Дали во Нирнберг е постигната правдата или само темел за нова Германија?

24.08.2017 12:19
Дали во Нирнберг е постигната правдата или само темел за нова Германија?

На крајот на седумдесеттите години со колегите од филмската редакција на Телевизија Загреб (покојниот Владимир Томиќ и Јожа Стајнер) подготвувавме краток циклус на политички документарци. Инсистиравме на премиери, филмови што никогаш не биле прикажани во кино или на телевизија, така, од францускиот културен центар во Загреб добивме копија од филмот на Марсел Офул, „Тага и сожалување“ (1969), номиниран за Оскар и награден од британската академија за филм и телевизија, националното здружение на американските критичари и од њујоршокиот круг критичари. Проблемот не беше должината бидејќи филмот траеше четири часа и 11 минути, зашто и онака беше поделен на два дела, па така можевме и да го емитуваме, пречеше нешто друго. Знаејќи дека станува збор за значаен циклус со кој ТВ Загреб ќе добива поени во трката со другите студија од југословенските републики, главниот уредник Ненад Пата организираше контролни проекции за неколкумина официјални личности, постојани соработници на редакцијата и од нивната оценка зависеше кој филм ќе се емитува на програмата, а кој не. Излезе дека „Тага и сожалување“ не одговара на критериумите на циклусот, но не заради евентуалната субверзивност (Офул се занимаваше со Франција во време на Втората светска војна, пред камерата се појавија припадници на движењето на отпорот, но и оние кои ја поддржувале германската окупација, како што беше исклучително артикулираниот аристократ Кристијан де ла Мазиер), туку затоа што на присутните им бил здодевен. Тука немаше бомбастичен наратор кој предупредува на важните моменти и ја сумира приказната, мислењата на соговорниците се спротивставуваа, а режисерот ги редеше нивните изјави, определувајќи се за тнр. невидлива драматургија и оставајќи гледачот сам да заклучува за кажаното.

Политички есеј

Тогаш не бевме навикнати на такво нешто, а особено не беа нашите „врховни селектори“, документарецот мораше да игра на емоции и возбудливост како да е игран филм, а Офул нудеше комплициран политички есеј, кој и за време на премиерата разлути дел од француската јавност, па на тамошната телевизија беше емитуван дури во 1981 година. Циклусот испадна мизерно, во него го пикнавме и „Битката за Алжир“, на Жил Понтекорв, иако тоа беше игран филм со псевдо документарно проседе, но, поголема штета беше што опусот на Офул ни остана непознат. Во вториот том на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод (1990) овој режисер е спомнат со една реченица и тоа во рамки на статијата за неговиот татко, легендарниот Макс Офул, кадешто е наведено дека неговиот син е реномиран автор на документарни филмови. Да добие повеќе простор не му помогна ниту фактот што претходната година имаше освоено Оскар за четиричасовниот документарец „Хотел Терминус“, кој се занимава со осудениот гестаповец Клаус Барбије „касапот од Лион“.

Алберт Шпер бил единствениот што сметал дека судењето било потребно.

Офул, синот е роден 1927 година во Франкфурт (со вистинско име Ханс Марсел Опенхајмер), неговиот татко бил доволно мудар, веќе во 1933 година да ја напушти Германија и со семејството да се пресели во Париз, а во 1940 година, по доаѓањето на нацистите, да се префрли во зоната Виши, каде се криеле повеќе од една година и во 1941 година, преку Пиринеите побегнале во Америка. Наспроти големата европската репутација, Офул постариот, дури во втората половина на таа деценија добива работа во холивудските студија, но никогаш не се пробива до првата лига (дури и „Писмото на непознатата жена“ од 1948 година, отпрвин помина незабележано, за подоцна да стане култно дело). На крајот на четириесеттите години се враќа во Франција каде ги режира своите најпознати остварувања: „Круг“, „Задоволство“, „Мадам де...“ и „Лола Монтез“. Разбирливо, неговиот син пораснал во филмско опкружување, му асистирал на Џон Хјустон, кога во Париз го снимал „Мулен Руж“ и на Жилијен Дувивје кога го работел „Маријана на мојата младост“. Првата режисерска шанса му ја дал пријателот Франсоа Трифо, кој го препорачал за омнибусот „Љубов во дваесеттата“(1962). Следуваше комедијата од новиот бран „Кора од банана“ (1963) со Жан Пол Белмондо и Жана Моро, успешна во кината, но слабо оценета од критиката, а по крахот со крими пародијата „Пукај по желба“ (1965), тој дефинитивно престанува да се занимава со игран филм.

Со тричасовниот документарец „Минхен“ (1967) за минхенскиот договор од 1938 година, направен за француската телевизија, конечно ја нашол вистинската вокација, што се потврди и две години подоцна со филмот „Тага и сожалување“ кој имаше голем одек. Оттогаш Офул се занимавал со најразлични теми: северноирските политички конфликти („Чувство на загуба“ од 1972 година), падот на берлинскиот ѕид („Деновите во ноември“ од 1992 година), во 1993 година бил во Сараево и го снимил документарецот за воените репортери („Неволјите што ги видовме: историја на новинарството во воени времиња“), но, наспроти признанијата што ги добил за „Тага и сожалување“ и „Хотел Терминус“, тој за свое најважно остварување го смета „Сеќавање на правдата“ од 1976 година, филм кој трае четири и половина часа.

Адмиралот Карл Дониц во Нирнберг добил само 10 години затвор.

Не работи со теза

Неговата реализација била бурна. Офул долго ја работел конечната верзија, што не било едноставно, бидејќи требало да се спојат различни материјали за нирнбершките процеси, француско – алжирската војна и Виетнам, како и соговорниците кои зборувале за неколку различни теми, а кога Би-Би-Си ја погледнал неговата верзија, побарал драстично кратење. Имало приговори дека нацистичките злосторства се изедначени со оние на француската војска во Алжир и на американската војска во Виетнам. Режисерот жестоко се спротивстави со објаснување дека никогаш – па ни во овој случај – не направил филм со теза. А бидејќи немал поддршка од другите продуценти, ја прошверцувал копијата во Америка, познатиот режисер Мајк Николс се расплакал кога го гледал филмот, па благодарение на неговите холивудски врски (Вуди Ален му бил наклонет уште од времето на „Тага и сожалување), моќната компанија „Парамаунт“ ја презела светската дистрибуција. Премиерата била одржана есента, 1976 година на „Њујорк филм фестивал“, каде филмот „Сеќавањето на правдата“ бил дочекан со овации и позитивни критики, а малку подоцна бил емитуван на британската телевизија.

Наспроти тоа што истакнати филмаџии и критичари го сметале за важно остварување во историјата на кинематографијата, филмот многу брзо бил заборавен (тоа е неволјата кога дистрибутер е голема компанија: за неа таквите документарци се само маргинален додаток во каталогот). Во новиот милениум за него се заинтересирал Мартин Скорсезе, неговата Филмска фондација, цели десет години го реставрирала филмот, требало повторно да се обезбедат правата за архивскиот материјал и уште многу други работи. Обновената копија, летото, 2015 година свечено била прикажана на филмскиот фестивал во Ерусалим и подоцна повторно на њујоршкиот филмски фестивал. Сепак, дури откако неодамна го откупи „HBO Documentary“ и го стави во понудата за своите корисници (за жал, засега само во Америка), епохалното остварување на Офул постојано се коментира и рецензира.

„Сеќавање на правдата“ е мошне необичен документарец. Отпрвин имате впечаток дека е сосредоточен на Нирнбершките процеси, има многу снимки од судењата што никогаш не биле прикажани, а имал среќа, пред камерата да донесе некои од осудените, како што се архитектот Алберт Шпер, министер за вооружување и воена продукција во Третиот Рајх, припадник на најтесниот круг околу Хитлер, адмиралот Карл Дониц и секретарот во министерството за вооружување Ханс Керл.

 

Алберт Шпер е осуден на 20 години, а неговиот помошник Келр дури на 15.

Вешто се отсликани ритуалите во судницата, начинот на кој осудениците еден по еден влегуваат во салата бил навистина помпезен, на повеќето им било здодевно и се забавувале со читање на други судски записи, а најдобро поминале они кои успеале да најдат некој шунд роман. Мнозинството изјавувале „не сум виновен“, кога ќе ги прашале дали се воени злосторници, единствено Шпер сметал дека Нирнберг е потребен за да се воспостави новата Германија, но тој бил посебен случај. Несомнено ги шармирал судиите со својата појава и затоа бил осуден на само 20 години затвор (осудениот ги користел логорските затвореници да работат во фабриките за оружје), дури и неговиот помошник Керл бил вчудоневиден што тој самиот бил осуден на 15 години, а едвај некогаш се поздравил со Хитлер. Дониц бил осуден на 10 години, тешко е тој да се нарече воен злосторник, бидејќи наводно ја одбил наредбата на Хитлер да пука во сојузничките чамци за спасување, но тешко е да се поверува дека ништо не знаел за концентрационите логори. Шпер признава дека еднаш бил во логорот Матхаузен, но „не му покажале што се случува внатре, се задржал само во надворешниот дел“.

