Збогување со Дејвид Боуви

25.01.2016 05:35
Збогување со Дејвид Боуви

Не се работи за тоа дали сте обожавател на Дејвид Боуви туку кој Боуви е вашиот. Мојот Боуви, во различни периоди, е оној со нацртаната молња на лицето од Aladdin Sane, милозвучниот соул глас од Young Americans и рок богот од орвелијанската екстраваганца Diamond Dogs. Плочите од албумите Station to Station и Law стоеја на грамофонот со недели во 1970-тите години за време на „берлинскиот“ период на Боуви кога опсесивно го слушав David Live, особено миксот на „Sweet Thing“ и „Candidate“ од Diamond Dogs. За мене, како и за многумина, Дејвид Боуви претставуваше несекојдневно блескаво неземско потсетување дека животот е поврзан со промени, ризици, лудило и безредие и дека додека националните структури макотрпно се трудат да врзат крај со крај со лудилото, ние мора постојано да бидеме подготвени да „се соочиме со необичното“ („to turn and face the strange“).

За да се разбере Боуви мора делумно да се навратиме на Англија во 1970-тите години и што значи среде мрачниот, разурнат пејзаж од гламјосани згради, повоени рушевини и финансиски колапс да се дознае дека „во облаците чека ѕвезден човек“ („starman waiting in the skies“). Ова беше јасната порака до британската младина во 1972 година што гледаше Top of the Pops испратена од прекрасниот ексцентричен и секси настап на „Starman“ од Дејвид Боуви и Мик Ронсон. Облечени во светкави комбинезони со чизми со високи потпетици и разбушавени коси, Боуви и Ронсон навистина изгледаа како штотуку да паднале на земја од далечна планета каде сите се забавуваат, веруваат во нешто и во својата способност да ги менуваат световите. Ziggy Stardust на Дејвид Боуви ни порача да внимаваме на пораките од Марс и другите планети; ја посоветува младината да ги слушне тајните пораки од ѕвездениот човек, да внимава на шифрираните обраќања од другите светови; ни порача дека ѕвездениот човек ќе ни прозбори само доколку заблескаме („ако заблескаме можеби ќе слета вечерва“ („if we sparkle, he may land tonight“) и нѐ поучи дека сѐ што свети навистина е злато. И набрзо откако го создаде ликот преку кој ни раскажуваше приказни за сексот, рокот и безредието го уби и повторно почна од почеток.

 

Првиот албум што го купив од Дејвивд Боуви беше Alladin Sane. Го проучував дизајнот на обвивката барајќи траги што ќе ми ја разоткријат таа родово загадочна личност и ликот на младичот кој пее за бесмртност, протести, дрег кралици и расните немири во Детроит. Во тоа време не познавав квир лица и имав слушнато за неколку бегства од задушливата нормативност на британскиот школски живот во 1970-тите. Но за мене Боуви беше посебен, едвај на дофат, нешто или некој кој сѐ уште не го познавав но бев на пат да го запознам. Со неземски глас кој се протегаше од ниски завивања до спиритуални фалсета и неговиот повик на бунтовништво – општествено и родово – Боуви ја плени свежата политичка имагинација на една генерација. Тој беше квир пред да се појави квир движењето, панкер пред панкот и кул долги години по појавата на Елвис Присли. Боуви ги прекрши жанровските правила и го спои англискиот глам рок со соул музиката на САД, ритам и блузот со џезот, фанкот со електронска музика без притоа да остави впечаток на апропријативен опортунист или дилетант.

