1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Глен Гринвалд е херој на нашето време. Но загрижува што стана херој не поради своите истражувања, коментари, колумни и контактите со свиркачот Едвард Сноуден, туку поради медиумите, новинарите, неговите колеги кои ја издадоа својата професија, ја заборавија етиката и ја изгубија смислата на постоење.
Најпрво тоа изгледаше како уште еден американски испад, цртичка од земјата на презентерите, еден од оние накарадни телевизиски моменти, кои во последно време ги има во изобилие. Во jуни Гринвалд во емисијата Meet the press на Ен-Би-Си, го прашаа речиси обвинувајќи го, „зошто го поддржал и помагал Сноуден“. Новинар на Ен-Би-Си кој го инкриминира новинарството, ја омаловажува работата на својот колега и го доведува под сомнеж неговото истражување: тоа е премногу дури и за земја во привремена духовна блокада.
Но паранојата не е искривена стварност и изобличен светоглед, ниту симптом на страв и несигурност. Паранојата, а тоа најдобро го илустрира оваа епизода на застрашување, произведува страв и несигурност, создава свој сопствен свет, го заменува размислувањето и на тој начин станува сојузник на моќните. Оваа кратка, но историска „размена на удари“ на Јутјуб делува како возење во спротивен правец по еднонасочните улици на постдемократијата.
Сцената е толку гротескна, бидејќи тука кон Гринвалд се однесуваат поостро, подиректно и понепристојно отколку кон кој било политичар. Меѓутоа, тоа не беше исклучок. Сѐ се повтори уште на почетокот на октомври, кога Би-Би-Си, да се послужиме со зборовите на блогерот Алистер Ферведер, стана „слуга на државната безбедност“: „Зошто“, го праша Гринвалд искусната новинарка Кристи Варк, „си земате за право да одлучувате што е во интерес на јавноста, а што во интерес на националната безбедност?“
Затоа што тоа е негова работа, Кристи! Некои тоа го нарекуваат новинарство.
Што се случи потоа? Сѐ како да се повтори кога на почетокот на неделава колумнистот на британски Independent напиша дека тој не би го објавил откритието на Сноуден, „бидејќи кога MИ5 ќе предупреди дека станува збор за национален интерес, кој сум тогаш јас да не им верувам?“
Глен Гринвалд во својата последна колумна во Гардијан го нарече тоа „совршен епитаф за новинарството на естаблишментот“. Следниот ден се прости од овој вид новинарство и објави дека од сега ќе работи за e-bay милијардерот Пјер Омидијара, кој развива сопствена дигитална новинарска плаформа и кој малку патетично, но не и неуверливо, објаснува „дека го прави тоа за да ја сочува демократијата“.
Овде не е необично тоа што медиумската ѕвезда на нашето време бара нов работодавец, ниту е необично тоа што во 2013 еден филантроп, активист и Карнеги на нашето време, дојде до идеја да направи нешто за што забележува дека постои институционален дефицит. Необична е оваа паника, со која дел, и тоа т.н. либерален дел од англиските и американските медиуми го прогонуваат својот колега кој, како што водителката од Би-Би-Си повеќе непријателски отколку со почит вели, е „одговорен“ за откритијата на Сноуден.
Како овој отров продре во главите на новинарите? Како во една слободна земја може да се напише орвеловската реченица дека „државата знае што е добро за нас“? Дали е тоа доволно објаснување за излитениот популизам на Кристи Варк, која се смета себеси за претставничка на британското тивко мнозинство, „која шпионажата на NSA и GCHQ ja прави спокојна“?
Што се случува со новинарството кое своите и онака економски загрозени темели сега и содржински ги уништува?
Извор: Spiegel