Кај ми е главата?

26.03.2014 12:14
Кај ми е главата?

Одамна не ми се случило вакво нешто. Писателот Венко Андоновски се возбудил од фотомонтажата што ја објави „Слободен печат“, на која, како што вели тој, сме му ја исекле главата (?) и сме ја ставиле на туѓо тело. На монтажата, писателот е дел од загрижената свита крај постелата на деспотот, „неверојатно блиску“ до министерот Никола Тодоров, од кого нашиот јунак во колумна од три продолженија веќе побарал оставка (каква ли храброст!). Писателот оваа фотомонтажа ја доживеал како негова „симболичка ликвидација“ и „политичка травестија“, бидејќи е ставен во друштво во кое, вели, не припаѓа.

Навистина ме изненади оваа реакција на Андоновски, објавена во весникот на Минчо Јорданов. И веќе не знам што да очекувам. Може утре ќе ми се јават Ацо Рембрант, Бранислав Саркањац и Братислав Димитров, на пример, да ме убедуваат дека не се дел од „интелектуалната поддршка“ на режимот. „Тоа е доказ дека филозофијата на луѓе без глави сега е сменета: сега се бараат глави што се пресадуваат на партиски тела, по потреба“, мудрува Андоновски.

Филозофијата на луѓе без глави, кои се пресадуваат на партиски тела, не е сменета, таа трае со години и е основата на овој режим. Јас би можел да се сетам на неколку колумни поради кои главата на нашиот трофеен писател се доживува како дел од групата загрижени ликови покрај болничката постела на деспотот. Има некои наши мудри глави кои толку често се пресадувани, што веќе и телата почнаа да ги отфрлаат. Како и да е, не гледам причина ние повеќе од писателот да се секираме за тоа каде (симболично, се разбира), ќе заврши неговата глава.

Секој возрасен човек мора да има барем толкава смисла за ориентација во животот, што да знае кај му е главата, а каде задникот.

Слики: Готфрид Хелвајн /Свирачиња
Извор: Слободен печат