Поглед низ геометризираната крошна

06.05.2013 14:16
Поглед низ геометризираната крошна

Архитектурата на Су Фижимото, еден од најпроминентните јапонски архитекти од младата генерација, не се потпира на современата технологија, напредните материјали или врвната естетика, туку на едноставните, но смели просторни концепти. Иако овој млад архитект иднината на архитектурата ја гледа како навраќање кон минатото и истражувањето на примитивните форми како гнездото или пештерата, за што говори и во неговиот манифест „Примитивната иднина“, елементите на современото во проектите на Фужимото доаѓаат до израз низ секогаш присутниот минимализам и поместувањето на границите во организацијата и начинот на користењето на просторот. Фужимото ја редуцира архитектурата речиси до оние граници при кои таа исчезнува како објект, но продолжува да постои првенствено во однос на корисникот и во однос со корисникот.



Проектот за Solo Houses е првиот објект наменет за живеење на којшто Фужимото работи во Европа и воедно е добар пример за сите одлики карактеристични за неговиот пристап. Во срцето на просторната структура тој става камен и стакло, а ѕидовите ги редуцира на тој начин што ги заменува со густа, геометризирана мрежа од дрвени елементи.

Неправилната тридимензионална структура овозможува слободен продор на светлината, но и флексибилна организација на просторот. Се добива заштитен простор кој, на начин својствен за делата на Фужимото, е истовремено и отворен и проѕирен.



Шумата од дрвени елементи наликува на обликот на крошните на дрвјата, елемент кој често се појавува во работата на овој јапонски архитект. Во оваа геометризирана крошна секоја гранка е единствено место, коешто низ мрежата од дрвени елементи се поврзува со останатите „места“, а секој корисник е повикан самиот да го интерпретира просторот кој е создаден на овој начин и така да си создаде свој сопствен простор.




Преку исцрпен пристап кон станбената архитектура проектот Solo Houses настојува да ги изрази потребите и начинот на размислување на современиот човек. Признати светски архитекти преку овие проекти за семејни куќи на површина до 200m2 се обидуваат да ја изразат нивната филозофија на проектирање, како и визијата за развојот на станбената архитектура. Сите куќи настанати во рамки на овој проект ќе бидат изградени на подрачјето на Матаранија, близу до Барцелона. Повеќе за проектот можете да прочитате овде.

 

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото