Лекции од Сирија

25.06.2013 08:53
Лекции од Сирија

Што се случува со Сирија? Од обичен мирен протест кој беше само дел од бранот наречен Арапска пролет стигнавме до секташки регионален конфликт во кој се вклучени сите регионални сили. Конфликтот трае веќе повеќе од две години поради што и светот почна да гледа на него како на секојдневен момент за којшто медиумите пренесуваат, но јавноста повеќе не слуша и не е заинтересирана. Добивам чувство дека новинарите повеќе не подготвуваат стории за гледачите туку гледаат на овој конфликт како добра сторија на која се добиваат врвни журналистички награди. Добиваме разни извештаи во кои жртвите и иселените почнуваат да се третираат сталинистичко-статистички и каде повеќе не се коментира причината за војната туку трендот на жртви и иселени луѓе. После повеќе од две години војување, околу 100.000 жртви, милион и пол иселени од државата и околу 4 милиони раселени низ државата, меѓународната заедница сè уште нема решение за овој конфликт.

Во конфликтот се инволвирани сите регионални и светски сили. Иран и нејзината продолжена рака во Либан, Хезболах, го вооружуваат и финансираат Асад само за да тој остане на власт во Сирија со што нивната влијателност и тежина во регионот ќе остане непроменета. Хезболах дури и директно се вклучи во конфликтот со праќање на дел од својата паравојска во Сирија и помагајќи му на Асад да си го врати барем алавитскиот дел од Сирија. Од друга страна пак Саудиска Арабија, Катар и делумно Турција го финансираат и вооружуваат сунитското мнозинство во Сирија кое сака да го симне Асад од власт. Израел пак надгледува и внимава да не се случат некакви големи промени во балансот на моќ во регионот или некаков трансфер на оружје од сирискиот режим кон Хезболах што не би било добро за нејзината долгорочна положба во регионот. Ваквата поделеност на моќ и интереси е причината зошто овој конфликт и понатаму трае и неговата разрешница не е на повидок. Овој случај е добар пример дека невидливата рака на Адам Смит е можеби добро решение за слободниот пазар, но е тотално безмоќна во светот на геополитиката.

Постојаните конфликти во Средниот исток и Африка се остаток од времето на колонијализмот кога големите сили ги кроеле границите како резултат на поделбата на зони на влијание, а не како резултат на национален идентитет и национална хомогеност на населението. Денеска истите тие светски сили немаат решение за проблемот кој тие го создале, а последиците од ваквите постојани конфликти ги чувствуваат и тие самите. Токму затоа и почнаа да се појавуваат одредени радикални предлози за целосна промена на границите во целиот регион. Ваквите случаи како што е Сирија покажуваат колку дисфункционална е меѓународната заедница, а особено нејзиното највисоко тело Обединетите нации. Случаите од ваков карактер ни покажуваат дека е нужно потребно реформирање на Советот за безбедност сè со цел негово поефикасно реагирање во кризни подрачја какво што е во моментов Сирија. Некои велат дека очекувањата на луѓето во однос на Обединетите нации се преголеми и дека Обединетите нации не беа создадени за да нè одведат во рајот туку за да нè чуваат подалеку од пеколот. Денешните случувања покажуваат дека Обединетите нации не успеваат ни во едното, ни во другото. Реформирањето на Советот за безбедност е потребно бидејќи за решавање на секој регионален проблем е потребна институционална инволвираност на големите сили од засегнатиот регион. Со сегашниот состав на Советот за безбедност, каде главниот збор поради правото на вето го имаат постојаните членки тоа не е возможно бидејќи додека три од петте постојани членки на Советот се од Европа, немаме ниту еден претставник од Африка, Средниот исток и Латинска Америка. Додека четири од петте постојани членки на Советот за безбедност се мнозинско христијански немаме ниту една држава претставник која е мнозинско муслиманска. Сегашниот состав ни покажува и колкаво е лицемерието на Европската унија, која додека од една страна сака единечно претставништво на Унијата во Обединетите Нации, од друга страна е против реформирање на Советот за безбедност со коешто и таму ЕУ би добила само еден претставник, а не два каков што е случајот во моментов. Институциите мораат да бидат во тек со реалноста бидејќи во спротивно нивната релевантност и легитимитет се во голема опасност. Со растењето на улогата и важноста на земјите во развој мора да порасне и нивното институционално влијание на тој начин што второто би го отсликувало првото.

Функционалноста на меѓународните институции е од сè поголема важност поради брзиот развој на неразвиените земји и стагнирањето на развиениот западен свет. Доколку не дојде до прилагодување на меѓународните институции кон реалниот баланс на моќ во светот, сè почесто ќе гледаме случаи како последниот БРИКС самит на кој што петте држави во развој (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) договорија создавање на нова Банка за развој и покрај постоењето на Светската банка како веќе постоечка меѓународна институција со таква улога. Моменталната ситуација во Советот за безбедност е можеби најлоша за неговата функционалност. САД, поради сменетата ситуација во светот и потрошените „кредити“ во времето на Буш, повеќе не може да делува унилатерално и да ја игра улогата на светски полицаец. Истовремено Путин, со враќањето на претседателската позиција во Русија, како да сака да ја поправи, по неговото мислење, најголемата светска геостратешка катастрофа во дваесеттиот век, распаѓањето на Советскиот Сојуз. Поради сето ова некои коментатори и експерти почнаа да говорат дека играњето на улогата на светски полицаец од страна на САД можеби и не беше најлошото решение гледајќи ја денешната ситуација во која светот функционира без никаков полицаец одговорен за редот и мирот.

Сирискиот конфликт обелоденува и многу други проблеми во светската геополитика. Најпрво, не е можно медијаторите да сакаат решение на проблемот повеќе од самите засегнати страни. Организирањето на самит од страна на САД и Русија не ветува ништо сè додека сирискиот режим и бунтовниците не сакаат да го решат конфликтот по мирен пат. Друга јасна работа околу неодлучноста на администрацијата на Обама во однос на интервенирањето во Сирија е дека не можеш да направиш омлет без да ги скршиш јајцата. Ваквата неодлучност при поддржувањето на бунтовниците и неприфатливоста на употребата на хемиско оружје од страна на власта во Сирија не е во ничија полза и само може да биде искористена од страна на режимот на Асад како доказ дека дури и преминувањето на црвената линија нема да предизвика некаква посебна реакција од страна на САД. Ваквата неодлучност исто така ја потврдува тезата дека демократските системи можат да бидат многу моќни кога се нападнати, но од друга страна пак се многу немоќни кога треба тие да нападнат. Тоа е така поради тешкотијата да се создаде согласност и поддршка меѓу граѓаните во демократска држава за чекор каков што е потребен во случајот на Сирија, особено ако, како во случајот на Америка, граѓаните се моментално презаситени од војните во Ирак и Авганистан. Трет заклучок, ако воопшто можам така да го наречам, е прашањето: Можеш ли да останеш во рамките на законите и правилата при справување со одметници и режими кои не ги почитуваат истите? Четврт и последен заклучок, но заклучок кој е најпресвртлив за мене, е тоа што почнав да верувам во тезата дека само поради тоа што постои одреден проблем, тоа не значи дека постои и решение.

ОкоБоли главаВицФото