Додека Дониц е тврд и речиси пруски повторува дека тогаш не знаел за темната страна на Хитлер, Шпер е жовијален, за него е комплимент донекаде благата казна што ја добил благодарение на својот ефектен настап, а попатно спомнува дека и Енди Ворхол го сметал за исклучителен архитект. Офул разговара со нив, но ретко поставува директни прашања, не го интересираат оправдувањата на луѓе што се очигледно виновни, повеќе сака да ги спротивстави со луѓе со сосема различни погледи на свет, како на пример вдовицата Клара Лубен, која раскажува дека нејзиниот сопруг, висок нацистички офицер, се убил за да не ја потпише смртната казна за неколкумина католички свештеници. Кога тоа ќе го поврзете со домашните филмови во боја на Шпер во кои неговите деца си играат на снегот, не ви е сеедно. Притоа, Шпер настојува да биде објективен, признава дека го понело масовното воодушевување за Хитлер, но не заборава да спомене дека тој одржувал лоши говори кои никого не го импресионирале.

Потребните нацисти

Нирнбершките процеси се одржани кога во Германија се создаваше општество кое во целост се огради од нацизмот, но и за да му се порача на светот дека повеќе не смее да има војни. Полн со значења е журналот во кој Америкнаците во 1945 година им носат нови учебици на малите Германци и децата се воодушевени од илустрациите и ведриот тон, во нив воопшто не се спомнуваат воените разорувања. Сепак, на нацистичките главешини им судеа и Русите, кои и самите учествуваа во сталинистичките процеси, а две години подоцна ќе почне студената војна што ќе го подели светот на два блока. Доколку постоеше потреба за нив, на нацистичките осуденици драстично им беа намалувани казните, така што во првата половина на педесеттите години се случи масовно ослободување од затвор. Еден од соговорниците на Офул вели: „Лага е дека сите нацисти побегнале во Јужна Америка, не, тие останаа во Германија и станаа столбови на општеството“. А, всушност и ретко кој германски стопанственик бил осуден, иако речиси секој од нив ревносно ја поддржувал воената машина на Хитлер и многу добро знаел што се случува во Третиот Рајх.

Американецот Телфорд Тејлор е еден од главните соговорници на Офул.

Во процесите во Нирнберг сведочел и Едгар Фор, некогашен член на движењето на отпорот и подоцна претседател на француското Собрание. Офул со него разговара нашироко, но претходно ја гледаме изјавата на француски војник кој бил сведок на убиство на девојче: ја ликвидирал неговиот претпоставен во Алжир. Друг војник открива дека едвај чекал да ја соблече француската униформа („се чувствував како да припаѓам на есесовците“) и да им се придружи на Алжирците. Што вели Фор за тоа? Тој смета дека судирот со Алжир се случувал во време кога колонијализмот бил нормална работа („сите имаа колонии“) и акциите на француската војска биле легитимни, па и измачувањата на заробениците, убивањето и силувањето. Ете толку за новиот светски поредок по Втората светска војна.

Лесно се случува

Главниот соговорник на Офул е Телфорд Тејлор, кој како млад воен адвокат бил главен советник во процесите во Нирнберг, а во 1970 година ја објавил книгата „Нирнберг и Виетнам: американската трагедија“, тој изразува разочарување за тоа во што се претвориле некогашните идеали. Режисерот не успеал да стигне до одговорните за злосторствата во јужновиетнамското село Маи Лаи, каде американската војска убила околу 500 цивили, меѓу кои и жени и деца (единствениот осуден бил со чин на поручник, а и тој завршил во куќен притвор). Но, тој разговарал со воените дезертери кои сметат дека ја направиле вистинската работа кога побегнале во Канада, Офул разговара со родителите на загинат војник кои жалат што и нивниот син не дезертирал, но и со сопругата на човек што исчезнал во војната, а таа својот дом го претворила во мавзолеј на патриотизмот.

Очигледно дека е тешко да се искоренат воените злосторства. Рамка на филмот е честото појавување на славниот виолинист Јехуди Менухин, кој беше првиот од големите уметници, кој во 1945 година гостуваше во Берлин. Тој самиот признава дека тоа не би се случило доколку некој од неговото потесно семејство страдал во еврејските погроми, но бидејќи сите, на време побегнале од Германија во времето на Хитлер, со задоволство дал придонес за раѓањето на новата ера. Филмот завршува со неговиот настап со берлинската филхармонија, што визуелно ја покрива познатата фотографија на транспортот на Евреите, каде дури и детето со капата ги дига рацете, иако е јасно дека не е закана за никого. За жал, тоа не беше последна глетка од тој вид, слични ситуации се повторуваа во наредните три децении, а и подоцна. Тука не станува збор за релативизирање на злосторството, туку само за предупредување дека такво нешто се случува премногу често и премногу лесно.

Извор: Jutarnji list

ОкоБоли главаВицФото