Трговија со смрт во име на народот

04.11.2013 13:15
Трговија со смрт во име на народот

„По војната сите можат да бидат генерали. Тешко е да се каже дека војните би биле помалку крвави, бидејќи тоа е премногу хипотетички. Со оглед на годините на психолошка подготовка на населението на сите страни, каде едните викаа „сакаме оружје“, а другите занесно пееја песни за крвникот од Втората светска војна, за жал се насобра толку омраза што тоа навистина беше многу крвава војна, во која животот го изгубија повеќе од 130.000 луѓе на сите страни“, вели словенечкиот новинар Блаж Згага, одговарајќи на прашањето на Данас дали војните во Хрватска и БиХ можеби би биле помалку крвави ако Словенија не го продавала оружјето од поранешната ЈНА на завојуваните страни.

Книгата со документи и автентични сведоштва која во хрватски превод штотуку е објавена во Белград, и чии автори се Блаж Згага и Матеј Шурц, под наслов „Во име на народот“, фрла ново светло токму на историјата на југословенските војни, бидејќи, барем во пошироката српска јавност, важеше дека Словенија, освен во краткотрајниот јунски судир, беше неутрална.

„Може да се утврди дека летото и есента 1991 Словенија беше главен извор на оружје и муниција за хрватските одбранбени сили, кои беа под удар на ЈНА и српските бунтовници, кои со векови живееја на подрачјата од каде десничарските екстремисти повторно сакаа да ги избркаат. Југословенската воена морнарица тогаш изведе и поморска блокада на хрватските пристаништа, поради што не изненадува дека преку пристаништето Копар и словенечкото приморје водеше главната линија за снабдување на хрватската и муслиманската страна. Но сепак, хипотетички да одговорам на хипотетичкото прашање - да не беше словенечкото оружје - само до крајот на јули 1991 хрватскиот министер за одбрана Мартин Шпегељ од Словенија доби околу 500 тони - ЈНА можеби ќе го совладаше отпорот на бранителите и историјата ќе беше поинаква. А тоа не значи дека би била помалку крвава“, истакнува Згага во разговорот за Данас.

Реакциите на сѐ уште живите актери во трговијата со оружје, како што истакнува нашиот соговорник, сѐ уште се исти - молчење.

Реконструкцијата на илегалните дејности, кои ја кршеа резолуцијата на ОН и домашните закони, покажува дека профитите од препродажбата на оружје биле огромни, мерени во десетици милиони тогашни германски марки. Влијанието на политичките елити создадени на почетокот на распадот на Југославија и денес е присутно во таа мера што, да речеме, при објавувањето на првата книга во Словенија, главните медиуми само го нотираа тоа. Тогаш Згага и Шурц, во рамки на словенечкиот Центар за истражувачко новинарство започнаа „теренска работа“ - серија мали промоции во помалите места на Словенија, така што, кога излезе третиот дел од трилогијата, во мај 2012, тоа беше најпродавана книга во оваа држава.

Со Хрватска ситуацијата е посложена - од една страна реакциите беа попозитивни, а од друга, според хрватските закони, трговијата со оружје како кривично дело не застарува. Книгата содржи многу документи со имињата, презимињата, дури и потписите на актерите, и се очекуваше дека во Загреб нешто од тоа би можело да биде процесуирано. Особено поради постапката против некогашниот премиер Иво Санадер за воено профитерство. Меѓутоа, правосудството и надлежните органи до сега не реагираа, иако на промоцијата дојде и гостин од канцеларијата на јавниот обвинител Младен Баиќ. Фрлено е и поинакво светло на митовите за „патриотите“ кои со свои раце ги вооружиле хрватските бранители, создавани во медиумите изминативе две децении, бидејќи објавените податоци ја исклучуваат таа митолошка страна, наведувајќи дека оружјето се „движело“ благодарение на тајните логистички операции меѓу Словенија и Хрватска.

Во Сараево објавувањето на книгата беше проследено со низа чувствителни моменти, бидејќи - како што потсетува Згага - тој град и луѓето во него најмногу страдаа и раните сѐ уште не се сосема излечени. Во војната муслиманските борци сакаа какво било оружје, не прашувајќи за цената, што воените профитери неверојатно го искористуваа.

Кога станува збор за Србија, одредени критичари од Хрватска пишуваат дека анализата не посветила внимание на наводниот таен пакт на Слободан Милошевиќ и Милан Кучан за ненапаѓање. На тој таен договор му се припишува и тоа што СР Југославија никогаш официјално не протестираше против Словенија поради кршење на ембаргото на ОН.

„Се фокусиравме на официјалните документи, а не на политичките договори. За тој наводен пакт во Словенија не се знае многу, и тоа во толкава мера што делува како табу. Можеби ретки поединци знаеле нешто за тоа, но молчеле. Словенечките историчари, тоа е пред сѐ научно прашање за нив, не успеале да го истражат тоа. Меѓутоа, некои актери сѐ уште се живи и можат да кажат што е вистина. Исто така, не ми е познато зошто СР Југославија не реагираше на кршењето на ембаргото. Но не е тајна дека тогаш ембаргото го кршеа сите, односно дека настојуваа да добијат што повеќе воен материјал и да војуваат, а не да протестираат поради забраната која и самите ја кршат“, објаснува Блаж Згага.

Според неговото искуство, со оглед на тоа дека книгата е базирана на повеќе од 6.000 документи, добиени по официјален пат, кога со години се анализира ваква обемна граѓа, каде сите делови сами по себе се приказна, може да се изгуби чувството што е важно. Меѓутоа, од друга страна, може да се воочи „историската правилност“.

„Всушност, бев најмногу изненаден кога се сетив на делото на Џефри Ричелсон 'Век на шпиони', кое е напишано врз основа на отворените архиви на американската ЦИА. Во поглавјето за вооружувањето на авганистанските муџахедини, кои се бореа со советските војници во 80-те години, јасно е покажано како другите држави имале поделени улоги. Една давала оружје, друга пари, трета логистичка поддршка и слично. Кога безброј пати ги поминав документите, сфатив дека нешто слично се случи и во војните на подрачјето на некогашна Југославија. Многу странски земји активно соработувале во кршењето на ембаргото на ОН и во военото профитерство, а со продажбата на оружје се обиделе да ги исполнат и своите надворешно политички интереси. Очигледно е дека денес нешто слично се случува и со Сирија - оружјето доаѓа од истите украински пристаништа, а парите за бунтовниците од истите арапски земји.“

„Во име на народот“ опфаќа три книги со наслов „Продажба“, „Препродажба“ и „Покривање“, и судејќи по меѓународните награди кои ги добија авторите, претставува еден од најзначајните потфати на истражувачкото новинарство во поранешна Југославија, во светски рамки.

Идеолошката рамка на истражувањето е јасна - великосрпската хегемонистичка политика на Слободан Милошевиќ, книнските бунтовници и босанските Срби ја „разнесоа“ Југославија на ист начин на кој креваа во воздух и поединечни воени складишта и подземни воени бази и аеродроми - но авторите на книгата не се ништо поблаги кон словенечките политичари, разузнувачите и другите функциониери. Со доследно гледиште дека сите граѓани на Југославија го создавале заедничкиот имот уште од 1918 година, и дека лавовски дел од тој заеднички имот бил воениот, истражувањето во манир на Викиликс го разоткрива секое поединечно запленување, пратка и цена на оружјето, муницијата и другиот материјал, до детали разработувајќи кои лица биле вмешани, и со колкав профит. Трговијата со оружје била активност на државата, а сите граѓани на Југославија со тоа биле повеќекратно оштетени, и затоа што во време на СФРЈ живееле полошо бидејќи за вооружување се издвојувало многу, и за време на војната, поради профитот на трговците со оружје. И конечно, по војната, бидејќи правосудниот систем е можеби и неповратно оштетен во подоцнежното прикривање на злоделата. Сепак, за оваа сложувалка повторно да се отвори, потребно е да се вклопи и делот кој недостига - белградскиот дел. Како што е, да речеме, одговорот на прашањето како и зошто главниот командант на ЈНА, генералот Андрија Рашета, при повлекувањето од Словенија бараше „поврат само од пет складишта“.

Истражувањето нуди податок дека на словенечка територија имало вкупно 29 складишта со вооружување и воена опрема, и дека неговата вкупна вредност, сметајќи ја и инфлацијата, била близу милијарда долари. Понудено е објаснување дека до недостиг на евиденција дошло по тајните планови на ЈНА за одбрана на Југославија, бидејќи се очекувало линиите за снабдување да бидат прекинати во случај на надворешна инвазија. Затоа особено големи залихи на муниција биле тајно чувани во Словенија, ако нападот дојде од запад, и сето тоа тогаш било во надлежност на тогаш младиот министер за одбрана Јанез Јанша. Третирано е како легитимен воен плен, а потоа поголемиот дел е продаден на Хрватска, со опасност дека „се подрива одбранбената моќ на земјата“. Кога залихите се испразниле, снабдувањето на Хрватска и Босна со оружје продолжило преку словенечките пристаништа и преку офшор фирми.

Од почетокот, значајна улога во сето ова игра и компанијата Орбис од Велење, која работеше во склоп на Горење и која во 2006 доби задача да ги произведува финските оклопни возила „Патрија“ - што е една од најголемите корупциски афери во Словенија, во која е процесуиран и Јанша. Истражувањето на двајцата словенечки новинари стигнува сѐ од повоениот период, давајќи преглед на последниот четврт век низ вистински разузнавачко-политички трилери. Да речеме, дека словенечките специјалци ги вежбале „хосовците“ на Доброслав Парага и повеќе од 500 босански муслимани во Кочевските шуми, но и продавале оружје по лихварски цени, каде се случувало да земат пари и однапред, а оружјето никогаш да не стигнело. Цената на калашников одела и до 1.500 германски марки, а снајперските пушки до 3.500. Кога станува збор за препродажба на оружје купено во странство, опфатени се пратки од Бугарија, Украина, Полска и Романија. Бројни трансакции оделе преку виенската фирма Scorpion International Services, како и фирмата Cenrex, која е во сопственост на полската воено-разузнувачка служба WSI и украинската Global Technologies International.

А симболично за сѐ сведочи и дијалогот на Кучан и Милошевиќ на судењето во Хашкиот трибунал, кога некогашниот претседател на Србија како обвинет го испрашуваше некогашниот словенечки колега, како сведок: „Јас само ве прашувам дали е спорно дека учествувавте во вооружувањето на Босна и Херцеговина?“, прашува Милошевиќ, на што Кучан одговара со контрапрашањето: „И мојот одговор е зошто тоа беше потребно“, на што обвинетиот вели: „Добро, многу добар одговор“.

Извор: danas.rs

ОкоБоли главаВицФото