Документарец на Хичкок за Холокаустот ја чека премиерата

09.01.2014 10:17
Документарец на Хичкок за Холокаустот ја чека премиерата

Документарец на Алфред Хичкок за Холокаустот прв пат ќе биде прикажан во Британија кон крајот на 2014 година, пишуваат британските медиуми.

Камерманот во британската војска кој го снимил ослободувањето на концентрациониот логор Берген-Белсен во 1945 се шегувал на сметка на Алфред Хичкок, кој бил толку ужаснат од снимките кои ги направиле, што една недела не отишол во студиото Пајнвуд во Англија. Можеби Хичкок бил крал на хорор-филмовите, но бил сосема ужаснат од „вистинските нешта“.

Славниот режисер во 1945 бил повикан од пријателот Сидни Бернстајн да му помогне со документарецот за германските воени злосторници, кој е изработен врз основа на снимките на руската и британската војска. Тој документарец насловен како „Memory of the Camps“ никогаш до сега не е прикажан.

„Повлечен е поради промената на политичката ситуација, особено во Британија. Кога ги открија логорите, Американците и Британците сакаа што побрзо да го прикажат филмот, за Германците да ја преземат одговорноста за злосторствата извршени таму“, објаснува д-р Тоби Хагит, кустос во одделот за истражување на Империјалниот воен музеј.

Филмот е работен подолго отколку што било предвидено и кон крајот на 1945 потребата од такви филмови почнала да се намалува. Сојузничките сили одлучиле дека набивањето вина на Германците нема да помогне во повоената реконструкција. Пет од шесте ролни филм на крајот се складирани во Империјалниот воен музеј и проектот потоа е заборавен.

Во текот на 1980-тите, снимките во ’рѓосаната конзерва ги открил еден американски истражувач. Недовршената верзија е прикажана на Берлиналето во 1984, а потоа и на американската станица PBS. Текстот, за кој се верува дека го напишал идниот лабуристички премиер Ричард Кросман во соработка со австралискиот новинар Колин Вилс, го чита глумецот Тревор Хауард.

Среден, реставриран и во верзијата во која го замислиле Хичкок, Бернстајн и останатите, филмот наскоро ќе биде прикажан пред јавноста. Музејот го реставрирал користејќи дигитална технологија и уфрлен е материјалот од шестата ролна.

Одлуката да се „оживее“ филмот предизвика дебата во британската јавност. Во филмот се наоѓаат вистински шокантни снимки од логорите, со натрупани голи тела, но се прикажани и Германци соочени со извршените злосторства во нивно име кои помагале во закопувањето на мртвите. Оние кои го гледале документарецот велат дека станува збор за исклучително трогателен филм составен од повеќечасовен суров материјал кој го снимале камерманите без помош на режисери.

Документарецот ќе биде преименуван затоа што „Memory of the Camps“ е име кој го добил по многу години откако е снимен. Гласот на Тревор Хауард ќе биде заменет со нов глас на некој современ глумец. Ниту името на глумецот ниту името на филмот сѐ уште не се објавени. За љубителите на Хичкок, овој филм истовремено е и повод за возбуда, но и претпазливост. Од една страна, очигледно е дека работата на документарецот, макар да бил и само советник, длабоко влијаела на него и го обоила неговиот пристап кон хоророт и насилството во филмот. Од друга страна, сосема е невкусно и апсурдно да се редуцира еден документарец за нацистичките злосторства на „филм на Хичкок“, предупредуваат британските медиуми.

Извор: Independent