Нежно истакнување на бугарската иредента

25.05.2021 11:48
Нежно истакнување на бугарската иредента

Сосем обратно од веќе неподносливо гласната, безмалку врескачка мантра на либералната демократија за тоа дека современите национални држави гордо одат кон се поотворени општества, упорната стварност секојдневно нуди сурови докази дека тоа напросто не е точно. Историјата на создавањето и постоењето на државите во последните два века покажува јасна и недвосмислена тенденција на засилување на територијалната дефиниција на државната сувереност кое е следена од се постриктната и пообемна легислатива што ги зацврснува државните граници и ја зголемува контролата на нивната пропусност. Отворањето на границите во рамките на Европската Унија не треба да не залажува барем нас, кои почувствувавме на своја кожа дека оваа внатрешна европска отвореност се обезбедува со уште понепропусната надворешна граница на Унијата. Конечно, мантрата во која – спротивно на доказите и здравиот разум – сите сакаат безусловно да веруваат, бива развејана буквално од секоја поголема неволја која ќе се надвисне над континентот. Во дваесеттиот век тоа беа политичките кризи и војните, а денес се тоа актуелните кризи, како што се мигрантската или здравствената криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Првата реакција на државите во сите овие кризи по правило е воведувањето на режими на зголемена непропусност на границите и дури нивното потполно затворање.

Современите мигрантски кризи – многу повеќе отколку здравствената криза – ја разоткрија и перверзната хипертрофија на значењето и правното дејство на државните граници. Првото што тие го направија очигледно е дека основните премиси, па и целата содржина на Универзалната повелба на човечките права на ОН – која сите држави на светот ја вградија во своите устави – прекинуваат да важат за секого што ќе се најде на погрешната страна од државната граница. Иако преамбулата на Повелбата почнува со зборовите за коишто државните граници не постојат: „Бидејќи признавањето на вроденото достоинство, и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човештвото се темелите на слободата, правдата и мирот во светот,“ факт е дека за милионите мигранти овие зборови се неупотребливи флоскули, цветен украс на државните устави што немаат никакво дејство на нивните судбини. Во стварноста, практично сите права на коишто човек може да се повика, се просторно ограничени на територијата на националната држава чиешто државјанство го ужива.


Но, намерата ми беше да укажам на еден сосем друг аспект на чудовишната моќ на државните граници: на нивната моќ да ги создаваат светогледите на нивните граѓани, да ги менуваат историските наративи, културните обрасци на однесување, јазиците, идентитетите, буквално целиот човечки културен паноптикум. Бидејќи границите на суверените држави се политички конструкти што по правило се резултат на војни и крвопролевања од минатото, во нивното настанување не е водена грижа за човечките културни ентитети и континуитети. Во нашата мала и густо населена Европа, на пример, мнозинството граници се линии што на воени карти ги цртале политичките лидери после завршените војни. Тоа се политички конструкции што безмилосно ги пресекуваат културните континуитети што биле формирани низ историјата и опстоеле со векови. Кој ја читал – или гледал – Зона Замфирова од Стеван Сремац, ќе се изненади дека во почетокот на 20-иот век во Ниш се зборувал јазик што денес би го препознале како поблизок до македонскиот отколку до денешниот литературен српски јазик. Еден век подоцна – всушност и многу порано – македонскиот се зборува до една бела математичка линија на граничниот премин Табановце, а кога ќе ја пречекорите линијата почнува да се зборува српскиот јазик што се зборува и во Ниш и во Белград. И никој не чувствува тегобност заради тоа: се работи за процесите на „природна“ културна хомогенизација на соседните заедници во рамките на своите територијални суверенитети.

Правото на политичка сувереност и самоопределување во рамките на една држава – иако не се дефинира како посебно право во уставот – се подразбира дека е и право на сопствени легенди и митови, сопствени историски наративи, сопствени гледања на настаните што се случиле на нејзина територија, што влијаеле на нејзиното настанување или што се случувало долго пред првите знаци за нејзиното зачнување. Гол факт е дека државите под својот суверенитет – во рамките на територијата обележена и ограничена со математичка линија – сакаат да го контролираат и минатото што се случувало на нивната територија и по сопствено наоѓање да го претвораат во национална историја. А, националната историја, пак – за несреќа – сите инстинктивно сакаат да ја проектираат наназад колку што е можно повеќе во минатото.


Е, тука, во проектирањето на државниот суверенитет во минатото, се прави една суштинска грешка – политичка, дипломатска, историска, но и здраворазумска – што ги дели луѓето, партиите и државите, на рационални и ирационални, или поточно, на нормални и на вмровци, или најточно, на нормални и на фашисти. Тенката црвена линија помеѓу политичката коректност и нормалност – од една страна, и агресивниот фашизам – од друга, практично се совпаѓа со тенката бела линија на државната граница. Политички коректните својот историски наратив го проектираат само врз својата суверена територија, додека лудаците од вмровска или друга фашистичка провениенција своите корени, своите херои, својата историја, својата света крв и света почва ги проектираат длабоко во територијата на соседните држави.

Оваа малоумна грешка – сонувајќи кошмари за сопственото потекло и историја да пружаме шепи длабоко во територијата на соседна држава – ја правеше вмроизираната Македонија од првиот ден на независноста. Усвојувањето на ѕвездата од ларнаксот на Филип Втори Македонски – уште додека бевме во пелените на независноста, исто како и подигањето на чудовишните споменици на Александар Трети Македонски и на татко му (заедно со уште безбројно многу хеленистички мотиви, релјефи и други некадарни кичови), беше примитивно и фашизоидно проектирање на нашата лажна историја и потекло длабоко во територијата на соседната грчка држава. Грците тоа го сфатија како македонска иредента и територијална аспирација и како потенцијално загрозување на нивниот суверенитет. Со ова објаснување ја добија меѓународната подршка, а ние кои со знамето ја „заработивме“ географската одредница, со антиквизацијата го добивме „ерга омнес“.


Но, денес, вмровската агресивна и примитивна ролја ја игра бугарската држава, условувајќи го подигањето на нивното вето за нашите евроинтеграции со прифаќањето на нивните историски наративи кои будалите ги проектираат врз целата суверена територија на нашата Република!? Тие бараат да „признаеме“ само некои финесни „историски вистини“: дека Македонците се Бугари, а Македонија е света бугарска земја! Ова објаснување на нивните услови е јасно и гласно напишано во нивниот Објаснувачки меморандум, и единственото нејасно е зошто ние исто толку гласно не му кажеме на светот – и на малоумните вмроизирани соседи, разбира се – дека бугарските барања ги сметаме за загрозување на територијалниот и државниот суверенитет. И, дека е тоа отворена територијална аспирација што не може да биде предмет на никакви преговори или разговори, а најмалку што може е да биде рамка за предпристапните преговори со Унијата.

На Унијата треба нежно да ѝ навестиме дека не може со техниката на одлучување со консензус да ја „покрива“ и игнорира фашизоидната и анексионистичка содржина на бугарските ултиматуми. Ама нежно. И дека ако не е во состојба самата да го реши бугарскиот проблем на своето проширување, тогаш нека не се проширува на бугарски начин. И тоа нежно, нежно.

Карикатури: Игор Смирнов (Русија)

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото