Колку повеќе грабаат, толку повеќе сакаат

25.12.2012 12:15
Колку повеќе грабаат, толку повеќе сакаат

На автопат некој човек вози во контра правец, ризикувајќи го животот на стотици други луѓе што возат по автопатот. Радиото ги предупредува возачите: „внимание, еден човек вози во погрешна насока!“ „Само еден?“, си вели човекот што го утнал правецот: „ги има стотици!“ Никола Груевски е овој човек, а Македонија под негово водство е возило што се наоѓа во сосема погрешна насока, ризикувајќи тешко согледливи хаварии.

Десетици пати досега видена е играта што вчера, бркајќи ја опозицијата од Собранието, ја одигра Груевски. Сите политички комплицирани ситуации водачот на ДПМНЕ досега ги решаваше вака - насилнички. Ако некој се спротиставува (Уставен суд, Собрание, медиум, поединец) - се отстранува или се заобиколува. Само политички идиот може да верува дека „радикалниот“ СДСМ се обидел да изврши државен удар. Државен удар во земјава е извршен 2006 година, со доаѓањето на еден недемократски режим на власт. Оттогаш трае агонијата на оваа земја.

СДСМ го одигра она што веројатно мораше да се направи многу порано (особено тогаш кога ја затворија А1 ТВ и го уапсија Љубе Бошковски). Какво било давање легитимитет на еден монструозен режим - те прави соучесник во злосторството. Пратениците од СДСМ со својата храброст ја враќаат смислата на политиката во оваа авторитарна и хиперкорумпирана земја. Можеа да се спогодат со сатрапот, за да ги остави раат. Го одбраа неспоредливо потешкиот и понеизвесниот пат. Но, дури и да се скршат на тој пат (т.е. дури и да се скршиме сите ние, кои се бориме за послободна и подемократска Македонија) утеха ќе биде дека нашата борба е вистинска. Борбата против недемократскиот режим ќе ја конституира новата херојска приказна на некои нови Македонци. Таква вистински херојска приказна е повеќе од потребна во земја која базди на лаги, манипулации, лажни митови и лажни херојства. Ако ништо друго, велам, оној кој ќе го сруши чудовишниот груевизам, ќе го има најавтентичниот можен политички капитал - борбата за слобода.

Затоа во моментов, ми се чини, веќе нема простор во средината. Или си против сатрапијата или си со тиранот. Поистоветувањето меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ станува исто онолку јалово како релативизирањето на погрешната насока во која се нашол изгубениот возач (водач). Таа стратегија на релативизирање и нивелирање Ролан Барт ја нарекува нит-нитизам (neither-norism): со офрлање на „екстремностите“ божем се зазема позицијата на објективен и неутрален судија, оној што ја застапува самата правда. Но, како што забележува Барт, дури и ако светот на овој начин навистина може се сведе на судир на спротивности, не постои неутрално место од коешто може да се суди за тој судир: „нема спас ни за судиите, и тие самите и тоа како се определени“.

Цинизам и кукавичлук е повикувањето, во сегашниов миг, на делење на одговорноста за настаните. Шест и пол години имаме еден возач, еден контролор на воланот. Тој возач е сосема дезориентиран и тој возач сите нè води во пропаст. Застанувањето на возилото веќе не е само политички или национален императив, туку тоа станува прашање на елементарен здрав разум.

Но, идеологијата на дувлото го негира здравиот разум. Разумот го смета за непријател на „консензуалната халуцинација“. Соочувањето, дебатата, демократијата - исто така се непријатели за идеологијата на дувлото. Груевизмот е триумф на идеологијата на дувлото. Демократијата претпоставува одреден степен на отуѓеност. Затоа дувлото е спас од отуѓеноста. Затоа во сатрапиите не постои дистанца меѓу водачот и народот. Оваа дистанца е укината, како што вели Славој Жижек, бидејќи се претпоставува дека водачот директно ја претставува народната волја, а резултатот се состои во тоа што луѓето многу порадикално се отуѓени во својот водач. Тој директно е тоа што „тие навистина се“, тој е нивниот вистински идентитет, тој ги олицетворува нивните вистински желби и интереси, како спротивни на нивните збркани „емпириски“ желби и интереси. Спротивно на авторитарната власт отуѓена од своите поданици, народот во Македонија стана отуѓен од самиот себе. Тоа ѝ се случи на земјава под груевизмот, народот да се отуѓи од самиот себе, од сопствените интереси.

Нам ни се случи колективна ретардација. Ни се случи смрдеата на партиската трла да профункционира како инкубатор за дебилна општествена елита. Трагично е општеството кое ги негува и храни тие дебили, воспоставувајќи се како топла материца за инкубација на политичкото ѓубре. Владеењето на политички дебили е трагедија само по себе, но нашиве дебили во меѓувреме станаа џелати. Владеејќи со помош на испробаната идеологија на дувлото, дебилите успеаја државата и општеството да ги претворат во партиски трла во кои месарите го повикуваат стадото на смиреност и достоинство.

Груевизмот не само што нè подели, што нè полуди и нè изложи на стравови и животинска меѓусебна борба за опстанок, туку ни ги растури и приватните животи и интимата. Шарлота Берат за време на Третиот рајх, од 1933 до 1939 година, собрала описи на три стотини сништа коишто сведочат колку човечкиот дух страда кога останува без својата интима. Еве за што сонува некојси германски лекар после една година диктатура, во 1934 година: „По извршените прегледи, околу девет часот вечерта, во моментот кога мирно се подготвувам да се испружам на својата софа со книгата на Матијас Гриневалд, мојата соба, мојот стан, одеднаш остануваат без ѕидови. Исплашено гледам околу себе: до кај што ми досега погледот, ни во еден стан нема ѕидови. Го слушам баботењето на звучниците: ’Во согласност со законот од 17 овој месец за укинување на ѕидовите’.“ Шарлота Берат го цитира Роберт Лај, водачот на нацистичката организација DAF (Германски работнички фронт): „Во Германија приватен живот има уште само личноста која спие“.

Во едно друго сведоштво страдалната Надежда Мандељштам го опишува тоталитаризмот како крадец дури и на сништата. Нејзиниот маж својата ониричка активност ја прогласува за „внатрешна емиграција“: „Живеам на дното на морето, за да можам да бидам невидлив по отворањето на становите за јавноста.“

Рушењето на груевизмот, велам, веќе не е само државотворен налог, туку е прашање на враќањето на нормалноста, на интимата, на неоптоварените човечки односи. Исто така, рушењето на груевизмот ќе значи намалување на стравот, кој стана апсолутно преовладувачко чувство во целата земја; моќните се плашат од крвавата загуба на моќта, немоќните се плашат да не бидат згмечени во калта, а сè потенкиот слој во средината се плаши и од незаситната алчност на аздисаните груевисти и од осветничкиот бес на оние што имаат сè помалку да изгубат.

Уште во 16-от век Етјен де ла Боетие предупредувал: кога моќните се ненаситни, покорноста е фатална - колку повеќе се покоруваме на „законот и редот“ на оние што се на власт, тие толку повеќе ќе бараат. Боетие напишал дека „колку повеќе тираните грабаат, толку повеќе сакаат; колку повеќе рушат и уништуваат, толку повеќе човек им се покорува и ги слуша, а на тој начин тие стануваат помоќни и пострашни, поспремни да пљачкаат и уништуваат; но ако во ништо не им се попушти, ако без насилство едноставно не се послушаат, тие остануваат соголени и без сила“.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото