Сноуден и Гринвалд (4)

03.01.2014 11:09
Сноуден и Гринвалд (4)

Наредните две недели Гринвалд секое утро разговарал со Сноуден, а потоа правел пауза за да пишува и повторно да се врати во текот на денот за да разговараат, а често го продолжувал разговорот и онлајн. Сноуден секоја вечер заспивал околу 22:30 или 23:00 часот и тоа им го најавувал на новинарите. Додека Гринвалд едвај спиел по неколку часови, наутро Сноуден го дочекувал одморен и свеж. „Само што не стана најбараниот човек на планетата“, зборуваше Гринвалд, „а спие како да нема ниту една грижа во животот“. И тој, и Поитрас биле „заразени“ со идеализмот и ентузијазмот на младиот човек, признава Гринвалд, па и неговите уредници во Гардијан, кој ја објавил првата приказна за октритието, во среда на 5 јуни. По извештајот за тајниот судски налог, со кој во април 2013 година, компанијата Веризон била принудена да ѝ ги предаде податоците за своите корисници на безбедносната агенција, на 6 јуни следеше приказната за програмата PRISM, а потоа уште една, на 7 јуни, со која е објаснето на кој начин британскata GCHQ имала пристап до програмата PRISM за собирање податоци за корисниците на американските компании. Наредниот ден, 8 јуни, Гринвалд и Мекаскил во Гардијан ја објавија репортажата за интерниот алат на НСА под назив „Бесконечен разузнавач“ кој снимал, анализирал и ги следел податоците кои ги собира агенцијата – од што произлегло дека директорот на националната разузнавачка агенција Џејмс Клапер го лажел конгресот кога тврдел дека НСА не ги следи комуникациите на милиони американски граѓани.

Оттогаш, Гринвалд не се одвојува од пакетот документи, складирани на различни уреди, кои ги носел секаде во својот ранец. Најголемиот страв на Сноуден, наведува Гринвалд, бил дека целиот тој материјал ќе се открие но дека никому нема да му биде грижа; меѓутоа, се случило токму спротивното. На 7 јуни Обама беше принуден да признае дека неговата администрација собирала огромни количини разузнавачки податоци од обичните граѓани, но тврдеше дека станува збор за „скромен прекршок“ над приватноста. „Не можете да имате стопроцентна безбедност а да имате стопроцентна приватност и нималку непријатности“, рече претседателот.

Потоа, на 8 јуни НСА официјално го претстави „криминалниот извештај“ за објавување на своите чувствителни податоци, и започна кривична предистрага за тоа што сè можело да истече како информација. Следниот ден Сноуден истапи во јавноста преку видео прилог кој го снимила Поитрас, објавен на веб страницата на Гардијан. Откако најмил два адвокати од Хонг Конг, кои прво ги проверил правниот тим на Гардијан, со светскиот печат зад петите, на 10 јуни Сноуден во придружба на адвокат го напуштил хотелот „Мира“ низ задниот излез и исчезнал. Поитрас се прашувала дали некогаш повторно ќе го види. Гринвалд верувал дека нема да го видат повеќе. „Навистина мислев дека кога ќе го видиме следниот пат, веројатно ќе биде на телевизија додека, облечен во портокалово затворско одело и во ланци, го спроведуваат во судницата“.

На 21 јуни администрацијата на Обама подигна кривична пријава против Едвард Сноуден за три дела, од кои две се од стариот закон за шпионажа, кој за помалку од сто години бил користен само девет пати во федералните обвиненија – од кои дури шест се подигнати во последните шест години. Сноуден стана седмата личност под обвинение од овој закон кое го покренала Белата куќа на Обама, која воедно, покренала повеќе истраги против алармирачите на јавноста отколку која било администрација во американската историја. Бројни американски официјални лица, вклучувајќи го и државниот секретар Џон Кери, го прогласија Сноуден за предавник. На конференцијата за сајбербезбедност одржана оваа есен, поранешниот директор на НСА, Хајден, правеше шеги за ставање на Сноуден на листата за отстрел. „Ќе ви помогнам околу тоа“, возврати конгресменот Мајк Роџерс, шеф на комитетот за разузнавачки служби.

Следен со тешки осуди заради блокбастер извештајот на Гринвалд, Поитрас и Бартон Гелман од Wahsington Post – кој од Сноуден, преку Лора Поитрас, исто така добил комплет документи – Сноуден го започна своето патување, како што тоа го нарече една од неговите правни советнички Џеслин Радак, во „подземната мрежа“ застапници и симпатизери на алармирачите на јавноста во планетарната драма со која управува Џулијан Асанж.

Кратко откако Сноуден го напуштил хотелот „Мира“ и преминал во сигурна куќа во Хонг Конг, неговите адвокати добиле повик од Кристин Храфенсон, новинарка и претставничка на Викиликс од Исланд. Храферсон слушнала дека Сноуден би можел да бара азил во Исланд. „Беше логично да нè прифати за сојузници“, ми вели Храферсон. „Во тој момент немаше многу“. Набрзо потоа, 31 годишната Британка Сара Харисон, долгогодишна соработничка на Асанж, стигнала во Хонг Конг за да известува за Викиликс и да го испрати Сноуден од градот. Во наредните четири месеци не се одвоила од него.

Асанж живее во егзил во амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од една година и таму, на 24 јуни одржа конференција за печат на која ја презема одговорноста за успешното спроведување на Сноуден од Хонг Конг во Русија, каде по 39 дена поминати на меѓународниот аеродром во Москва – и барањата за азил поднесени до 21 држава – Владимир Путин му одобри привремен едногодишен азил.

Тоа беше важен момент за Асанж кој, како што забележува еден известувач „мора да полудел додека гледал како сите тие откритија одат кон Глен и Лора“ а кои не ги споделиле со Викиликс туку ги објавувале во мејнстрим медиумите како Гардијан. Во телефонски разговор Асанж го обвинува Гардијан, со кој е во отворен конфликт од 2010 година, дека „го напуштил“ Сноуден во Хонг Конг. Ова тврдење, преку Викиликс, Асанж повеќепати го повтори на Твитер, иако Гринвалд како и други вработени во Гардијан, тврдат дека тоа е погрешно претставување на фактите. „Сноуден јасно кажа дека не сака да ги вклучи новинарите во своите идни планови и тоа, колку што сфатив, затоа што не сакал понатаму да ги вплеткува во неволји“, вели еден уредник од Гардијан.

Сепак, Викиликс се држеше до својата верзија. „Ја разбравме ситуацијата“, вели Асанж. „Работевме преку дипломатски мрежи и се погриживме правата на господинот Сноуден да бидат заштитени. Со тоа покажавме дека Викиликс како медиумска институција има ресурси, капацитет и волја која многу медиумски организации ја немаат“.

Сноуден беше несомнен благослов за Викиликс, која од 2011 година се соочува со недостаток од финансии (минатата година, наводно, Викиликс добила 93 000 долари донации што не покрило ниту една петтина од годишниот буџет од 530 000 долари). Откако Сноуден излезе во јавност, донациите почнаа повторно да достигнуваат и до 1 300 долари дневно. Викиликс сега продава маици, шолји и торби со ликот на Сноуден (исчезна профилот на Бредли Менинг, кој некогаш го украсуваше сличниот прибор).

Гринвалд има комплициран однос со Викиликс и Асанж, кого го смета за сојузник иако со оглед на тоа дека Асанж има контроверзна репутација во САД, вели дека „настапот на Џулијан во целата приказна не беше баш најдобар за Сноуден“. Меѓутоа, ќе се сложи дека Асанж го спасил Сноуден од речиси извесно испорачување во Америка. Сепак, Сноуден никогаш не сакал да оди во Русија, а тоа го признава и Асанж. „Веруваше дека би било најдобро од Латинска Америка да врши притисок за промени во САД“, ми вели Асанж. „Не сакаше да му се прилепат политички обвиненија дека пребегнал“.

Асанж не се сложил. „Додека Венецуела и Еквадор можеа да го заштитат краткорочно, на долги патеки треба да се мисли за можна промена на власта. Во Русија е безбеден, за него владее поволно мислење и тоа веројатно нема да се смени. Тоа беше мојот совет за Сноуден, дека физички ќе биде најбезбеден во Русија“. Асанж исто така тврди дека Сноуден докажал дека може „не само да се преживее алармирањето на јавноста околу националната безбедност, туку и да се напредува“.

Не е познато колку напредува Сноуден во Русија. Според зборовите на неговиот руски адвокат, Анатолиј Кучерен, тој го учи јазикот и чита руска литература (неодамна ја прочитал „Злосторство и казна“ од Достоевски). Наводно почнал да работи во некоја руска интернет компанија. Гринвалд вели дека редовно разговара со Сноуден преку шифриран чет, но додава дека знае многу малку за неговиот секојдневен живот: „Тоа се прашања од кои се дистанцирам, и заради неговата, и заради својата безбедност“. Радак и Дрејк го посетиле неодамна како членови на делегација на алармирачите на јавноста; ги спровеле на таен состанок и вечера со него во раскошна куќа во близината на Москва. Дотаму ги однеле со комбе со затемнети стакла, ноќе, па затоа не знаеле каде одат. Радак сепак тврди дека Сноуден не го контролира руската разузнавачка служба FSB и дека не станал руски шпион. „Русија би ги третирала своите шпиони многу подобро отколку да ги остави заробени во транзитна зона на аеродром повеќе од месец дена“, се сеќава Радак на црниот хумор на Сноуден.

Меѓутоа, тоа што можеби не е руски шпион, вели Андреј Солдатов, еден од водечките руски истражувачки новинари, не значи дека е слободен. „Сосема е јасно дека Сноуден го штити FSB“, вели Солдатов, коавтор на книгата Ново племство: Обнова на руската државна безбедност и трајното наследство на КГБ (2010). Тоа значи дека секој контакт на Сноуден, секој негов чекор, е под надзор на руските разузнавачки служби. „Куќата во која се сретнал со алармирачите на јавноста? Ја изнајмува руската влада. Сите тие сигурни куќи, станови и дачи каде некогаш престојувале пребегнатите, се во сопственост на руските безбедносни служби. Никој не успеал да открие каде е вработен, ако воопшто работи. FSB никогаш не би му дозволила да работи ако не може да врши надзор над неговата комуникација“. Дури и ако Сноуден посака да оди во американската амбасада и да се предаде „не би му било лесно да најде потполно неконтролиран канал за комуникација со американците“, вели Солдатов.

Солдатов верува дека Сноуден можеби го потценува степенот на надзор на кој е изложен. „До која мера се променил досега? Сноуден не е обучен разузнавач. А обучените разузнавачи можат да ви кажат дека ако живеете во контролирано окружување, престанувате да бидете ментално независни затоа што сè и сите околу вас, исто така, се под контрола. Нема врска дали имате лаптоп“.

Кога станува збор за Гринвалд, во текот на изминатите шест месеци тој стана меѓународна ѕвезда и кога се сретнавме веќе јаваше на бранот на дотогашната невидена слава. Даваше изјави за буквално секаков медиумски облик кој му е познат на човештвото, раскажа приказни од огромно значење не само во медиумите на англиски јазик, го освои бразилскиот еквивалент на Пулицер за приказната која ја напиша во соработка со бразилскиот весник Globo за размерите на шпионирањето што го спроведува НСА во таа земја.

За да ја заштитат документацијата – и за да избегнат сериозни правни импликации – Гринвалд и Поитрас се договориле дека никој освен нив никогаш нема да добие пристап до целокупната колекција од документи (Гелман од Washington Post има сопствен примерок). Дистрибуираат релевантни информации во посебни текстови, секогаш со своето име, „за да ги држат медиумските организации на дистанца“. Иако некои критичари и понатаму тврдат дека Сноуден, кој во Хонг Конг носел четири лаптопи, сигурно им отстапил тајни на Русите или Кинезите, Гринвалд инсистира дека тоа не е точно. Не само што во Русија не носел ништо со себе – „тоа не би му служело на јавниот интерес“, вели – тој веќе не може ни да ѝ пристапи на документацијата. „Изградил посебно шифрирани ќелии но на тој начин што нема да ја има лозинката за пристап; други луѓе ги имаат лозинките“, вели Гринвалд кој додава дека архивата која ја „осигурал“ ќе биде отворена само ако му се случи нешто на Сноуден. Гринвалд не открива кои се тие „други луѓе“. Американски официјални лица застрашувачки ја споменуваат оваа архива, веројатно сместена на податочен облак (онлајн сервис за складирање податоци), како прекинувач за „судниот ден“.

Во август, партнерот на Гринвалд, Дејвид Миранда бил задржан на лондонскиот аеродром заради Сноуден. Миранда бил на пат за Рио, по една недела одмор во Берлин каде се сретнал со Лора Поитрас, која му предала некои документи од Сноуден за да му ги предаде на Гринвалд. Британската полиција го запрела на влезот во транзитната зона. Властите му го одзеле материјалот како и лаптопот, мобилниот телефон и другите електронски уреди и ги барале лозинките за шифрираната електроника. Го држеле и испитувале девет часови, пред конечно да му овозможат да го продолжи патот за Бразил.

Гринвалд кој од Миранда барал да му ги донесе документите, бил бесен. „Тоа беше проклет напад на слободата на печатот. Новинарството не е злосторство ниту тероризам. Ненормално е секој новинар на светот да не биде бесен заради овој агресивен напад“.

Многумина беа вчудоневидени заради злоупотребата, но методите на Гринвалд и нескриеното денунцирање на критичарите, ја доведоа во прашање неговата агенда. „Тоа е внимателно изграден наратив“, вели Џејмс Луис од CSIS. „Имаат документи кои се однесуваат на странското шпионирање на Америка, но ниту еден не е објавен. Наместо тоа, ова е смислено така што јавноста ќе ја наведе на одреден заклучок, дека само Америка е таа која шпионира. Факт е дека не ги објавија и другите документи, што сето тоа го прави сомнително. Спинуваат токму како и американската влада“.

Прашање е дали американските власти го сметаат Гринвалд за закана. Иако е извесно дека живее далеку подобро од Сноуден, и Гринвалд, како што вели Радак, е „слободен но неслободен“. Живее удобно во Рио, но не знае кога ќе може да се врати дома. Иако главниот правобранител Ерик Холдер неодамна рече дека „не е сигурен дали постои основа за тужба“, Гринвалд не е убеден дека ќе помине лесно. Веројатно нема да го извлечат од авион и да го уапсат на граница – барем заради лошата репутација во печатот, ако ништо друго – но никогаш не се знае. „Можат да подигнат тајно запечатено обвинение и нема начин да ги принудите да кажат дали имаат намера да ве уапсат. Така што теоретски секогаш можете да бидете во неизвесност“.

Ситуацијата со која во моментов е соочен Едвард Сноуден е исто така неизвесна. Координаторот на неговите адвокати, Бен Визнер од американската унија за граѓански слободи (ACLU) составил тим за кој се надева дека може да овозможи некаков договор со кој Сноуден би добил азил во некоја поотворена земја како што е Германија, а можеби дури „еден ден, кога климата ќе биде поповолна“, да се врати во Америка без страв од прогон. Но тој ден сè уште не е дојден, признава Визнер. „Тоа нема да се случи преку ноќ“.

Засега Сноуден останува во Русија. Живее во стан или куќа која досега никој не успеал да ја открие; можеби е вработен, заштитен од јавноста од страна на државната безбедност, комуницира преку шифрирани мејлови и зборува на чет со неколку луѓе, но никој од нив не знае како живее. „За мене, тој е повеќе од обичен извор“, вели Гринвалд. “Сметам дека е јуначки храбар. Се грижам за него и не сакам да го видам в затвор – тоа би била ужасна травестија и штета“.

Гринвалд вели дека Сноуден стекнал „огромна популарност“ во Русија каде луѓето се обидуваат да погодуваат какви се неговите движења, се прашуваат кој е неговиот следен чекор. Руските папараци, фрустрирани од обидите да го пронајдат, продаваат лажни слики од Сноуден во супермаркет. „Таму е како Елвис“, вели Гринвалд. Но, сепак, тоа е Русија. „Ми се чини дека на САД всушност им одговара тој да биде во Русија затоа што така им е полесно да го сатанизираат. Ако алармирачот на јавноста стане херој, луѓето почнуваат да мислат дека мора да видел некои страшни работи штом одлучил да го ризикува сопствениот живот за да излезе во јавност со тоа. Но, ако луѓето мислат дека е луд, нестабилен, дека е руски шпион, тоа ја делегитимизира премисата на целиот чин – а која гласи дека навистина видел нешто толку темелно погрешно што неговата совест барала да преземе нешто“.

Гринвалд вели дека и понатаму е под влијание на херојството на Сноуден, и вели дека е одлучен да работи во негово име. Првиот чекор ќе биде да го преземе остатокот од документите, кои ги има над 10 000 и да започне нов медиумски потфат со Лора Поитрас и истражувачкиот новинар Џереми Скејхил, со инвестиција од 250 милиони долари од технолошкиот милијардер Пјер Омидјар, основачот на eBay, кој на Гринвалд му се обратил заради откритието на Сноуден. Потфатот со работен назив „NewCo“ ќе биде посветен на истражувачкото новинарство и промислено ќе влегува во конфликт со властите. „Така ќе ја работиме новинарската работа и ќе им кажеме на властите, океј, дојдете по нас“, вели Гринвалд, очигледно воодушевен од идејата.

Сè уште не е познато како ќе изгледа овој потфат. Во октомври Гринвалд го напушти Гардијан и вели дека планира да отвори канцеларии во Њујорк и Вашингтон, како и една во Бразил која веројатно ќе биде негова. „Нема да си дозволам да бидам прогонуван од сопствената земја затоа што се занимавам со новинарство, но сè додека постои основан сомнеж дека ќе бидам уапсен и осуден заради својата работа, не можам да се коцкам“, истакнува Гринвалд. „А тоа, самото по себе, е моќно обвинение“.

(крај)

Кон третиот дел

Кон вториот дел

Кон првиот дел

Извор: http://www.rollingstone.com

ОкоБоли главаВицФото