Доцниме со убавите зборови

09.04.2019 02:21
Доцниме со убавите зборови

Кога ќе згасне нечиј живот, не по волја на биолошкиот часовник, туку по волја на сопственикот на животот, сите се прашуваат - зошто? Доцна е за тоа. Тоа само го потврдува признанието дека сме ја изгубиле битката. Не само за Билјана Беличанец, и не само за оние кои ги познаваме како јавни личности, туку за многу непознати луѓе чии иницијали ги полнат црните хроники под страшните наслови „си го одземал животот“.

Кога велам - сме ја изгубиле битката, мислам на сите пропуштени шанси тоа да се превенира. Внатрешните трауми, депресии, анксиозности и ред други објаснувања кои најчесто ги следат ваквите случаи, не значи дека нечија судбина била „предодредена“ да заврши со кревање рака врз животот. Може тоа да се спречи ако навреме се соочиме со симптомите, ако не сме до толку отуѓени едни од други, па да не забележиме дака колегата, детето, пријателот или соседот одамна не сме го виделе насмеан, дека со денови и месеци од неговите очи говори само тагата, чувството на безизлез и беспомошност. Тоа е аларм за најблиското опкружување - семејно, училишно, работно, пријателско. Ако тие не го идентификуваат тоа како внатрешен крик за помош, тој глас уште потешко ќе стигне до институциите кои се занимаваат со лекување на проблемите.

Зборот, разговорот, навреме подадената рака, се најделотворните лекови кои не се обезбедуваат со „сини картони“. Тие се дел од личната култура на сослушување на проблемите на другиот, на помош и солидарност, која, како да сме ја заборавиле истоштени од дневната рутина и обврски кои го мелат нашето секојдневие. Како да сме заборавиле дека најискрените и најсилни „поздрави“ се испраќаат додека е човек жив. Кога ќе замине, зборовите го губат значењето кое би го имале, доколку тој ги слушне пред да се реши на еден погубен чекор. Токму тие може да му вдахнат волја за живот, да му поттикнат надеж дека ништо не е така црно како што можеби нему тоа му изгледа, дека се е поинаку кога си опкружен со поддршка, со чувство дека некому многу си му потребен - без оглед дали е тоа театарот, сцената или мрачен рудник. Потребни на семејството, пред се. Дури и само една подадена рака може да направи голем пресврт во вакви ситуации.

Особено ако сме свесни дека предолг период општеството ни беше тренирано на далбоки поделби и тензии, чиј тренд нема да запре сам од себе, ако не се пресече таа погубна практика со силна општествена акција. Секој лична драма покрај во строго индивидуалните околности, се одвива и во некакви реални општествени околности, кои ако се поволни - можат да ја намалат траумата. Но ако се наелектризирани - уште подраматично може да ја зголемат.

Во општество затруено со омраза, дури и оние кои не страдаат од лични, внатрешни драми, се чувствуваат затруени. Одговорноста за затруените зборови, е одговорност за труење на животите на граѓаните. Никој не смее да мижи пред тој факт. Барем не пред статистиката, која изобилува со аларамантни податоци. Тие велат дека за нецела деценија, од 2010 до 2017 година 2.331 граѓани посегнале по својот живот. Такви случаи имаше и минатата година - со давење во река, труење, бесење. Приказните што остануваат зад нив говорат дека зад суицидалноста најчесто стои депресија и неиздржлива емоционална болка и страдање, на кое очајнички сакаат да му стават крај. Луѓето кои си го одземаат животот не сакаат да умрат, туку да ја запрат болката. Во тој процеп, меѓу нивната желба за живот и желба за спас од болката, има голем простор за помош - семејна, пријателска, но и пред сè институционална. Нејзиното доцнење паѓа на наша с(о)вест.

Сите тие даваат јасни вербални и невербални сигнали кои треба да се сфатат многу сериозно, а ние треба навреме да ги видиме. Поради фактот дека не сме искористиле некои објективни можности, денес оставаме слика како да не сме загрижени што се шират границите на страдањето и неприлагоденоста, но и на самубиствениот модел за нивно прекинување. Така осигурувачот за животот го губиме од нашите раце. Го губи и општеството. И треба да се загрижи, особено кога заминувањето не се случува само надвор од границите на државата, туку и од границите на животните очекувања.

Слики: Tsoku Maela

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото