Кино на крајот на светот

13.03.2014 16:00
Кино на крајот на светот

Сместено среде Синајската пустина, напуштеното кино познато како „кино на крајот на светот“ сѐ уште ја чека проекцијата на првиот филм.

Помина повеќе од една деценија откако киното на отворено е изградено на југот на Синајскиот Полуостров во Египет, во пустината на подножјето на планината.

Сега 150-те дрвени сточиња стојат осамени и празни среде апокалиптичната околина. Основата за поставување на платно за проекција е искршена, а објектот во кој стоеле генераторот за струја и проекторот е оставен да се распаѓа.

Напуштеното кино го фотографирал 31-годишниот естониски фотограф Каупо Кикас, кога го посетил регионот и слушнал за уникатната дестинација.

„Градбата е позната како 'кино на крајот на светот'. Кога бев таму, добив силно чувство на осаменост, во секој поглед“, вели Кикас.

Киното е изградено (или подобро кажано, поставено) во 2000 година, на иницијатива на анонимен Французин, кој купил материјали од едно старо кино во Каиро.

„Киното се наоѓа на 12 милји од најблискиот град, Шарм ел-Шеик. Но, на денот на премиерата, сѐ тргнало наопаку. Очигледно локалните власти не биле баш среќни поради ентузијастичкиот дух на Французинот за изградба на кино среде пустина. Пред да биде прикажан филмот, генераторот за струја бил оштетен и киното воопшто не почнало со работа; не бил прикажан ниту еден филм“, објаснува Кикас.

Извор: www.news.com.au