Папата Франциск предупредува дека католичката црква го губи фокусот

20.09.2013 06:58
Папата Франциск предупредува дека католичката црква го губи фокусот

Папата Франциск предупреди дека католичката црква го губи својот пат со претераното фокусирање на спроведувањето на политиката против контрацепција, абортус и хомосексуалност, наместо да ги отвори вратите и да ја направи цркцвата милосрдна институција.

Во интервју за италијанскиот езуитски магазин La Civiltà Cattolica, папата Франциск исто така ги повтори помирливите ставови кои неодамна ги даде во врска со геј луѓето.

„Еден човек ме праша, во провокативен манир, дали ја одобрувам хомосексуалноста, а јас му одговорив со друго прашање: кажи ми ти мене, кога Бог гледа на геј луѓето, дали го прифаќа нивното постоење со љубов или ги отфрла и осудува?“

Папата додава дека неговите коментари за третирањето на хомосексуалците со почит не претставуваат застранување од учењето на црквата. На некој начин, тој ја најави промената во реториката на официјален Ватикан кога запрашан околу ставот за сексуалноста на свештениците, минатиот јули одговори: „Кој сум јас да судам?“

„Црковната пасторална служба не смее да биде опседната со пренесување на мноштво неповрзани доктрини со упорно наметнување. Мора да пронајдеме нов баланс. Во спротивно моралот на црквата ќе падне како кула од карти, ќе ја изгуби свежината и мирисот на Евангелието.“.

Папата Франциск смета дека е погрешно да се инсистира само на прашањата на абортусот, геј браковите и употребата на контрацептивни методи. Црковното учење по тие прашања е јасно, но нема потреба постојано да се зборува за тоа. Исто така, Франциск повика католиците кои се развеле и повторно стапиле во брак да се третираат поинаку, за да се чувствуваат добредојдени во своите парохии. Ова прашање претставува камен на сопнување за многу католици, бидејќи на оние кои по втор пат се венчаваат им се забранува причестувањето.

Извор: e-novine