистински Европеец внатре во Македонија. Но, можеби и така треба, зошто ако ЕУ е сон, во сон се влегува само ако заспиете. Има и друг сон, тој на премиерот, кој присуствуваше на свечено остварување на сопствениот но дислоциран сон, црквата во центарот на Скопје. Погрешно протолкуваните и дислоцираните сонови завршуваат како ноќна мора. А ноќната мора на премиерот може да е предизвикана од претскажувањата на Петковски за судбина како таа на Санадер. Не само од тоа што Санадер е блиску како судбина па и веројатна заради таа блискост, туку и поради тоа што ова е претскажано токму од Петковски, кој е еден од најзаслужните за првото премиерување на Груевски. Не дека знам нешто повеќе, туку како читател забележувам, многу пати, дека посебен ефект врз Никола Груевски имаат зборовите на лидерите на НСДП и на ДПА. Закон зборови, небаре како од татко за син кажани.

Затоа, за да се избегне ваков крај можно е да има обид да се копира една друга блиска судбина, онаа на Ѓукановиќ: свесно и на кратко самоповлекување. Иако, чинам ни тоа нема да успее. Пак, не дека знам нешто повеќе или претскажувам, туку знам историја и географија, па така Македонија, за разлика од Хрватска и од Црна Гора, нема море, а има многу дупки и теснеци. Таму завршиле многу наши главни и премиери: Бучковски, Костов и некојси Ќемал Муслиу. Овој последниот, случаен минувач, на времето беше и заменик премиер, а сега е само, резервен пцујач, во градското собрание на Скопје!

Другите работи се со ред: книга, филм и виц. Така книгата за Али Ахмети, кој со демагогија и бладање ја потценуваше дијаспората и гастарбајтерите носи наслов: „Бладања на бладањата“. Таа е напишана од Авероес (Ибн Рушд) како одговор на „Бладањата на филозофите“ од Ал-Газали. Ова класична книга е сѐ уште непреведена на албански или на македонски. Така на Ахмети му останува или да го позајми веќе објавениот превод на хрватски, од Санадер, или да одговори на едно прецизно прашање, како да е од таа книга. Прашање кое веќе пристигна од дијаспората, од луѓе кои му одговорија со празни столчиња во салите и дискотеките каде ДУИ ги правеше тие средби. Оти тоа се луѓе кои веќе го живеат сонот: да се живее во правна држава. Прашањето гласеше: Што има ОБСЕ да следи судски процес кога ти, самиот, си лидер на партија на власт која има министер за правда?

Филмот, кој е многу морбиден за да може да се прикаже на собранискиот канал, но, кој, чинам, би требало да го гледаат тие од Собранието, и тие со запалки и тие без запалки, се вика: Готвачот, крадецот, неговата жена и нејзиниот љубовник! Вака како тргнале многу е веројатно како во филмот на Питер Гриневеј да заврши врската помеѓу запалките и огнот, пратениците, народот и Народното собрание. Некој ќе биде печен, а сигурно не народот, кој сепак ја игра главната улога за во секое народно собрание!

Вицот е, секако, Никола Тодоров. Така некој негов колега, во некоја друга земја и во неко друго време, ангажирал паметен советник. Тие, во кабинетот имале аквариум. И секојпат, при излез и влез, советникот со прст проаѓал врз стаклото од аквариумот и рибите го следеле. Еднаш министерот прашал: во што е тајната на ова? Советникот одговорил дека ова не е предвидено во договорот за интелектуални услуги што го имале, но, сепак, ете, ќе му го кажел. Тоа е закон на природата: малечката интелигенција ја следи поголемата интелигенција. Проблемот настанал кога министерот останал сам и решил да го имплементира наученото од советникот. Од тој ден: при секој влез и излез од кабинетот, тој министер ја подзинувал устата како риба во аквариум!