1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Има само 14 години, доаѓа од Тетово, а веќе има снимено неколку краткометражни филмови. Сонува да биде режисер. Во останатото време е фотограф, глумец , сценарист, каратист и активен член на Младинскиот Образовен Форум (МОФ) во Тетово. Неговото име е Ханис Багашов.
Ханис е вљубеник во актерството. Првпат пред камера излегол глумејќи и снимајќи хумористични скечеви “ХМЦ-комеди” кои се прикажуваат на YouTube и на локалните телевизии. Го снимил краткометражниот филм Победа за кој инспирација му е поговорката “Добриот секогаш победува”, додека пак во краткиот филм 1 Денар инспирација е негативната човекова особина – алчноста. Го има снимено и Шестарот – комедија која зборува за другарството.
Ханис досега својот актерски талент го има презентирано во неколку филмови: долгометражниот филм Авантурите на Прцко 3: Случајот љубов од Игор Томески, како и во неколку студентски проекти на негови колеги. Ќе глуми и во краткометражниот филм на Саша Станишиќ, Долу од рајот.
Според него, одбирањето на тема за филм е најлесниот дел, прашање е само која идеја е најдобра за да се искористи. Неговите филмови се аматерски. Затоа, со секое ново снимање, тој и екипата се запознаваат со нови филмски поими и техники и постојано се надградуваат во тој поглед. Ханис работи напорно и тежнее да стане вистински професионалец во областа на филмот. Се надева дека во иднина ќе создава и пласира квалитетни филмови кои ќе може да ги испраќа на домашните, европските и светските фестивали за филмска уметност.
Моментално, најактуелен е неговиот најнов краткометражен филм насловен како Blind, кој можете да го погледнете подолу. Филмот беше промовиран во клубот “ОДА” во Тетово, на 18.01.2014.