Фаќајќи го недофатливото

24.07.2013 08:31
Фаќајќи го недофатливото

Насловот и поднасловот на хистерично интересната книга „Кој е тој човек? Во потрага по вистинскиот Боб Дилан“ од Дејвид Далтон (2012) се противречни: пораката на целиот текст вели дека „вистинскиот Боб Дилан“ не постои. Роберт Алан Зимерман (1941, Хибинс, Минесота, татко Ејб и мајка Бети) е всушност неколку стотици различни личности, коишто тој внимателно ги произведува веќе педесет години, а се чини дека ќе има и уште.

Навистина, кој е тој: она слабичко момче со тенок врат, измамник со три карти, кој надмено ја соблазнува „одбраната хипстерска елита“ во раните 1960-ти? Оној музичар кој неколку пати беше отпишуван и погребуван од пророците на рок-критиката и од медиумските барони на комерцијална поп-музика? Оној кој се осмели да се придружи кон толпата, ужаснувајќи ги своите обожаватели и разочарувајќи ги бидејќи дигна раце од „протестните песни“? Но, Дејвид Далтон потсетува дека Дилан го заработил својот прв милион токму со протестните песни, а потоа само продолжил понатаму, како што и денес оди понатаму, а критичарите и рок-филозофите од „хипстерската елита“ можат да кажат што сакаат. Освен тоа, во моментот кога се појави „одбраната хипстерска елита“ hip-от одамна беше исчезнат: square-от го изеде. Дали тој е некој парабродски коцкар од Мисисипи, денди со „мерцедес“ мустаќи, со derringer во чизмите и опасен шешир, со плакат за концерт во Кина во 2011?

Тука е неопходна една корисна дигресија. Боб Дилан е олицетворение на онаа појава која подоцна ќе биде нарекувана со најразлични имиња и која од сленгот на црните музичари од 1950-те и 1960-те години ќе стане природен дел од говорниот јазик на Америка. За филозофијата која лежи во основата на сето тоа, Роберт М. Пирсиг напиша една прекрасна и многу значајна филозофска книга – „Зен и уметноста на поправање мотори“ (тука има многу повеќе зен отколку што се чини на прв поглед, а помалку мотори). Пирсиг се занимава со вештачката опозиција класично-романтично која експлодирала токму тогаш, во 1960-те. Hip е уметничкото, субјективното, естетското, спротивставено на научното, класичното, рационалното square. Хипстерот (кој на почетокот бил познат и како битник) „сфаќа“ (groove, dig), а ако не сфаќа – многу ни е жал. И така натаму. За ова повеќе кај Пирсиг.

Првиот Дилан

Во моментот кога се појавува ова слабичко момче, сè е веќе подготвено: Џејмс Дин гине во своето порше (возел со само шеесест на час, кога некоја будала го удрила со некој голем и тежок автомобил, само колку да си знаете); Марлон Брандо (уште едно свето чудовиште) веќе го има одглумено Стенли Ковалски во „Трамвајот наречен желба“; Џек Керуак веќе го има напишано „На пат“, па дури и има време да умре; Ален Гинсберг и неговите другари се тука, многу гласни; Мартин Лутер Кинг и остатокот од нормалната Америка се судираат со јужњачките полицајци околу правата на црнците. Америка полека се подготвува за „климатизираниот кошмар“ на генерацијата на „baby boom“, а нејзините претставници се веќе во пубертет. Ни недостасува само уште Виетнам, но ќе биде и тоа.

Кој е овој прв Боб Дилан? Во своите многубројни автобиографски апокрифи, тој е: сираче (ова секогаш го нервирало татко му Ејб); Оголала Сиукс; синот на египетскиот крал; детето од луна-паркот кое одело по жици и во меѓувреме се грижело и за брадестата жена и така натаму. „Во контекстот на подоцнежната митологија на Дилан“, вели Дејвид Далтон, „што било од ова се чинело поуверливо од фактите. Но можеби тој воопшто и не зборувал за Роберт Зимерман, можеби само мислел на детството на Боб Дилан (кој како креација ќе се појави дури кон почетокот на шеесеттите).“ Па така и денес неговите современици велат дека „тој измислува дури и кога пишува мемоари“. Не измислува: тој се менува постојано и од корен.

