Режимските мегафони ја жалат Хрватска?!

02.07.2013 08:29
Режимските мегафони ја жалат Хрватска?!

Колку сме нездрава средина и до кој степен режимот е споулавен, можевме да видиме од начинот на кој деновиве, прорежимските медиуми, квазиекспертите и купените интелектуалци го толкуваат влезот на Хрватска во ЕУ.

На 48 часа од интервјуто на Груевски во кое се обиде да најде неубедливо алиби за нашиот историски неуспех на патот кон ЕУ, и еден ден откако Хрватска стана 28-та членка на ЕУ, мегафоните на власта распалија со сета сила.

Прв впечаток е дека Хрватска влегла во Варшавскиот пакт, а не во најголемата економска унија на светот. Сега ќе виделе Хрватите, сè ќе им поскапело, немале што да извезуваат, небаре, само што не пропаднале.

Па следуваат идиотски анализи како евентуалниот влез на МК во ЕУ би значел крај на нашиот сон за независност, ќе сме си ја продале душата, како ќе сме биле економски маргинализирани, дека демократијата во ЕУ не била гарантирана. Важно, со Груевски демократијата цвета. Или, што мајка бараме во Унијата кога и онака е пред пропаѓање, а ние, како што вели Ставрески, сме една од земјите со најголем раст и со најдобра економска клима.

Инаку, реалноста е дека власта сака да останеме најмизерна земја во Европа, со 40 проценти невработеност, со економија без раст, со празен буџет, со растечки задолжувања, изолирани од цел свет, за да можат да не контролираат преку еден бесмислен и бесперспективен национал-популистички режим.

Ова што го гледаме не е ниту евроскептицизам, нешто што донекаде е легитимно и е здраво, ова е отворена еврофобија или уште пострашно, свесно негирање на евроинтеграциите за само режимот на една фамилија да може да се одржи на власт. Ова е културолошки нездраво и гледано од аспект на државните и стратешки интереси на Македонија, самоубиствено. Мали земји како нашата, немаат друга алтернатива освен културолошки и економски да се интегрираат во Европа.

Инаку, да посочам само еден економски податок. Во наредните 5 години Хрватска ќе добие 12 милијарди евра од европските фондови, а европските компании ќе се тепаат да ѝ помогнат за земјата да ги земе тие пари, за и тие да заработат. Само оваа година, Загреб ќе добие 2 милијарди евра, што е повеќе од сите странски инвестиции во седумгодишната преродба на Груевски.

И додека оваа пропагандна канонада трае, Груевски отиде за Кина. По неуспехот со Русија, ќе се тешиме со наводни кинески инвеститори. Настрана што досега ние купувавме од Кина, наместо нешто да ѝ продадеме, а не знам што би било тоа, Груевски треба да има и нешто друго предвид.

Не заборавиле Кинезите која партија смртно ги навреди на национална основа, кој го призна Тајван и кој беше министер во таа влада. Така, премиере, не мора да мачкаш очи со скапи и егзотични прошетки, алтернатива на ЕУ за Македонија не постои. Пардон, алтернативата е да пропаѓаме заедно со тебе и со твоите имбецилни опинион мејкери и да останеме последната режимска дупка на Балканот и во Европа.