Ден на слободата на медиумите: Со репресија против вистината, новинарите на нишан на автократиите

03.05.2014 13:37
Ден на слободата на медиумите: Со репресија против вистината, новинарите на нишан на автократиите

Блокирање на пребарувачите на интернет, високи цени на интернетот, мачење на активистите за да ги дадат своите фејсбук и твитер лозинки, донесување на закон кој контролира што луѓето смеат, а што не смеат да разговараат online...

Ова се само некои од начините на кои властите од Кина до Сирија, преку Куба до Азербејџан, ги спречуваат новинарите, блогерите и активистите да проговорат за кршење на човековите права, предупредува Amnesty International.

Во некои држави онлајн критикувањето на владејачките структури е толку опасно што според организацијата Репортери без граници, 2011 била најсмртоносна година за интернет активистите. Неколкумина од нив се убиени во Бахреин, Мексико, Индија и Сирија.

Задушувања и замолчувања

И покрај сѐ новинарите, блогерите и активистите наоѓаат нови начини да ги заобиколат контролите на интернет и така се осигуруваат дека нивните гласови допираат до милиони луѓе во светот.

„Државните власти ги напаѓаат интернет новинарите и активистите бидејќи се свесни дека овие храбри поединци и активисти можат многу ефикасно да го искористат интернетот за прозивање на владејачките структури.Мораме да се спротивставиме на сите настојувања на владите во светот во обидот да ја поткопаат слободата на изразување“, изјави Видни Браун, директорка за меѓународно право и политика во Amnesty International.

Што се однесува на Европа, Amnesty ги наведува бирократските режими во поранешниот Советски Сојуз: задушување на протестите, замолчување на критиките... Посебно опасно за активистите и новинарите е во Азербејџан, Узбекистан и Туркменистан, додека во Русија сликата е шаренолика.

Од континентите, најлошо е во Африка, особено во Етиопија и Гамбија, каде владее строга контрола на медиумите од страна на безбедносните агенти чија работа е да ги замолчат неистомислениците. Новинарите во Етиопија и Руанда заради своите ставови неретко се во затвор, додека во Сомалија се изложени на напади.

Иранска кибер-полиција

Тешко е на Блискиот исток, но таму просторот за медиумско исктражување почна да доживува трансформација во земјите како што се Тунис и Либија. Сепак, во регионот и понатаму преовладуваат правни и други ограничувања на медиумските слободи. Во Иран се распоредени припадници на новооснованата кибер-полиција, а во Саудиска Арабија се воведени нови казни за објавување материјали кои се во спротивност со шеријатскиот закон.

Amnesty ги анализира подрачјата на Северна и Јужна Америка каде новинарите се честа мета на напади и вознемирувања. Државните власти или бандите во Мексико, Колумбија, Куба, Хондурас и Венецуела често ги малтретираат новинарите што се занимаат со прашањата на човековите права, злоупотреба на моќта и корупција.

Извор: radiosarajevo.ba