РК Вардар е европски шампион!

05.06.2017 09:18
РК Вардар е европски шампион!

Македонскиот шампион Вардар е нов европски првак во ракомет, откако во неверојатна драма во „Ланксас арената“ го совлада ПСЖ со 23-24 (12-11) и првпат стана шампион на стариот континент.

Ремили брзо го доведе ПСЖ во водство, но по само три минути Лука Карабатиќ го заработи првото исклучување. Чупиќ и Душебаев возвратија со индивидуални потези за прво водство на вардарци (1-2). По прекрасната акција до крило, Дибиров во 10. минута првпат донесе +2 за вардарци.

Арпад Штербик добро влезе во мечот и брзо имаше пет интервенции. Французите почнаа брзо да грешат и Сердарушиќ побара минута одмор откако Шишкарев погоди за 2-5. Брзо реагираа „сините“ и Хансен и Генсхајмер намалија на 4-5. По шест минути без постигнат гол, Дибиров го матира Омејер за 4-6 во 17. минута. Штербик бранеше и возможно и невозможно и доби стоечки овации кога го одбрани седмерецот на Генсхајмер.

Водени од Абало и Карабатиќ, ракометарите на ПСЖ пак се вратија блиску до Вардар и намалија на 6-7 во 22. минута. Никола Карабатиќ отиде грубо врз Борозан и заработи прво свое исклучување, а Марсениќ со ефектен гол врати на +2 во 25. минута.

По долго ловење на резултатот, Хансен од седмерец погоди за 10-10 во 28. минута. На половина минута до одморот, Степанчиќ од контра напад го донесе првото водство на Французите (12-11), резултат со кој се замина на одмор.

Второто полувреме почна со игра гол за гол, па Циндриќ и Дибиров го одлепија на 13-15 во 38. минута. Ризичната игра без голман на ПСЖ ја искористија Абутовиќ и Шишкарев со голови од своето поле за 17-20 во 43. минута. Момците на Сердарушиќ реагираа и преку Хансен и Нарцис намалија на -1. На осум минути до крајот Генсхајмер погоди контранапад за 21-21 и нова финална драма.

Раул повика тајм-аут на седум минути до крајот, а по грешката на Хансен. Дибиров го врати Вардар во водство. Следеше гол на Борозан за +2 во 55. минута. Ремили намали на -1, а останаа само две минути до крајот. Омејер му одбрани зицер на Дибиров, па Сердарушиќ повика минута одмор при 22-23. Следеше израмнувачки гол на Нарцис, но по тајм-аутот на Сердарушиќ, Вардар преку Чупиќ го погоди последниот напад за победа од 23-24 и европска титула за Вардар.

Штербик блескаше на голот на Вардар, Дибиров постигна 6 гола, но целиот колектив одигра фантастично. Кај ПСЖ најефикасен беше Никола Карабатиќ со 5 гола.

Шпанскиот стратег Раул Гонзалес, кој за неполни четири сезони откако дојде во Вардар го искачи македонскиот првак на врвот на Европа, и по најголемиот успех во својата кариера остана скромен. Како најзаслужни за големиот спортски успех ги посочи своите ракометари.

„Честитки до ПСЖ, до играчите и до тренерот за одличните игри сезонава. Секако дека сум горд на мојот тим, на овој огромен успех, моите играчи се најдобри во светот. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, на управата, на сите во Македонија за поддршката што ни ја даваа цело време. Не би сакал да говорам премногу за натпреварот, сите видовте што се случи. Му ја посветувам оваа победа на своето семејство и на својот најдобар пријател Хота Гонзалез“ – истакна Раул Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.

Капитенот Стојанче Стоилов уште еднаш потврди дека карактерот на „црвено-црните“ беше главен фактор за овој историски успех на македонскиот ракомет.

„Горд сум што сум капитен на овој тим. Цела сезона покажавме карактер и храброст, ова беше нашиот ден. Ние секојдневно повторувавме дека не дојдовме овде само да играме, туку и да победиме. На крајот го сторивме токму тоа“ – додаде македонскиот репрезентативец во таборот на Вардар.

По победата на Вардар, илјадници фанови славеа на улиците на Скопје, а најголем број се собраа во центарот на градот, каде со песна и запалени факели славеа до доцна во ноќта.

 

Извор: gol.mk / ekipa.mk / sportmedia.mk