Соопштение: Медиумско огледало

14.02.2013 13:49
Соопштение: медиумско огледало

Натамошно влошување на слободата на медиумите и слободата на изразување


НВО Инфоцентарот, со финансиска поддршка на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), во рамките на програмата „Медиумско огледало“, спроведе мониторинг на информирањето на медиумите за теми и настани поврзани со слободата на медиумите и слободата на изразување.


Овој извештај се однесува на периодот 1 јануари – 6 февруари 2013 година и вклучува: седум дневни весници („Утрински весник“; „Дневник“; „Вест“; „Вечер“; „Нова Македонија“, „Фокус“ и „Ден “), централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („24 Вести“; „Канал 5“; „Сител“; „Телма“; „МРТ1“; „Алфа“ и „АлсатМ“) и шест информативни интернет портали („Плусинфо“, „Либертас“, „А1.он“, „Скај.мк“, „МКД.мк“, Курир“).

Мониторингот го анализираше информирањето на медиумите за следниве настани: сопственичките, кадровските и програмските промени во телевизија „Алфа“; тужбата на директорот на УБК, Сашо Мијалков за „Фокус“; извештајот на „Репортери без граници“; јавното извинување на уредничката на „Утрински весник, Соња Крамарска до првиот парламентарец; акцијата на јавни извинувања до власта од страна на новинарите и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници; анкетата на „Вест“: „Која водителка без гаќи пред Груевски?“; листата на наводни новинари-хомосексулаци во „Вечер; згаснувањето на „Ден“.

Меѓу другото анализата покажа:

- Настаните во текот на јануари и почетокот на февруари 2013 година, поврзани со медиумската сцена во Република Македонија, како и анализата на содржините објавени во медиумите за овие случувања, недвосмислено покажуваат натамошно влошување на состојбата со слободата на медиумите и слободата на изразување во државата. Видот, обемот и зачестеноста на случувањата во овој кус период, укажуваат на тоа дека: медиумите и новинарите кои имаат критички однос спрема власта се наоѓаат под постојан притисок, цензурата се засилува, а самоцензурата станува секојдневна практика.

- Провладините медиуми, кои доминираат особено кај телевизиите и дневните весници, но ги има и кај порталите, се однесуваат како продолжена рака на власта и водат постојана паралелна хајка против своите колеги од критичките медиуми. Тие објавуваат дискриминирачки листи на наводни „новинари-хомосексулаци“, пласираат текстови во кои новинарите ги третираат како платеници, обвинуваат дека работат за СДСМ и одат дотаму што за лошата состојба со слободата на медиумите, детектирана и од меѓународната организација „Репортери без граници“, ја обинуваат исклучиво „Соросовата фондација и новинарите што таа ги финансира“.

- Покрај континуираните напади врз критичките медиуми и новинари, анализата, покажува дека провладините медиуми отстапуваат од професионалните стандарди во новинарството и целосно го нарушуваат правото на граѓаните да бидат информирани односно да добијат навремени и базирани врз факти, информации за општествено-политичките процеси и настани. Провладините медиуми, многу малку или воопшто не објавуваат информации за настани и случувања кои не одат во прилог на власта. Извештајот на „Репортери без граници“ во кој Македонија бележи драматичен пад на слободата на медиумите, беше комплетно игнориран од повеќето провладини телевизии и весници. Речиси една недела по објавувањето на извештајот, дел од провладините медиуми, започнаа хајка, односно пласираа тврдења што се во целосна спротивност со извештајот и со кои вината за лошата состојба со слободата на медиумите се префрла исклучиво врз Фондацијата отворено општество Македонија, а ги доведоа под прашање дури и угледот и релевантноста на меѓународната организација „Репортери без граници“.

- Анализата на содржините објавени во медиумите, покажа дека Македонската радиотелевизија, во овој период и на овие теми, не се однесуваше како јавен сервис на граѓаните, туку, како провладин медиум. МРТ наместо професионално и непристрасно да ги информира граѓаните за сите значајни настани и процеси, таа во своите централни вести на МРТ1 не објави речиси никакви информации за настаните што се случија во мониторираниот период, а директно се однесуваат на слободата на медиумите и слободата на изразување.

- Информативната блокада која владее во македонскиот медиумски простор, единствени кои се обидуваат да ја пробијат се, критичките интернет-портали и мал дел од традиционалните медиуми. Кај нив се забележуваат многу теми и настани игнорирани од провладините медиуми. Во оваа фаза на мониторингот не беше направена длабинска анализа на квалитетот на пласираните информации, но она што може да се констатира е настојувањето на овие медиуми да го остварат правото на граѓаните да бидат навремено информирани за сите значајни настани и процеси во општеството.

- Актуелните настани од почетокот на 2013 година, ја наметнаа дилемата во јавноста, дали новиот Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ќе донесе повеќе слобода во изразувањето или дополнително ќе ја засили цензурата и автоцензурата, до ниво на понижување на новинарите? Имајќи го предвид ова како неминовност се појавува потребата од постојан длабински мониторинг на спроведувањето на овој Закон, и тоа на сите нивоа и на сите инволвирани/засегнати актери.

Целосниот извештај може да го преземете од линкот подолу.

ПрилогГолемина
Преземи666.5 KB