„Дилан се појавил точно во оној момент кога контра-културата ја пробивала лушпата на јајцето“, вели Далтон. Се разбира, подоцна не можел да се врати во истото тоа јајце на фолк музиката од кое произлегол, а ниту во едно од овие: хипсерското, кантри, хасидското, христијанското, мексиканското јајце, туку како мала змија се „наметнал со митската змиска кожа која големата змија Америка ја отфрлила од себе“.

„Тој е“, продолжува Далтон, „крадец на авторските права... класичен американски архетип, шарлатан кој ја изнесува вистината прикривајќи ја, а чие само постоење го наметнува прашањето на тоа дали воопшто постои нешто како непроменилва личност... Неговата мисија се состои од канибализација на обемната американска историја – нејзините балади, напеви и бајковитите детски песнички – за да го сумира во една песна целото мноштво од ликови и нивните приказни. Да се прилагодат, трансформираат, присвојат, што на прв поглед наликува на крадење на песните, книгите и глетките – сето тоа е дел од неговата променлива природа.“

Идеалот на генерацијата на битниците бил создавање интелектуална заедница на аутсајдерите, на слободните луѓе кои заемно се разбираат и немаат проблеми. „Но, овој идеал на 1960-те ќе биде уништен од сè поголемиот број боеми, бидејќи пред сè, заедницата не можела да остане тајна уште долго, а тоа не била мала елитна дружина на инсајдери. За две-три години, сето тоа ќе исчезне. А Боб Дилан ќе биде една од главните причини за овој пропаст“, вели Далтон.

Враќање во иднината

Испаѓа дека и покрај сè, Боб Дилан сфатил пред останатите (како и обично) дека едно време изминало, дека Times they are a-changing. „Никој не се откажува побрзо од младината која мисли дека е изневерена“, предупредува Далтон. А што требало да се случи? Дилан да се скамени како онаа непрегледна толпа имитатори кои и денес звучат точно како Зимерман од 1964 година? Не: тој си отишол, а тоа го прави и денес. Далтон вели дека поголемиот дел од музичарите се враќаат само еднаш, но Зимерман се вратил барем пет пати и уште не е готово. Паѓал, станувал, бил погребуван повеќе пати („но ковчегот бил празен“- Isis); „тој е лизгав како јагула, талмудско торнадо, синтактичка змија“. Драматургот Сем Шепард вели: „Никогаш не сум видел нешто такво. Тој само исчезнува.“ „Тоа е камелеонскиот карактер на американскиот јунак – измамникот, трикстерот. Неговото решение на прашањето за идентитетот е како трик со три карти“, додава Далтон.

Потоа се префрламе на блиското минато. Папата Војтила, за кого Дилан се исплаши дека ќе стане диланолог, заспа на еден негов концерт, слушајќи ја Blowin’ in the Wind (има и фотографии). Црквата на рок-критичарите и нејзините егзегети почнаа да плукаат и крв во обидот да го сместат и објаснат, но не им успеа. Беа предупредени уште со албумот Street Legal: Let’s disconnect these cables, let’s overturn these tables... но тоа беше многу одамна, па што сфатија?

Биографијата на Боб Дилан од Дејвид Далтон, која е пишувана со брзиот и непосреден стил на американскиот „нов журнализам“, при крајот е повнимателна. Имено, Америка не ги сака ѕвездите кои живеат подолго од она што го наложува пристојноста, вели Далтон, а што да се каже за оние како Дилан! Дајвид Далтон тука малку се колеба, па вели: „Се најде во слепа улица... Тоа е крајот. Нема да има никаква иднина во која Дилан ќе може да се вклопи – тој може само да се врати во минатото. Постојано сакаше да биде современ, што често се граничеше и со очај. Изгледаше смешно и гротескно, како некоја стара проститутка од Седмата авенија“...

Продолжува во сличен стил, но внимателно, со кобни предвидувања. Дејвид Далтон поентира пред крајот на книгата, која беше довршена и објавена во 2012 година:

„Во првата деценија на XXI век, Дилан влезе во својот задгробен живот.“

А потоа, при крајот на 2012, излезе албумот Tempest.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото