Српски издавачи прв пат заедно на саемот на книга во Загреб

22.11.2013 14:22
Српски издавачи прв пат заедно на саемот на книга во Загреб

Прв пат по раздвојувањето на поранешните југословенски републики, Србија имаше свој национален штанд на загрепскиот 36-ти меѓународен саем на книгата „Интерлибер“, од 12 до 17 ноември.

Под закрила на Народната библиотека на Србија, како извршен организатор, и со поддршка на Министерството за култура и информирање, претставени се две српски здруженија на издавачи. Здружението на издавачи и книжари на Србија (Agora, Akademska misao, Čarobna knjiga, Globosino Aleksandrija, JRJ, Kreativni centar, Laguna, Vulkan, Portalibris, Stilos art, Mikro knjiga, Propolis buks...) и Здружението на професионални издавачи на Србија (Akademski krug, Arhipelag, Geopoetika, Klio, Paideja). Освен изданијата на Народната библиотека на Србија, на српскиот штанд беа изложени околу 2.000 наслови. Во саемските разговори учествуваа Љубивоје Ршумовиќ, во рамки на темата „Детството е татко на човековата личност“, Маја Вукадиновиќ која говореше за ѕвездите на супермаркет културата, како и Срѓан В. Тешин, анализирајќи го единството на различностите во регионот.

Овие автори настапија и во библиотеката на Српското книжевно друштво „Prosvjeta“ во Загреб, кое на подарок доби и одреден број книги од српскиот штанд.

Еден ден пред отворањето на „Интерлибер“, српскиот национален штанд го посети и претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ, кој на подарок доби монографско издание за авангардното списание „Zenit 1921- 1926” од Видосава Голубувиќ и Ирина Суботиќ, како и каталог од изложбата приредена по повод 120-годишнината од раѓањето на Милош Црњански. Загрепската публика беше заинтересирана за капиталните изданија на Аристотел на Paidea, како и за книгите од областа на хуманистичките науки на српскиот штанд.

„Интерлибер“ го покажа и грижливиот однос на хрватските издавачи за прашањата на правописот, лексиката и историјата за јазикот. Новиот „Хрватски правопис“ на Институтот за хрватски јазик е поставен на интернет кон средината на оваа година, во целост и бесплатно, затоа што во оваа држава предолго доминираше хаотичната состојба во врска со бројните правописни изданија. Според зборовите на Жељко Јозиќ, директор на споменатиот институт и главен уредник на новиот правопис, од 1990 па сѐ до оваа година во Хрватска се објавени повеќе од 25 изданија на различен правопис, а дури пет имале препорака за уотреба во училиштата.

„Различните правописни решенија ги збунуваа професорите и родителите. На новиот 'Хрватски правопис' работеа четиринаесет автори шест месеци. Сега Министерството за образование го препорача исклучиво овој правопис за употреба во основните и средните училишта. Околу правописот се кршат копја на стручно, образовно и национално ниво“, вели Јозиќ.

Секогаш посебно место на „Интерлибер“ зазема Лексикографскиот завод Мирослав Крлежа, на кој е изложена Хрватската општа енциклоедија во единаесет томови, а потоа и техничките, правните, филозофските, економските лексикони. Голем простор на саемот зазема и ВБЗ, каде можат да се најдат делата на Борис Дежуловиќ, Игор Мандиќ, Предраг Матвеевиќ. И во Загреб хитови се романите на Ден Браун („Инферно“), како и Џулијан Барнс (во хрватскиот превод, „Чувство на крај“).

Голем хит на штандот на Фрактура е најновиот роман на Миљенко Јерговиќ „Род“, приказна за целиот век на Средна Европа и Балканот, преку животот на дунавскиот Германец, роден во романскиот Банат, кој го поминал животот во Босна. Издавачката куќа „Јесенски и Турк“ претставува дела од областа на популарната наука на Брајан Грин, Карл Саган, како и дела од Бодријар, Сиоран, Томас Хобс.

Романот „Bonaviа“ на Драган Великиќ, во хрватската издавачка куќа Meandarmedia се најде до книгите на португалскиот писател Жозе Едуардо Агвалуза, потоа Драго Јанчар, Алек Попов, а тука можат да се најдат и дела од Борис Вијан, Табуки, Томас Бернхард...

На овој „Интерлибер“ беше остварена и средба на хрватските и српските претставници на здруженијата на издавачи, а средбата ја иницираше Ненад Бартолчиќ, уредник на хрватскиот портал Модерна Времена, по повод сличните проблеми кои ги мачат издавачите во опкружувањето. Во разговорот учествуваа и Гојко Божовиќ, Зоран Хамовиќ, Вук Вукичевиќ, Симона Голдштајн, Сеид Сердаревиќ, Мишо Нејашлиќ, како и Владимир Стоисављевиќ, помошник во хрватското Министерство за култура и Младен Весковиќ, од српското Министерство за култура. Некои од заклучоците се однесуваат на можноста за потпишување договори меѓу хрватските, српските, босанскохерцеговските и црногорските издавачи со цел олеснување на заедничките настапи на саемите на книга во регионот и побрза дистрибуција на книгите, создавање заеднички платформи за читање и видливост на објавените изданија, и проширување на читатеската публика. Предложено е во областа на повредните изданија од хуманистичките науки правата да не се откупуваат посебно, како и филозофските книги да се преведат еднаш, а потоа да се прилагодат на јазиците во четирите земји. Оценето е дека е важно ресорните министерства да се вклучат во решавањето на овие проблеми во своите долгорочни планови за културните политики.

Извор: Политика

Слични содржини

Балкан / Култура / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Уметност

ОкоБоли главаВицФото