Во земјата на сонцето има најмалку соларни панели

16.11.2021 12:55
Во земјата на сонцето има најмалку соларни панели

Ноември 2021 година. Се навестува почеток на глобална енергетска криза чии први знаци се веќе видливи. Цените на нафтата, струјата, останатите горива и енергенси растат. Според прогнозите, тоа е само почеток на енормниот раст кој ни претстои. Како што известуваат медиумите, стотици јавни институции останале без свој снабдувач на електрична енергија бидејќи помалите играчи на либерализираниот пазар на струја не можат да обезбедат доволно струја (или барем не по старата цена).

Сите влади разгледуваат мерки како да одговорат и да ја ублажат кризата која се очекува. Владата на Македонија најавува прогласување на кризна состојба, а претходно како главна мерка најави интервентен увоз на јаглен и дополнително активирање на термоцентралата Осломеј и уште еден од трите блока на РЕК Битола.

Општо познат е проблемот на загадувањето на воздухот во Битола

Од своето раѓање живеам во Битола. Битола е најголемиот град во Пелагонискиот плански регион и втор најголем град во земјата. Битола ќе биде и градот кој ќе трпи најголеми последици од обидот за спас од енергетската криза. Енергетската криза која се очекува и мерката за спас која ја најавува нашата Влада е тесно поврзана со квалитетот на амбиенталниот воздух. Општо познат е проблемот на загадувањето на воздухот во Битола кое покрај домаќинствата, сообраќајот и индустријата, се смета дека во голема мера го предизвикува РЕК Битола, односно термоцентралата која произведува околу 70 отсто од електричната енергија во Македонија. Според истражувањата на европското Здружение за здравје и животна средина (HEAL), оваа термоелектрана годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа.

Намалувањето на влијанието на амбиенталниот воздух од производството на РЕК Битола е едно од главните предизборни ветувања пред секои избори но факт е дека ваквите проекти се многу скапи и се спроведуваат долгорочно. Активирањето на уште еден блок кој треба да согори 900 илјади тони јаглен, со сигурност ќе влијае на воздухот во Битола, но во време на виша сила (глобална енергетска криза) „сите средства се оправдани“?! Во држава во која 41,1 отсто од населението е изложено на ризик од сиромаштија, според мене ова е нужна мерка. Но, не треба да се занемари фактот дека истата може да има негативни последици кон животната средина. Во меѓувреме, долгонајавуваните проекти за филтри на комбинатот, гасификација и топлификација кои значајно би влијаеле на загадувањето се закочени во обезбедување на милионските суми и комплицираните бирократски процедури.

Сонцето минимално се користи како енергетски ресурс
Добро познатата алтернатива на фосилните горива, обновливите извори на енергија, се минимално искористени низ целата држава. Иако користењето на сончевата енергија за производство на струја стана исклучително популарно во последнава деценија, за жал освен неколку поголеми соларни електрани и домаќинствата кои сончевата енергија ја користат за загревање санитарна вода, ретки се примерите на поставени соларни панели на јавните објекти како училишта, градинки, факултети, административни згради и слично. Иако тие со години беа со блокирани сметки заради долгови по основ на струја а сега поради енергетската криза најголем дел останаа без снабдувач со електрична енергија.

Иако сонцето е национален симбол, поставен на знамето и грбот, сепак земјава минимално го користи како енергетски ресурс. Според податоци од Министерството за економија, во 2020 година само 5, 98 отсто од производството на енергија од обновливи извори била произведена со користење на сончева енергија.

Градинка „Мајски цвет“- Тафталиџе 2

Пионерските чекори во јавниот сектор се направени неодамна

Изминативе неколку години десетина училишта и градинки ширум земјава добија соларни панели на своите кровови. Освен потребната количина на електрична енергија за потребите на јавниот објект, вишокот електрична енергија се пушта во дистрибутивната мрежа. Покрај енергетската независност, ваквите инвестиции предизвикуваат позитивни импликации врз јавните приходи и расходи но имаат и позитивно влијание врз животната средина.

Според истражувањата на невладината организација „Гоу грин“, во нашата држава има вкупно 130 средни училишта, а се проценува дека само едно испушта околу 400 тони јаглероден диоксид. Јаглеродниот отпечаток е огромен, а проценето е дека 4. 415 дрвја се потребни за да го апсорбираат ЦО2 од само едно училиште. Кога на ова би се додале основните училишта, градинките, општините и административните згради овие бројки се далеку поголеми а бројот на вакви објекти со соларни панели незначителен.

Во февруари, 2021 година заврши поставувањето на првите хибридни колектори на јавен објект во Општина Карпош. Градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 доби колектори кои преку искористувањето на сончевата енергија произведуваат 300 литри санитарна топла вода и 3, 2 киловати струја. Со тоа производство панелите заменија четири стари бојлери (по 80 литри).

Две години претходно, во СУГС „Владо Тасевски“ во Аеродром, Скопје постави вкупно 54 фотоволтаични панели на кровна површина од 400м2. Моќноста е 15 КW а проекциите се дека ќе произведува струја во износ од 14.500 до 17.000 денари а инвестицијата од 870.000 денари би се вратила во рок од 5 години.

Во Битола само еден јавен објект има поставено фотоволтаици

Во град со 10 основни училишта, 7 средни и 15 градинки, за жал како единствен позитивен пример се издвојува Јавното претпријатие „Пазари“ кое во 2019 година постави фотоволтаици на павилјоните на Градскиот пазар. Панелите се со моќност од 20KW, колку што максимално дозволува законот. Со тоа битолските „Пазари“ станаа и првото јавно претпријатие во Македонија кое произведува електрична енергија за сопствени потреби. Целата инвестиција изнесуваше 1.100.000 денари (без ДДВ) а се очекува истата да се врати во период од три до четири години.

За подобрување на состојбата, потребни се определени легислативни интервенции. Една од нив е да се промени Правилникот за обновливи извори на енергија кој го донесува Министерството за економија. Тој дозволува инсталирана моќност од само 20 киловати иако потребите на некои објекти се многу поголеми а просторот за поставување панели уште поголем. А и пракса во развиениот свет е ваквите фотонапонски централи да произведуваат вишок електрична енергија која потоа ја користат други потрошувачи. Впрочем тоа е и проста економска логика, освен да се заштеди и да се заработи. Така имаме инвестиција која се враќа за неколку години, ги намалува расходите а зголемува приходите а најважно од се, ја поштедува озонската обвивка и животна средина.

Павилјони на градскиот пазар во Битола

Во каков град сакам да живеам

Во град, каде покрај домаќинствата, и јавните објекти кои функционираат со народни пари би се преориентирале на зелена енергија. Придобивки би имало многу и на краток, а уште поважно на долг рок. Расходната страна на билансите би се намалила а долгорочно освен енергетска стабилност и независност, значително се придонесува за почист воздух но и почиста животна средина.

 Извор: respublica.edu.mk