Животот не е трка

15.07.2013 13:05
Животот не е трка

Некои луѓе ги памтиме по нивниот изглед, други по она што го рекле, трети по она што го направиле, а некои ги памтиме по тоа што не сме ги запамтиле. Нивните имиња секогаш ни се на врвот на јазикот, но никако да ги изговориме. Зборовите нè изневеруваат и сè се претвора во неразговетно д’ткање кое го уништува говорот и ги претвора зборовите во звучна сложувалка. Непријатните ситуации настануваат во моментот кога ги среќаваме тие луѓе на улица или во автобус, или можеби во пошта. Тогаш се испоставува дека тие нè памтат подобро отколку ние нив и кога ќе нè видат, усните им се шират во насмевка и ни приоѓаат со озарени лица, спремни - доколку е потребно - да ги поминат следните два дена во разговор со нас. Меѓутоа, ние молчиме, гледаме во врвовите од нашите чевли како секој миг да можат да почнат да растат. Настојуваме по секоја цена да го избегнеме нивниот поглед, бидејќи се плашиме дека во нашите очи ќе препознаат дека не знаеме кои се. Сè што кажуваат и опишуваат до најмалите ситници звучи како нешто што му се случило на некој друг, некој кој добро ве познава, но тој некој сепак не сте вие. Стрпливи сте само затоа што редот во поштата полека се придвижува и така ќе успеете конечо да се одвоите од тие непознаници кои знаат многу детали од вашиот живот, детали на кои ниту вие не се сеќавате и кои не сте ги кажале на никого, ниту на својата жена, ниту на најдобриот другар од војска, па дури ни на својот психијатар.

На пример, меѓу пријателите на моите родители, се присетувам како низ магла, имаше еден постар човек кој не учествуваше премногу во разговорите, но на крајот на некоја дискусија, како да сака да резимира, секогаш повторуваше: „Да, да... Животот не е трка, животот не е натпревар...“ Тогаш ќе го ставеше шеширот на главата и си одеше во ноќта.

Денес се прашувам дали тој навистина постоеше или го создадов во некое катче на мојата фантазија. Личи на еден лик од моите рани раскази, на Рубен Рубеновиќ, предвоениот трговец со штофоби, но колку што знам, јунаците од разните приказни и романи сè уште не почнале да се појавуваат во стварноста. Затоа, единствено ми преостанува и понатаму да нагаѓам и да се надевам дека таа мала тајна еден ден сосема ќе се разјасни.

Во меѓувреме, сè почесто ми паѓаат на памет неговите зборови, зашто ако постои нешто околу кое денес сите се согласуваат, тогаш тоа е фактот дека животот е трка и дека животот е натпревар. И тоа трка која не ги интересира сите луѓе и натпревар во кој многумина не сакаат да учествуваат. Меѓутоа, залудно е нашето противење. Речиси сите други мислат поинаку и прават сè што можат за да ве вовлечат во сето тоа Со часови, на пример, ќе ве наговараат да купите еден од „паметните телефони“ кои тие веќе ги имаат и кои ќе ви овозможат да бидете поврзани со кој било и што било на овој свет, вклучувајќи ве и самите вас. До душа, тогаш зборувате со малку вкочанет, роботски јазик, но брзо ќе се навикнете на тоа. Освен тоа, бидејќи е во прашање статусна работа, со купувањето на тој телефон ќе ви порасне угледот во општеството. Во очите на минувачите ќе станете „оној кој не обрнува внимание на минувачите“, „роб на најмалиот екран“, претставник на „брзиот живот“ и „постојаната вмреженост“. Сè на сè, ќе станете застапник на брзината и идеолог на постојаните промени, токму она од што јас се обидувам да се сокријам и да побарам утеха во бавноста.

Затоа, во последно време се обидувам да откријам кој беше тој стар познаник на моите родители и да дознаам од каде потекнуваат тие две мали фрази: „Животот не е трка“ и животот не е натпревар. Замислувам дека тој познаник на моите родители бил поет и дека тоа се фрагменти од некои негови песни, напишани со поучен тон, како совет и упатство како треба да се живее. Во времето кога го напишал тоа, животот штотуку почнал да фаќа залет и да ја открива брзината, така што неговата песна тогаш е протолкувана како сатирично видување на тогашната состојба на нештата. Но работите се променија и песната сега би била сфатена како пророчка визија, нешто како ублажена верзија на пророчките стихови на Вилијам Блејк. Сигурно Блејк би се згрозил кога би се соочил со нашиот свет, иако - верувам - радо би користел компјутер за понатамошната работа на своите илустрирани книги.

Не можам да поверувам дека уште има луѓе на кои не им се смачило да се бркаат со времето, истовремено да работат неколку работи, во страсна желба да бидат најдобри или најбрзи. Зошто мораме да бидеме подобри, зошто мораме да бидеме први? Олимпиското гесло не гласи „важно е да се биде прв“. Тоа гласи: „важно е да се учествува“. Со други зборови, победата е важна, но светот нема да пропадне доколку таа победа не се оствари. Вистинските натпреварувачи првенствено се борат против себе, бидејќи самите на себе сме си најголеми противници. Телото секогаш игра некоја своја игра, а за игрите (и сплетките!) на умот не треба ни да зборуваме.

Според некои истражувања, ритамот на животот во Европа и Америка е подеднакво брз во работните денови, од понеделник до петок. Разлика се воочува само за време на викендот. Имено, тогаш Европејците нагло го забавуваат ритамот и уживаат во неработните денови, додека ритамот на американскиот живот останува подеднакво забрзан и никој нема време за одмор. Сабота е работен ден, како и сите останати, а и недела блиску ја следи. Наскоро во Америка сите денови ќе бидат исти. Се надевам дека нешто слично нема да се случи во Европа, бидејќи на некои од нас тоа може да им послужи како аргумент против Европа. (Можам да замислам како вцрвенет дискутант во собранието триумфално говори: „Замислете, па тие работат сите седум дена во неделата!“) За среќа, Европејците сакаат да се одмораат, како до нив да дошле оние кратки фрагменти кои велат дека „...животот не е трка, животот не е натпревар...“.

Извор: Политика
Слики: Џереми Олсон

ОкоБоли главаВицФото