Сексуалноста на Боуви секогаш беше спорна. Не се работеше за тоа дали е геј („Џон, само танцувам“ – „John, I’m Only Dancing“) или стрејт („Биди ми жена“ – „Be My Wife“), сепак повеќето од неговите врски беа со жени; но Боуви секогаш во одредена мера претполагаше прекумерност, склоп на идентитети кои ги надминуваат нормите и очекувањата, кои беа мешавина на машка женственост (Ziggy), мажествен странец (Aladdin Sane), марсовска сексапилност, духовна убавина, оригиналност и иновација. Најчестиот збор со кој го опишуваат Боуви, и кон кој јас прибегнав, е „неземен“. Репутацијата на вонземјанин беше поттикната со филмови како „Човекот кој падна на Земјата“ („The Man Who Fell to Earth“) од 1976 година на Николас Роуг. Овој филм, како никој друг (можеби со исклучок на краткото појавување на модната писта во „Зулендер“!) го потврди статусот на Боуви на вонземен. Немаше потреба од шминка за да нѐ убеди дека доаѓа од друг свет – во филмот го нарекуваат „посетител“, „чудак“, „вонземјанин“, и тој успеа да долови извесна телесна необичност недостижна на филм.

 

Постои ли живот на Марс? Доколку верувате во Дејвид Боуви одговорот е потврден. И додека на земјата за Боуви времето постојано се повторува („Секогаш се судираш со истиот автомобил“ („Always Crashing in the Same Car“), во егзотичните, возбудливи „moonage daydreams“ апокалипсата се појавува рамо до рамо со утопијата, иднините се возбудливи и ограничени („ќе бидеме херои… само на еден ден“ („we can be heroes… just for one day“), а телото е место врз кое се одигруваат живописни фантазии за љубовта и бунтовништвото. Се збогуваме со вистинската квир икона, изведувачот кој нѐ покани – „притисни го твоето вселенско лице до моето, љубов моја“ („press your space face close to mine, love“), но и со личност која повторно ја откри славата, спектаклот, ексцентричноста и возвишеноста.

Но Боуви ни остави уште еден последен албум, Blackstar, за декодирање. Во него пее:

„Не можам да одговорам зошто (не сум гангстер)
Но можам да ти кажам дека (не сум лажна ѕвезда)
Родени сме наопаку (јас сум ѕвезда-ѕвезда),..
Родени сме обратно (не сум бела ѕвезда)
(јас сум црна ѕвезда, не сум гангстер
Јас сум црна ѕвезда, јас сум црна ѕвезда
Не сум порно ѕвезда, не сум залутана ѕвезда
Јас сум црна ѕвезда, јас сум црна ѕвезда“.

Не е бела ѕвезда, не е гангстер, не е залутана ѕвезда, туку црна ѕвезда – последната порака на Боуви, делумно поврзана со физика/делумно со јазикот на земјите од Зандани и змејови (undercommon), користи вселенски метафори кои целосно го исполнуваат неговиот производ. Црната ѕвезда во физиката, според Википедија, претставува „преодна фаза меѓу ѕвезда која паѓа и сингуларитет“, тоа е зона каде настанот и бесконечноста се судираат, каде материјата се распаѓа во вакуумот. Тоа е простор на смртта и умирањето. Но црната ѕвезда може да се сфати и како начин на преосмислување на расното отелотворување кое витиот бел војвода го препознава во црната естетика што виори низ неговата музика, нагласоците на соул кои ги канализира и населува и машинеријата на славата која минува низ процесот на црни ѕвезди/бели ѕвезди и ја пренесува славата на белите тела од музиката создадена од и преку црнечкото искуство. Тоа што другите го присвојуваат, Боуви го населува. Тоа што другите го крадат, Боуви го препознава. Тоа од кое другите се држат на дистанца, Боуви го прифаќа.

 

„Јас сум црна ѕвезда“, пее Боуви, „Јас сум црна ѕвезда“. Иако донекаде вжарената необичност на Боуви ѝ ја препишуваме на родовиот и сексуален амбигвитет, расата исто така во голема мера создаде ѕвезда од Боуви – не бела ѕвезда, не порно ѕвезда, не залутана ѕвезда, туку црна ѕвезда. И додека Боуви се движи кон бесмртноста и станува легенда, додека полека ја отелотворува експанзивноста на дивата реинвентивност, музичкото експериментирање, телесната флексибилност, политичката имагинација и квир неопределеност, погледнете во небото и заблескајте во надеж дека ќе добиете порака од љубениот астронаут на поп-културата, ѕвезден човек кој чека на небото.

Превод од англиски: Јулија Мицова

Извор: coalition.org.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото