„Кружно патување на Марето“ - најдобар анимиран филм на фестивалот „Вилмош Зигмонд“

16.05.2017 23:59
„Кружно патување на Марето“ - најдобар анимиран филм на фестивалот „Вилмош Зигмонд“

Краткиот анимиран филм „Кружно патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов ја освои наградата за најдобар анимиран филм на првото издание на филмскиот фестивал Вилмош Зигмонд во Унгарија.

Фестивалот се одржува во чест на неодамна починатиот голем унгарски кинематографер Вилмош Зигмонд, добитник на Оскар за филмот „Блиски средби од трет вид“ на Стивен Спилберг и наградата Бафта за филмот „Ловци на елени“. Наградата има посебна важност и заради членовите на жирито, светски познати филмски професионалци и теоретичари, негови пријатели и соработници: Најџел Вотерс, поранешен претседател на Имаго и потпретседател на Британското Друштво на Кинематографери, Пиер Филмон, член на жирито во Кан 2017 година и режисер на документарниот филм „Блиски средби со Вилмош Зигмонд“, Сабо Габор, директор на фотографија на филмот на Зигмонд, „Долгата сенка“. „Кружно патување на Марето“ до сега има освоено шест награди и учествувано на повеќе од 50 меѓународни филмски фестивали.

Филмот ќе биде прикажан во официјална конкуренција и на филмските фестивали „Сантијаго дел Естеро“ во Аргентина, Кино Изола во Словенија, филмскиот фестивал СЕЕ во Париз и Берлин.

„Кружно патување на Марето“ е приказна за млада краварка која за прв пат оди во кино, во киното на браќата Манаки во Битола. Работен е по сценарио на Жарко Иванов и Александар Прокопиев, главен аниматор е Александар Зафировски, директор на анимација Крсте Господиновски, монтажер Гоце Цветановски, а музиката е на Оливер Јосифовски.