Да го рушиме режимот, а не спомениците!

09.12.2013 10:26
Да го рушиме режимот, а не спомениците!

Неизбежно е чувството на горчина и немоќ секогаш кога во Скопје ќе се постави некој нов и дубиозен споменик, уште еден дел во безбројната сложувалка на политичкиот инженеринг наменет да го ревидира нашиот идентитет и идентитетот на главниот град. Главниот и најголемиот споменик во Скопје најдобро го изразува тоа лудило.

Подеднакво револтира таа позадинска идеја на режимот, со помош на споменици да нѐ дефокусира, да создава смислена тензија, да го продлабочува наводниот јаз помеѓу градителите и оние кои сакаат само да рушат.

Приказната која се одмотува - конкретно, околу споменикот на Цар Душан, е најдобар пример за едно веќе видено сценарио на тензии, лажен патриотизам и на дефокусирање. Еден дел од власта ќе става споменици, следбениците на другиот дел од власта ќе демонстираат сила и ќе рушат. Тоа го видовме со црквата-музеј, а сега, ова е само тажно повторување, наше постојано вртење во круг.

Но, она што најмногу од сѐ ме иритира, е што повторно влегуваме во стапицата на режимот, каде добар дел на слободни интелектуалци, левичари, вистински уметници, единствено коментираат, односно застапуваат становишта дека треба да се руши, па дури и ликуваат пред одредени вандалски чинови.

Тоа е нормално и е разбирливо, како што реков, поради несогласувањето со идентитетската ревизија, од естетски и културни причини, па дури и од аспект дека самото поставување на овие споменици е врвна манифестација на рушењето на правната држава и спроведување на невиден криминал.

Сепак, јас мислам и очекувам дека многу паметни луѓе не можат да останат закотвени на бесмислениот воен повик: да ги рушиме спомениците!

Прво, затоа што тоа е само израз на нашата фрустрација и немоќ, нешто сосема нереално и неспроведливо. Второ, на тој начин само се влегува во филмот на режимот, кој таквата реакција ја очекува и му оди во прилог. Трето, не може да бидеме толку плитки и да се занимаваме со симболите на моќта на режимот, наместо со самиот режим.

Тоа особено не треба да е случај, кога сме сведоци дека единсвеното вандалско однесување се случува пред сѐ врз етничка основа, а во позадина стои политичка калкулација. Најпогрешно од сѐ е да се повикуваме или да аплаудираме на удирање по спомениците како резултат на диригирани етнички и идентитетски несогласувања, затоа што следно по што ќе удриме е самото месо, ќе удриме по самите нас, а власта повторно ќе помине неказнето. Така, самите ќе си се срушиме.

И јас сакам да ги нема сите тие идиотски споменици, но, еве, дури и утре да ги фрлиме во Вардар, не сфаќам како тоа ќе помогне во борбата со режимот?! Јас не познавам случај во историјата каде еден режим паднал поради рушењето на неговите симболи. Симболите паѓаат откако ќе падне режимот.

Кај нас градбите на режимот не ја симболизираат само тоталитарната моќ и кралскиот статус на Груевски, тие се нешто повеќе, симболи на една лажна, антидржавна, антимакедонска, магаломанска историја.

Но, дотолку повеќе, тие треба да сведочат за нашиот фашизам и да се дел од нашата болна историска меморија. Сме виделе илјадници статуи како паѓаат, од оние на Сталин и Ленин, од Мусолини до Садам или Гадафи, но кажете ми колку често сме виделе вистински промени за народот и промени за подобар живот?

Земете го примерот на една од најинтелигентните и најмудри демократски транзиции во историјата, онаа на постфранкистичка Шпанија. Првото што го направија е враќање на Уставот, плурализмот, парламентот, ги испразнија затворите и почнаа процес на национално помирување. Знаете кога ги тргнаа спомениците од Франко и неговиот режим? Триесет години подоцна. Запатеро ги смести по музеи. Или симболот на германскиот комунизам во Источен Берлин, монолитната Палата на Републиката, некогашниот парламент на ДДР, беше срушен дури 17 години по падот на Берлинскиот ѕид.

Или, можеби, некој посакува да се однесуваме како Полјаците, каде единствената петокрака што остана е онаа од рекламите на „хајнекен“. Побрзаа да го уништат секој можен симбол од комунистичкиот режим, мислејќи дека така ќе ги надоместат неуспесите од новите десничари. Ги срушија симболите на комунизмот, демонстрирајќи комунистички методи. Заборавија дека за разлика од денешните национал-популистички режими, комунизмот немаше само симболи, туку и митови и идеали.

Е, па вистинското демократско општество не треба и не смее само да руши, туку треба и да се соочува со предизвиците. Потоа, тоа треба да помага да се надминуваат контрадикциите, да креира и да пропагира вистина, а не своите фрустрации да ги лечи преку симболите.

Постои и друг аспект, кој треба да изразува некоја наша морална и интелектуална супериорност над режимот. Па, зарем со нашиот револт кон спомениците ние ќе му признаваме некакво неимарство на режимот? А, што е со нашиот став кон тие ужасни згради кои ги подигнаа, зад кои се крие сто пати поголем криминал?! Ќе ги бомбардираме, ќе ни помогне ли нешто ако ги снема?!

Тоа што не се согласуваме со ревизијата на режимот и што знаеме дека тие градби се штетни за нашиот идентитет, култура, здрав разум и вкус, не значи дека треба да исчезнат! Нека стојат, нека сведочат за лудилото, еден ден врз нив ќе треба да се изградиме одново!

Спомениците и кичерската архитектура ги гледаме секој ден, тие се тука како диктаторски, мегаломански творби што треба да ја ослабат нашата волја, да ја негираат нашата вистинска историја, да нѐ направат малечки и изгубени, но тој што го менува нашиот идентитет е секојдневната политика на оваа власт. Не можеме и не смееме, колку и да сме гневни, да се дефокусираме со симболите на режимот. На тој начин само дозволуваме да бидеме освоени, поделени, дефокусирани од моќта на симболите.

Овие споменици и градби, едно утре ќе бидат дел од процесот на столетието, поради кои на режимот ќе му се суди. Благодарение на овие споменици и згради на овој режим ќе му се суди за невидениот криминал, за незаконското поведение, за рушењето на правната држава и за рушење на нашиот идентитет и држава.

Некоја идна правна држава, некои идни државни институции и функционери, ќе требаат да се докажат на ова трнливо прашање. Но, ќе се докажуваат преку спроведување на законот и правото, преку враќање на вкусот и разумот, преку осуда на политичката и идеолошка ревизија. Така ќе се постават основите на една нова демократска држава.

Кога еден ден тоа ќе го постигнеме, лесно ќе биде да се одлучи за судбината на спомениците, градбите и за целата тажна оставнина од Скопје 2014.

Извор: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото