Димитријевиќ: „Чистачот“ на Абрамовиќ во Белград е пропаганден чин

24.09.2019 01:21
Димитријевиќ: „Чистачот“ на Марина Абрамовиќ во Белград е пропаганден чин

По 47 години Марина Абрамовиќ изложува во родниот Белрад. Изложбата во Музејот на современа уметност со наслов „Чистач“, воедно е и прва голема ретроспективна изложба на уметницата во Европа, премиерно прикажана во Стокхолм, во 2017 година. На изложбата се презентирани околу 120 дела, а нејзиниот буџет надминува еден милион евра. Владата на Србија за изложбата издвоила повеќе од половина милион евра, поточно 78 милиони динари.

За Радио Слободна Европа, коментира Бранислав Димитријевиќ, теоретичар, историчар на уметноста и кустос, карактеризирајќи го овој настан како политички проект par excellence. Сепак, наведува дека во сè што се случува околу културните политики на распределба на буџетот во Србија, добро е што на овој начин е поддржана изложбата на Марина Абрамовиќ затоа што парите многу лесно можеле да отидар и на нешто „помалку релевантно и поконзервативно“.

РСЕ: Зошто владата на Србија ја подржа изложбата на Марина Абрамовиќ со повеќе од половина милион евра , ако се имаат предвид инаку скромните издвојувања за културата?

Димитријевиќ: Таа изложба е многу поскапа. Прашањето е, се разбира, дали владата исто така го обезбедила и остатокот од средствата или на кој начин е тој обезбеден затоа што таа изложба е многу поскапа и ја надминува сумата.

Изложбата ја иницирала и на некој начин ја договорила лично премиерката Ана Брнабиќ. Тоа е некоја чудна ситуација во која имаме процес кој е директно од горе – каде еден толку голем културен настан, без какво било сомнение многу важен културен настан, а се иницира буквално од самата влада, па потоа и од владата се организира итн.

Тука, колку што сфатив, Музејот на современа уметност само помага да се реализира еден толку голем потфат.

Е сега, зошто? Па, видете, нема никакво сомнение дека Марина Абрамовиќ, кога станува збор за современата уметност e најпознато име од сите уметници, не само од Србија, туку од целиот југословенски простор. Исто така, нема никакво сомнение дека Марина Абрамовиќ ја надминала улогата на ументик. Таа сега е една естрадна ѕвезда од голем калибар и повеќе оди во насока на некаква форма на естрада. Исто така, нема никакво сомнение дека владата проценила дека таква една изложба можеби може да ѝ донесе некој вид подобар имиџ, да доведе многу луѓе во Белград, кои би сакале да ја видат изложбата...

Тоа најмногу оди во насока на она што моментално владата овде го застапува, а тоа е дека културата и уметноста се всушност креативни индустрии, дека тие мора да заработуваат, меѓутоа, со ова влегува во чудна ситуација, таа иста влада која се залага за дерегулација и на некој начи отстапување на државата од помошта за културата, сега издвојува толкава сума.

Мислам дека тие на некој начин се надеваат дека таа изложба ќе го сврти вниманието и дека ќе има толкав одек што сите ќе побрзаат во Белград да ја видат и дека во сите медиуми во светот Србија ќе биде претставена на не знам каков прекрасен начин заради тоа штое домаќин на еден таков голем настан.

Во таа смисла овој настан всушност го надминува она што е област на занимавање со историја на уметноста и е, така да кажам, еден политички проект par excellence.

(Само) митологизација и антикомунистички мантри во политиката и уметноста

РСЕ: Какви се очекувањата на културната сцена и уметничката заедница од ретроспективната изложба „Чистач“ во Белград? Се слушаат спротивставени ставови...

Димитријевиќ: Во Србија посебно постојат екстремни емоции за многу работи, па така и за Марина Абрамовиќ. И понатаму имате голем број луѓе кои во целост го доведуваат во прашање и негираат какво било значење на Марина Абрамовиќ како уметник и со самото тоа всушност го негираат значењето на концептуалната уметност, уметноста на перформансот, body art, нешто што наголемо е веќе дел од историјата на уметноста и што воопшто не би требало да биде предмет на расправа за тоа дали има или нема некаква вредност.

Од една стрна имате целосно потполно доведување во прашање, а од друга страна имате еден вид целосна еуфорична мистификација, која на некој начин ја произведува и самата Марина Абрамовиќ и начинот на кој таа се појавува во јавноста.

Ќе потсетам дека Марина Абрамовиќ, особено во последно време, стана позната по некој вид на самомитологизација во која еден од централните топоси е цела конструкција за нејзиното многу тешко детство во комунистичка Југославија, каде таа себе се претставува како речиси жртва на комунистичкиот систем. Зборува за тоа време како за време на беда, немаштина, некаков ужас што го преживеала и од кој морала да побегне.

Неодамна, токму на сајтот на Слободна Европа прочитав интервју со Дуња Блажевиќ, која беше и уредничка и едно време и директорка на Галеријата на Студентскиот културен центар (СКЦ) и која на некој начин мораше да констатира дека ова што моментално го прави Марина е всушност една форма на историски ревизионизам. Дека таа спроведува еден вид историски ревизионизам преку таа своја самомитологизација.

Мислам дека сега тоа е идеално спарување на она што е моментална политика на српската влада и она што е митологизација на Марина Абрамовиќ. Таа приказна овде добро се вклопува – истовремено владата се покажува како многу напредна зашто промовира една радикална уметничка, иако, се разбира, таа веќе не може да се смета за радикална уметничка.

Од друга страна, повторно се повторува таа мантра, антикомунистичка мантра за страшниот тоталитарен систем во кој сме живееле во екс југословенските држави, посебно во Хрватска и Србија, каде на власт се политички сили кои перманентно изговараат историски лаги. Веројатно Колинда Грабар Китановиќ во тоа е најголем шампион.

Перманентното изговарање на историските невистини кои посебно се однесуваат на таа приказна дека во социјалистичка Југославија немало што да се купи, како сите биле несреќни и дека сè било сиво и грдо.

Таа иста приказна ја повторува и Марина Абрамовиќ и тоа е еден од аспектите зошто во овој момент е многу пригодна за ова.

Стекнувам впечаток дека за разлика од Црна Гора, овде таа беше малку резервирана кон тие видови на државни почести. Ќе ве потсетам дека пред неколку години имаше голем публицитет во Црна Гора (немаше изложба) – доби ордени, почесно државјанство, даваше патетични изјави за нејзиниот црногорски идентитет. Пред неколку години пишував текст за тоа, обидувајќи се да разберам како една уметница од таков профил и од таков вид на радикална уметност како што е Абрамвиќ ги прифаќа таквите државни церемонијалности.

Во случајот со оваа изложба, имам впечаток дека таа е малку порезервирана и не на тој начин директно впрегната од страна на доминантната владејачка идеологија, но дека без оглед на тоа, изложбата ќе биде искористена пред сè како пропаганда на актуелната влада каде таа влада ќе се претставува како многу модерна, современа, напредна и каде ќе се покажува дека со оглед на тоа што Марина Абрамовиќ, не била во Југославија цели 50 години, немала изложба, еве благодарение на моменталната влада тоа се случило.

Еден многу сериозен пропаганден чин.

Но, повторно, не може да кажеме дека тоа не е важна изложба. И навистина беше крајно време во Белград да биде поставена изложба на Марина Абрамовиќ.

Предвесник на нова културна политика или политичка журка

РСЕ: Во своите дела многу се занимававте со употребата на уметноста во политички цели – колку е можно во овој случај ситуацијата да се пресврти и уметноста да ја употреби политиката?

Димитријевиќ: Тоа е големо прашање. Јас би сакал да е така, во еден момент да кажеме аха, сега имаме ситуација во која толку многу пари се вложени во еден проект кој се однесува на современата уметност – дали е тоа предвесник на некоја нова културна политика? Каде конечно и политичарите ќе се концентрираат и фокусираат на културата и уметноста. Меѓутоа, се плашам дека тоа не е така. Се плашам дека тоа е резултат на еден политички хир, политички екцес каде ќе се покаже како ние можеме тоа да го направиме, а потоа тој циркус ќе си отиде од нашиот град и сè ќе си продолжи како што беше и претходно. Музејот на современа уметност, исто како и досега, ќе нема доволно пари, буџетот ќе биде намалуван и едноставно нема да можат повторно да се појават такви проекти.

Не гледам дека оваа изложба може да промени нешто. Повеќе ја гледам како еден политички екцес, една политичка журка каде ќе има многу сликање, многу гламур. Тоа брзо ќе заврши и сè ќе си остане по старо – ќе се продолжи со уништувањето на институциите.

Затоа што, како што кажав, за мене најголем парадокс околу овој проект е тоа што една влада која веќе со години заговара дека културата не треба да цица од државата, дека културата мора да се ослободи од тој вид на државен субвенционизам, токму таа влада издвојува досега најмногу пари од даночните обврзници за една изложба.

Единствено што можам да кажам е дека ми е драго што тоа е барем изложба на Марина Абрамовиќ. Можеа тие пари да ги дадат за нешто многу помалку релевантно и за нешто поконзервативно, во таа смисла значајно е што барем се работи за изложба на Марина Абрамовиќ. Сите едвај чекаме да ја видиме таа изложба, сепак тоа е еден голем настан за историјата на уметноста, но пред сè тоа е голем настан на политичка репрезентација.

Извор: Радио Слободна Европа

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја
Балкан / Став
Активизам / Балкан / Култура
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото