Ноќ на театарот

29.03.2014 12:17
Ноќ на театарот

Направија сѐ што можеа за да ја прекинат претставата што ја имавме кога ќе се спомнеше театар. Пушката што беше обесена во првиот чин на преродбата пукна и смртно го погоди. Се разбира, не само МНТ, туку театарот воопшто. Тој денес е убиен во поим.

Од богатиот репертоар асоцијации - уметност, дух, култура, креација, традиција, идентитет – не остана речиси ништо. Денес во Македонија под театар се подразбира зграда (изградена или во најава), објект, милиони евра, а можеби најпрецизно, музеј во кој може да гледате фотографии, слики и скулптури, да одржувате разни естрадни спектаклуци и политички собири – сѐ што не подразбира ДРАМА – а во ретки пригоди да се сретнете и да се дружите со актерите, тие восочни фигури што сѐ уште изгледаат како да се живи.

Затоа Македонскиот народен театар, нашата градителско-владетелска гордост, за разлика од ваквите национални институции во другите земји, по повод Светскиот ден на театарот го направи тоа што единствено и се очекуваше од него: ги отвори вратите за да можат љубителите на театарската уметност ДА ГО РАЗГЛЕДААТ новоизградениот објект, да се дружат и да се запознаат со неговите актери. Тоа е нашата непишана порака, што ја испративме до светот, и од која може да се прочита драматичната промена на културната сцена воопшто. Што ни се случи во паузата помеѓу крајот на театарската игра и почетокот на политикантската траги-комедија. Завеса.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото