Режимот е еднаков за сите, иако не сите сме еднакви пред режимот!

15.10.2013 09:44
Режимот е еднаков за сите, иако не сите сме еднакви пред режимот!

Јас не сум правник и немам големи познавања на тоа поле, немам ниту чувство за дефиниции, а ниту уживам во интерпретации на правните норми или на нормативните акти. Но, едно нешто успевам да препознаам, а тоа е законот на режимот, духот на нашето време, профаноста на нашето секојдневие.

Видете, бидејќи ова што ни се случува е еден тоталитарен и недемократски режим, искрено сметам дека е погрешно повеќе да тврдиме дека власта го крши законот или го крши Уставот, дека го злоупотребува судството или, на пример, дека применува политички апсења. Ако велиме или, пак, ако сме свесни дека имаме работа со режим, тогаш - како можеме да зборуваме за кршење на законот или за почитување на демократските пракси? Во режим, сѐ што е демократско или е во рамките на правната држава - не постои, така што тоа не може да биде прекршено. Истото важи и од аспект на тоа што на таков режим не може да му се врати со демократски средства, од чиста причина што таквите средства не постојат во недемократски општества.

Но, да одам полека. Дајте еднаш да се помириме, па некој правник нека го теоризира тоа подобро од мене, дека режимот на Груевски од уставен и од законски аспект повеќе не е демократски, туку тоталитарен режим. Тоа ни се има потврдено преку безброј говори и постапки на Груевски, преку законските измени кои ДПМНЕ ги има донесено, преку насилното бркање на новинарите и пратениците од Собранието, преку секојнеделните апсења, преку контролата над медиумите, и преку останатите нам општопознати пракси. Од секој аспект гледано, тоа е еден нов уставен поредок, еден нов закон, паралелен на демократскиот поредок, ама сепак - недемократски режим! Мотото е: режимот е еднаков за сите, иако сите не сме еднакви пред режимот! Или, може и вака: режимот е еднаков за сите, ама не сите еднакво го разбираме режимот!

И јас се согласувам со последните изјави на Груевски и на Димовски, кога велат дека нема политички апсења, дека власта не се меша во работата на судовите. Сите во оваа држава го имаат разбрано законот на режимот, нивниот уставен поредок, и соодветно си дејствуваат. Добро, речиси сите, некои допрва почнуваат да го разбираат и сфаќаат дека опциите се само две: или ќе се буниш, или ќе си молчиш. Сакам само да објаснам дека ако против ваков режим немаш соодветен одговор или гест со кој можеш да му парираш и притоа не создаваш резонанта која може да го изедначи или да го надгласи законот или духот на режимот, тогаш си осуден да губиш.

Многу пати имам објаснето дека режимот владее стабилно преку креирањето и одржувањето на една перпетуална криза, не само политичка, туку криза од секој аспект, идентитетска, мисловна, духовна, ментална. Доктрината која стои зад уставниот поредок на Груевизмот е слична како кај фашизмите од минатиот век, само што за разлика од егзалтирање на државата - нација, тука се егзалтира државата - партија. Лидерот на партијата само се покрива со титулата државник или премиер, а тој пред сѐ е партиски лидер на народот, семоќен токму затоа што државата е потчинета на партискиот режим.

Суштината на режимот е онтичка: не е битно што ние можеме научно, логички или здраворазумски да дефинираме дека постои. Примарна цел на власта е битието на системот да биде од режимски карактер. Кога тоа ќе заживее и кога ќе пушти корени, идејното и мисловното добиваат третман на атрибути или, поточно, на слуги на режимот. И тој пристап не се напушта, тој останува зацементиран. Сѐ додека е тоа така, режимот не се „потресува“ како тој ќе се доживува и како ќе се интерпретира.

Кога се живее во режим, се чини, слободата е можна само во рефлексивноста. И, нормално, тоа нѐ прави несреќни, бидејќи сметаме дека е недоволно. Сепак, да се мисли слободно и да се сака слободата не е мала работа. Значи, наша обврска е одново и одново да го промислуваме режимот или, уште попрецизно да проникнеме во неговата суштина. Оттука и прашањето од почетокот на текстов: што е „законот на режимот“?

Најлесниот одговор е дека тоа е самоволието на власта. А законот на режимот е таков, непишан и некодифициран докрај, ама сурово реален и сеприсутен. Тоа значи дека законите според кои се води режимот имаат една трансцедентална димензија во нашето колективно живеење. Режимот е иманентен, тој е во институциите и во сите пори на нашето општество, но моралот, правилата, законите кои режимот ги наметнува имаат една заостаната димензија на религиозна догма, на божје право над оваа земја и овој народ, на еден лидер на провидението.

Нашето апстрактно бивствување како народ се држи на култот кон една нација и народ што пропаѓаат, додека нашата конкретна егзистенција е потчинета на партијата која наликува на хидра со илјадници глави и која постојано напредува. Што и да се демистифицира, колку и глави да се исечат, пак од телото и духот на нашиот партиски монструм израснува некоја нова перверзна форма на потчинетост, некоја болна форма на народна разединетост, наспроти партиската сплотеност.

Размислувајќи на оваа тема, ми се допадна главната реченица на („според законотот“) обвинетиот Шиповиќ кој вели: се плашам, но сакам да верувам во правдата. Шиповиќ сака да верува во нешто што знае дека не постои, но воедно и потврдува, дека иако тоа во што верува е можно или некогаш било, сепак, свесен е дека тоа од што се плаши е поверојатно.

Сакам да ви објаснам дека кај секој народ има една трансцедетална димензија, една духовна состојба на која се базира нашиот мир, нашето единство, нашата егзистенција. Нормално, тоа би го нарекле културна сила која нѐ приморува на солидарност, соживот, заеднички цели, кон нешто што помалку или повеќе би правело да не бидеме поделена и завојувана заедница. Но, кај нас е обратно, кај нас она што не може да го допреме е претворено во мит или манипулација која нѐ успива духовно и ментално, нѐ прави поделени и слаби, скарани и неуспешни, а она што е лично и секојдневно, профано, базирано на нашите интереси и контакти, нѐ корумпира материјално. Тоа се две линии кои кај нас баш затоа што сме режим функционираат спротивно од онака како што би требало.

Режимот на Груевски се декларира дека е дојден во името на богот-државата, богот-нацијата, богот-идентитетот, богот-слободата, богот-правдата, но токму со фактот што ги претвори во свои лажни политички симболи, тој ги уби во теолошка смисла, како нешто во што навистина веруваме. Откако ги уби, создаде нова теологија, на сопственото лично обожување и на обожување на самоволието на апсолутната власт. Негови храмови станаа државните институции и апарати, негови ритуали лоповлукот, корупцијата, стравот и целосната политичко-економска хегемонија. Груевски го уби сето она што требаше или мораше да ни биде свето, од државата до слободата, за тој да воскресне како апсолутен лидер, лидер на една држава во пропаѓање.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото