На Вардар и Металург им е гајле што имаме само една Триумфална порта

31.03.2014 09:36
На Вардар и Металург им е гајле што имаме само една Триумфална порта

Скопје, 31 март 2014

Најдобрите македонски ракометни екипи Вардар и Металург не покажаа разбирање за фактот дека Македонија за сега располага само со една Тримфална порта. И двете екипи се пласираа во четвртфиналето на Лигата на шампионите, елиминирајќи ги фаворизираните противници од Германија, односно Данска.

Особено не е во ред тоа што го направи Вардар, кој по нерешениот натпревар против европскиот шампион Хамбург во Скопје, воопшто не беше планиран за поминување под Триумфална, а со победата на гостински терен создаде дефицит од триумфални капии во земјава.

„Металург и Вардар го игнорираа фактот дека немаме две порти. Не дека за некој скромен хонорар Вале не може да склепа уште една од страната од кај Телеком, ама до утре не може да се стаса. Вака сме приморани утре да направиме две поминувања, едно за синиот караван, друго за црвено-црниот. Замислете овој викенд да беше и победата на Кајмакоски. Па, која порта би можела да издржи толку триумфи“, вели Викторио Порталов, шеф на протоколот за поминување под Триумфалната порта.

Тој апелира итно да се изградат уште неколку порти низ Македонија, за да не се најдеме уште еднаш во ваква ситуација како држава.

Извор: kozanostra.net